Одржувањето на „Литера 2020“ се поместува до првиот можен термин

Викендов од 10 до 12 април требаше да се одржи вториот Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Однапред беше најавено дека познатиот сликар и илустратор Ване Костуранов, со своето искуство и знаење ќе придонесеше за збогатување на визуелниот и содржинскиот сегмент на фестивалот. Од познати причини, фестивалот нема да се одржи сега.

– Фестивалот не го откажуваме, но го поместуваме по завршување на вонредната состојба. Со големо внимание ја следиме состојбата со пандемијата на коронавирусот и паралелно работиме на подготовките на „Литера 2020“. Датумот на одржување на фестивалот ќе го објавиме штом се нормализира ситуацијата – објасни Софија Семенпеева од „Ефектива“.

Планирано е годинава фестивалот да понуди и повеќе и поквалитетни содржини, како за најмладите, така и за професионалците од областа, со неколку значајни трибини, изложби на илустратори и едно многу значајно изненадување, кое организацискиот тим верува дека кај секој ќе разбуди некоја подзаборавена, убава и топла емоција.

– Во рамките на фестивалот подготвуваме многу значаен проект што има национална вредност. Дел од тој проект е и ретроспективна изложба на илустрации од Димитар Кондовски. На 8 април требаше да се случи почетокот на проектот, а новиот датум ќе биде навреме објавен – додава Семенпеева.

Годинава фестивалот воведува и награди во три категории: Најдобра сликовница за 2019; Најдобро илустрирана книга за деца или сликовница за 2019; и Најдобрa книга за деца за 2019 година. Едно од значајните имиња кое беше најавено како гостин-илустратор е и Светлан Јунакович од Хрватска, професор на Академијата за ликовна уметност во Загреб, кој подготвуваше работилница за професионалци илустратори.

На „Литера 2020“ треба да дојдат уште неколку еминентни илустратори од регионот, но во моментов приоритет за сите е да ја надминеме состојбата со коронавирусот и да излеземе здрави и посилни од оваа криза.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 26, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот