Обезбедени 700.000 долари за имплементација на проектот „Пост КОВИД-општините како двигатели на одржливиот развој”

Фото: EPA-EFE/AIDAN CRAWLEY

Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој денеска потпишаа Меморандум за соработка со Програмата за развој на ОН (УНДП) за имплементација на проектот „Пост КОВИД-општините како двигатели на одржливиот развој”, за чие спроведување Владата и УНДП обезбедија по 350.000 долари.

Целта на проектот, што се спроведува од јануари 2020 година, до април 2022 година, е да овозможи регионалниот и локалниот развој да бидат инклузивни, родово сензитивни, засновани на докази, и насочен кон задоволување на потребите на најмалку развиените општини чии заедници се најтешко погодени од пандемијата на Ковид-19.

– Презедовме заедничка акција за поддршка на Општините во обезбедување на витални услуги за граѓаните. Имплементираме дополнителни мерки за да ги намалиме последиците, но и да создадеме постковид амбиент во којшто општините ќе можат посилно да го придвижат локалниот развој. Здравствената криза која што трае една година и се уште е неизвесно до кога, е закана по здравјето на луѓето, одзема животи, но има и многу други разорни последици- безмилосно ги исцрпува ресурсите на државата, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој посочи дека Општините кои што се одговорни за испорака на најсуштинските услуги, оваа година биле изложени на дополнителни трошоци за да обезбедат услови за елементарна заштита и помош на граѓаните. Во исто време, како што наведе Милевски, податоците покажуваат дека има и извесно намалување на приходите во општинските каси.

Во истражувањето направено во соработка со УНДП е констатирано дека во вториот квартал на 2020 во однос на истиот период во 2019 година, приходите се намалени во 26 општини, а расходите се зголемиле во 49 општини. Тоа зборува дека општините во коишто немало намалување на приходите, се воздржале од расходи. Главно станува збор за одложување на изградба на инфраструктурни објекти, што исто така се одразува на приходите на Општината. Целта на овој проект е да им помогне на општините преку примена на најсоодветен модел на меѓуопштинска соработка во областите на заштитата на животната средина, транспортот, намалување на ризикот од катастрофи и други области, да обезбедат квалитетни услуги со значително намалени трошоци. Ги штедиме ресурсите, за со помалку да направиме повеќе, рече Милевски.

Тој најави дека во брзо време ќе биде организиран јавен повик за општините за воспоставување на меѓуопштинска соработка во горенаведените области.

– Избраните општини ќе добијат финансиска поддршка за имплементација и воспоставување на моделот на меѓуопштинска соработка. На овој начин Општините ќе бидат финансиски стимулирани но и експертски поддржани да воспостават модел на соработка со кој што, со најмалку средства ќе можат да обезбедат најквалитетна и најевтина услуга, додаде Милевски.

Тој истакна дека Законот за локалната самоуправа дава законски основ, а постои и посебен закон за меѓуопштинска соработка, но општините самостојно ретко воспоставуваат соработка во смисла на здружување на финансиски средства и други ресурси.

– Има потреба, корисноста е голема, но им треба конкретна поддршка и финансиска, но и стручна. Преку овој проект ние ја обезбедуваме неопходната помош, а со резултатите што ќе бидат постигнати верувам дека ќе ги охрабриме и другите Општини да го применат моделот на соработка за да обезбедат поефикасни, подобри, но и поекономични услуги за граѓаните, заклучи министерот за локална самоуправа.

Постојаната претставничка на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан, при потпишувањето на Меморандумот истакна дека рамномерниот развој е основен принцип на Целите за одржлив развој на ОН и е исто така централен во глобалната понуда на УНДП за опоравување од ковид кризата.

– За да се погрижиме дека никој нема да биде изоставен, преку овој проект УНДП ја нуди својата целосна експертиза во креирањето на политики за обезбедување на рамномерен и инклузивен регионален развој, заснована на најдобрите пракси од земјата и светот. Ние веќе обезбедивме значителна поддршка за забрзувањето на дигитализацијата на локално ниво која ќе ја прошириме и со оваа нова иницијатива, изјави Сахакјан.

Една од главните активности во рамките на ова партнерство ќе биде јавен повик за финансирање на иновативни меѓуопштински проекти кои ќе адресираат конкретни проблеми на локалното население. Особен фокус ќе биде ставен на технолошки иновации во обезбедувањето на јавните услуги и зголемувањето на ефикасноста на меѓуопштинската соработка.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи нагласи дека Бирото како институција-имплементатор на политиката за рамномерен регионален развој има дологодишно искуство во соработка со Центрите за развој на планските региони и општините преку финансиска поддршка на проекти и мониторирање на нивната реализација: регионални – наменети за планските региони и локални – кои се однесуваат на развој на селата и подрачјата со специфични развојни потреби односно општините.

– Оттука, сметаме дека познавањата и експертизата на УНДП од една страна и искуството и стручноста на Бирото од друга страна, одлично ќе се вклопат во успешно имплементирање на предвидените проектни активности за поттикнување на меѓуопштинската соработка и регионален развој со коишто ќе им помогнат на општините, особено после разорувачките последици од пандемијата со Ковид-19, но истовремено ќе се поттикне и меѓуопшинската и регионалната соработка преку имплементација на развојни проекти, изјави Реџепи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот