Образование во вонредна состојба: Снајди се па учи

Фото: МИА

Учењето на далечина за дел од семејствата е голем проблем затоа што има примери кога двајцата родители се уште одат на работа и немаат време да учат со децата, а има и многудетни семејства со еден комјутер во домаќинството, па стресот и нервозите им се секојдневие.

Секој се снаоѓа како што знае и умее – таква е моментно состојбата во сите семејства каде што има ученици кои веќе 15 дена седат дома поради пандемијата со коронавирусот и практикуваат учење на далечина. Приказните се разновидни, а комбинациите бескрајни затоа што дел од училиштата и наставниците добро се снајдоа и брзо ги организираа предавањата и задачите, но има и примери во кои родителите се оставени сами на себе. Во некои семејства со поголеми ученици родителите се уште одат на работа и немаат многу контрола колку и што учат нивните деца, а има и повеќедетни семејства каде физички е невозможно секое дете да ја следи наставата преку комјутер или мобилен телефон. И самата технологија е проблем, затоа во многу семејства немаат компјутери туку само мобилни телефони и се случува да не можат да ги отвараат документите што ги испраќаат наставниците.

Во игра се сите начини на комуникација на кои можеле да се сетат наставниците, учениците и родителите. Тие комуницираат во групи на вибер, месинџер или други апликации, одржуваат видеоконференции преку скајп, учениците ги фотографираат изработените задачи и ги испраќаат на мејл итн.  Од вчера на сите им е на располагање и веб-страницата www.eduino.gov.mk што ја изработи Министерството за образование на која се поставени 15-минутни видеопредавања што се снимени од наставниците за сите задолжителни предмети.

– Програмата воопшто не е скратена и наставниците постојано ни испраќаат материјали за учење. По цел ден учиме и пишуваме домашни задачи. И покрај големиот труд што го вложувам, успеваме да поминеме до околу 90 отсто од зададениот материјал. Учењето на далечина тешко ни падна на сите – вели една самохрана мајка на четири деца, ученици во основно образование.

Таа и самата е наставничка по англиски јазик и вели дека поради тоа не и е толку тешко да им предава и на сопствените деца, а олеснување и е и што поради вирусот не оди на работа.

– Образовната програма на МТВ не ни беше многу од корист затоа што наставниците предаваа на здодевен класичен начин и воопшто не го задржаа вниманието на моите деца. Одредени предмети се голем проблем, на пример лекциите по информатика ни е тешко да ги совладаме дома и тоа создава големи нервози и фрустрации. Слично е и со лекциите по математика, затоа што не е секој математичар за да може дома да им објаснува да децата од повисоките одделенија и јас се консултирам со колешки по математика. Тешко е и со лекциите по германски јазик, кој  слабо го познавам и не можам да го исправам детето ако греши – вели оваа мајка.

Таа ни раскажа и пример како се снашла нејзина колешка, наставничка на второоделенци, која преку апликацијата зум секој ден во одредено време им одржува предавања на децата. Сите истовремено се приклучени и ја следат наставничката, а предавањата се снимени во апликацијата и можат повторно да се гледаат.

Друга мајка, која оди на работа и тоа во смена од 12 часа е револтирана од целата ситуација затоа што иако сака да му помогне на своето дете во учењето на далечина – едноставно нема време.

– Многу ми е тешко. Моите деца се седмо и девето одделение. Немаме добар комјутер, децата се снаоѓаат со телефони, но јас голем дел од времето не сум дома и не можам да им помагам во наставата. И секако, не ни знам да им помогнам по секој предмет. Се враќам дома преморена, а работи и сопругот. Како да им помогнам? Треба да ги фотографираат домашните задачи и да ги испраќаат по мејл, а ние во моментов тоа не можеме да го правиме поради застарените уреди што ги имаме дома – вели таа.

Има ситуации и кога родителите заради вирусот овој период работат од дома, па и тие се жалат дека немаат доволно време.

– Што поскоро да правиме во денот? Имаме три деца основци, а двајцата родители сега работиме од дома. Тоа значи дека комјутерот во најголем дел од денот е зафатен за нашите потреби и децата не можат да дојдат на ред. Добро е што наставничките еднаш неделно на сајтот на училиштето прикачуваат материјали по секој предмет за целата недела, па им ги принтаме задачите и наставните листови дома. Еднаш неделно треба да ги испраќаме сработените домашни на мејл. Се снаоѓаме, но ваквниот начин на учење од дома е некако прикрпен и неосмислен. Ова треба да е лекција и за надлежните од Министерстворо за образование да почнат да прават повеќе алатки за учење од дачечина – вели таа.

Една мајка, пак, ни раскажа дека нема особени проблеми, затоа што училиштата на нејзините деца добро се организирале.

– Син ми е осмооделенец и слуша предавања на апликација преку видеоконференциска врска на која се прикачуваат наставници по неколку предмети. По другите предмети не добиваат материјали за учење, туку изработуваат проекти дома. Ќерка ми е матурантка и сега најмногу се интересира за тоа дали и како ќе полагаат матура. Јас мислам дека за дел од проблемот придонесуваат и некои родители кои не си ги познаваат доволно децата, кои пред оваа ситуација воошто не се интересираа за тоа што учат тие на училиште, а сега се затекнати и не знаат да се снајдат – вели оваа мајка.

Родителите велат дека засега немаат насоки како ќе се врши тестирањето и оценувањето, а не е јасно и кога ќе бидат уписите за следната учебна година и полагањата на матурските и приемните испити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот