Нуредини: Мерните станици мигрираат на нов сервер, па на сајтот нема податоци за аерозагадувањето

Насер Нуредини министер за животна средина / Фото: ,,Слободен печат" - Драган Митрески

Имаме проблеми со миграцијата од стариот на новиот сервер, но тоа не значи дека немаме податоци, ние имаме податоци, сега мануелно ги собираме и ја информираме јавноста кога има загадување на воздухот во некој град, изјави денеска министерот за животна средина Насер Нуредини во врска со тоа што со денови наназад голем дел од мерните станици не испраќаат податоци на вебсајтот на Државниот автоматски мониторинг за квалитетот на воздухот.

Во Скопје од вкупно седум мерни станици, податоци испраќа само една – таа во Гази Баба. Нема податоци ниту од станиците Битола 1, Тетово, Кичево, Охрид, Велес 2 и Гевгелија.

– За жал, стариот сервер е многу стар и треба време за миграција на сите податоци. Ние имаме пристап и ги имаме податоците сите 21 мерна станица во државата – вели министерот Нуредини.

Деновиве воздухот во Скопје и во другите градови во Македонија е екстремно загаден, па освен во главниот град Владата донесе мерки и препораки за Кичево, Кавадарци, Струмица и Гостивар.

Во врска со изворите на аерозагадувањето Нуредини вели дека истражување направено во соработка со Шведска и универзитетот во Штип утврдило дека во Скопје од 35 до 45 отсто од загадувањето доаѓа од согорување на биомасата, па од возилата и од градежните активности, а најмалку индуструјата, но тоа не значи дека нема да се прават контроли на индустриските капацитети.

– Кога зборуваме за загадување од биомаса, не се мисли само на загревањето на домажинствата, туку и на државните објекти што се греат со мазут или со нафта. Владата има стратрегија за измена на греењето на јавните објекти како што се училиштата, градинките, полициските станици, болниците. Министерството за економија има програма за субвенции за вградување на соларни панели во домажинствата, за замена на греењето и други слични мерки со кои ќе се намали загадувањето.

Во врска со големината на буџетот за животна средина, министерот вели дека тој е зголемен од времето кога стапил на функцијата и дека ќе изнесува милијарда денари, но дека тие како Министерство за животна средина не можат да ги земат сите пари од државниот буџет кои се наменети за намалување на загадувањето, затоа што проекти за замена на греењето во јавните објекти ќе спроведуваат и други министерства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот