Нѐ изеде туѓиот срам

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Да се промовира домашен туризам со првата фотографија од странство која на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија им се видела убава на интернет, веројатно не е забележано ниту во едно министерство во светот, во чија надлежност е туризмот. Покрај толку официјални фотографии во Владата, покрај толку домашни фотографи што ги имаат прекрасно „донесени“ туристичките предели во Македонија, покрај толкава ПР-служба и маркетинг-експерти, платени од народот, Македонија несфатливо „дрпна“ слободна фотографија од езеро во Германија!

Откако се откри скандалот што ги премина и државните граници, Министерството за економија лежерно ќе каже: „Ја сменивме фотографијата“.  И тамам што човек ќе помисли дека ова е врв на нашиот срам, се открива дека на сајтот „Дома си е дома“ има уште една фотографија до која пишува: вака ќе изгледа ваучерот, а на ваучерот, како што се обзнани во јавноста, потврдено со оригиналната фотка, пејзажот е од езерото Анси, во Франција. Да биде уште потрагична состојбата, за туризмот во Македонија има многу душегрижници. Така е формиран институционалниот систем. Многу институции, килаво дете. За туризмот се грижи Министерството за економија, ама се грижи и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Ваму вработени, таму вработени.  На едното место трошок, на другото – исто така. Едните задолжени за едно, другите за друго – ама меѓу себе не се координираат. Едни од една партија, други од друга, едни со една идеја, други со суета. Тоа е и правило на нашето функционирање, кое сега сликовито се прикажа.  Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја води кампањата „Дома си е дома“ низ цела Македонија, прави видеозаписи и фотографии (читај и троши), но Министерството за економија е задолжено за платформата преку која граѓаните со пониски примања треба да добијат ваучери за домашен туризам, а тоа не побарало фотографии од Агенцијата. Ниту, пак, Агенцијата им понудила.

И сето тоа поминува во стилот: „Се тресеше гората, се роди глувче“. Можеби некој некому му се обрати со повишен тон низ канцелариите, можеби некого го облеа црвенило од срам, но за конкретна одговорност не станува збор, иако за ваков скандал соодветна би била и една министерска оставка. Поштата на Денот на победата над фашизмот ѝ се заблагодари на Хрватска за помошта во евроинтеграциите со поштенска марка со Голема Хрватска на Анте Павелиќ. И за овој меѓународен скандал не слушнавме за нечија оставка или суспензија. Во организација на Министерството за економија, пак, на штанд за храна во Германија претставена е „северномакедонската кујна“. И овој скандал заврши со менување на банерот во „кујна од Северна Македонија“ и со објаснување дека настанала техничка грешка во преводот…

Глупостите се нижат и поминуваат без одговорност и без научена лекција. На прагот на уште едни избори. Која партија и да победи, вистинска победа ќе биде кога, меѓу другото, нема да слушаме веќе за вакви глупости. Срамни се овие грешки, носат негативен имиџ и надвор од земјава, го навредуваат својот народ, даночните обврзници. Од вакви грешки нѐ јаде туѓиот срам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот