Официјално потврдено: На Венера има кислород и среде бел ден

венера
Планетата Венера/ФОТО: Принтскрин / НАСА

Астрономите во новата студија открија атомски кислород во дневната атмосфера на Венера. Таквото директно набљудување во текот на денот на оваа планета дава драгоцен увид во сложената динамика на атмосферската циркулација на Венера, фрлајќи светлина врз мистериозниот сосед на Земјата.

Венера, иако е слична на Земјата во смисла на масата и составот, во многу други аспекти екстремно се разликува од нашата планета. Нејзините густи облаци во кои доминира јаглерод диоксид ја покриваат нејзината површина, создавајќи ефект на стаклена градина што резултира со површински температури кои достигнуваат жешки 464 степени Целзиусови.

Од овие облаци паѓа кисел дожд, а атмосферата на планетата се движи со неверојатна брзина, со ветрови што достигнуваат брзина од над 700 километри на час.

Прашањето за тоа како Венера и Земјата толку значително се разишле и понатаму останува мистерија.

Истражувањето на атмосферата на Венера е клучен елемент во дешифрирањето на разликите помеѓу двете планети и откривањето на нивната заедничка историја, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Атомскиот кислород, за разлика од кислородот што го вдишуваме (молекуларен кислород или О2), се состои од поединечни атоми на кислород со висока реактивност. Овие атоми лесно се врзуваат за другите елементи и не остануваат долго.

На Земјата ги има во изобилство на големи височини, а настануваат со фотодисоцијација на молекуларниот кислород со соларните фотони.

Сличен процес се случува и на Венера, каде сончевата светлина предизвикува фотодисоцијација на молекулите на јаглерод диоксид, давајќи атомски кислород и јаглерод моноксид.

Овие атоми на кислород се комбинираат на ноќната страна на планетата, предизвикувајќи таа да свети. Додека атомскиот кислород претходно беше забележан на ноќната страна на Венера, новото истражување означува првпат дека е откриен на дневната страна на планетата.

Физичарот од германскиот вселенски центар Хајнц-Вилхелм Хуберс и неговиот тим ги анализирале податоците што ги собрала Стратосферската опсерваторија за инфрацрвена астрономија (СОФИЈА), летајќи високо во атмосферата на Земјата.

Тие го набљудувале атомскиот кислород на 17 локации на Венера, а најголемата концентрација била приближно 100 километри над површината на планетата. Нивното истражување е објавено во списанието „Нејчр комуникејшенс“ (Nature Communications).

Оваа надморска височина се наоѓа помеѓу две истакнати обрасци на атмосферска циркулација на Венера: силниот суперротациски тек под 70 километри и протокот од субсоларниот кон антисоларниот во горните слоеви на атмосферата, на височини над 120 километри.

Ова големо откритие отвора нов пат за проучување на атмосферските транзициски зони на Венера, нудејќи подлабоко разбирање за нејзиното сложено однесување.

„Идните набљудувања, особено во близина на антисоларните и субсоларните точки, но и под сите агли на соларниот зенит, ќе дадат подетална слика за овој необичен регион и ќе ги поддржат идните вселенски мисии на Венера. Заедно со мерењата на атомскиот кислород во атмосферата на Земјата и Марс, овие податоци можат да помогнат да се подобри разбирањето за тоа како и зошто атмосферите на Венера и Земјата се толку различни“, заклучуваат авторите на студијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот