Од 1 јануари 2024 глобален минимален данок на добивка од 15 отсто за компаниите

Фото: Принтскрин

Целта на ОЕЦД е да стави крај на меѓудржавната трка со даночни ослободувања или олеснувања да се привлечат што е можно повеќе инвеститори. Нивната иницијатива е поддржана од 140 земји, а ќе ги засегне 8.000 светски мултинационални компании со годишен приход од над 750 милиони евра

Педесетина странски компании што работат во земјава, ќе бидат опфатени од глобалниот минимален данок на добивка од 15 отсто, кој ОЕЦД им го наметна од 1 јануари годинава. Првите симулации на „Прајс вотерхаус куперс“, покажале дека македонскиот буџет по таа основа ќе претрпи одлив од најмалку 30 милиони евра на годишно ниво, обелодени Мирослав Марчев, кантри менаџинг партнер на ПВЦ во Македонија. Според Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори, ова е комплексна материја за која уште лани разговарале со Министерството за финансии, бидејќи земјава принципиелно ја поддржала иницијативата на ОЕЦД, но засега нема најави за дополнително оданочување во домашното законодавство. Најпросто кажано, целта на оваа даночна реформа, која некои ја нарекуваат и „тектонска“, е веќе да не постојат даночни ослободувања. Поточно ОЕЦД сака да стави крај на меѓудржавната трка со даночни ослободувања или олеснувања да се привлечат што е можно повеќе инвеститори и да нема даночни раеви. Нивната иницијатива е поддржана од 140 земји, а ги засега 8.000 светски мултинационални компании со консолидирана добивка од над 750 милиони евра.

– Овој данок ќе закачи околу педесетина странски компании, од кои дел работат и во ТИРЗ-зоните. Ние подолг период дискутираме со властите, но не очекуваме дека ќе излезат со конкретен предлог до изборите. Во меѓувреме на компаниите низ конкретни примери ќе им ги претставиме ефектите, но и идеите како да се справат со овој данок. Тука секако државата треба да размисли како ќе одговори од аспект на даночните ослободувања и идната државна помош за странските компании. Бидејќи кај нас ако остане корпоративниот данок од 10 отсто, тоа ќе значи дека инвеститорите во земјите од кои доаѓаат, ќе треба да ја доплатат разликата до 15 отсто колку што изнесува глобалниот минимален данок и тоа ќе биде уплата во матичните држави – објасни Мизо, без да сугерира дали државата треба да ја напушти идејата за даночни и други бенефиции до влезот во ЕУ.

Советот на странски инвеститори лани иницирал дискусија со Министерството за финансии и иако им било ветено дека државата ќе има транзициски период, од 1 јануари годинава данокот е воведен на глобално ниво, така што сите компании што работат во или надвор од зоните и без разлика дали примаат државна помош, ќе треба да ги разгледаат ефектите како тоа ќе влијае врз нив, додаде Мизо.

– Сакаме да дадеме и наш предлог како идните потенцијални даночни политики на државата да се адаптираат за да имаме оптимално искористување на државната помош или ослободувањата. Целта ни е да го разгледаме овој данок, оти даночниот одлив не е ништо позитивно за никого. Не навлегувам во дополнителни субвенции од државата, туку само ќе ги разгледаме ефектите. Сметаме дека ова ќе се одвива по изборите, па ќе видиме како ќе се адаптираме како држава – поентираше Мизо.

Ова е комплексна материја, вели бугарскиот експерт Марчев, а првите плаќања треба да почнат од 2026 година и тие ќе се однесуваат за работењето од оваа година.
Опфатот е за оние компании што имаат годишен приход од 750 милиони евра, без разлика дали се домашни или странски. За среќа, во земјава нема толку богати фирми, што значи дека данокот ќе го плаќаат фирмите што имаат седишта во странство, а работат кај нас. Бугарија и Хрватска како земји членки на ЕУ веќе го имплементираат овој данок, а земјите од Западен Балкан не.

– Сакаме да продискутираме и да размислиме за идеите околу импликациите за фискалните аспект, а секоја компанија поединечно да размисли за последиците и да постапува сама или здружено – додаде Марчев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот