Њујорк тајмс за протестите: Први големи „вирусни“ немири во Европа, со бес кон недоследноста на Вучиќ

Откако на почетокот спроведе едно од најстрогите затворања во Европа, Вучиќ ги крена рестрикциите во мај и тврдеше дека неговата влада го победи коронавирусот.

„За да спречи втор бран од коронавирусот, претседателот Александар Вучиќ најави нов карантин. Демонстраните со бес возвратија на неговата недоследност, во екот на поголем гнев поради авторитарното водство“, пишува денеска Њујорк Тајмс во анализата на демонстрациите во Србија кои ги нарелува „први големи вирусни нереди во Европа“.

Илјадници Срби демонстрираат веќе втора ноќ по ред како одговор на тоа како со коронакризата раководеше претседателот Александар Вучиќ, но и загриженоста за состојбата со демократијата во Србија, го почнува текстот Патрик Кингсли, од Њујорк Тајмс.

Протестите се први вистински нереди поврзани со пандемијата во Европа од почетокот на кризата. Полицискиот одговор беше насилен, а некои аналитичари велат дека такво нешто немало уште од владеењето на Слободан Милошевиќ, кој беше на власт во деведесеттите.

Србите излегоа на улиците во вторникот, недолго откако Вучиќ најави тридневно затворање на Белград поради вториот бран на потврдени случаи на зараза со коронавирус.

Но демонстрациите набрзо се претворија во пошироко изразување на фрустрации поради контролата на Вучиќ над политиката и она што го гледаат како лошо управување со здравствената криза во Србија. Протестите кои продолжија во средата, дури и откако Вучиќ ја суспендираше одлуката за втор карантин.

Демонстрантите наведува дека се помалку лути поради повторното затворање, а повеќе поради погрешните чекори на власта кои доведоа до потреба за нови рестрикции. Тоа се однесува на одлуката да се одржат избори, како и да се дозволат големи спортски настани.

„Не беше проблем да останеме дома уште три дена“, вели Драгана Грнчарски (45) која двата дена беше на улиците.

„Но тие си играат со нашиот ум и со вистината“, додава таа. „Кога им одговара да одржат избори, тогаш нема корона. Организираа фудбалски и тениски натпревари, и затоа сега ни се полни болниците“.

Откако на почетокот спроведе едно од најстрогите затворања во Европа, Вучиќ ги крена рестрикциите во мај и тврдеше дека неговата влада го победи коронавирусот.

Другите европски земји се отвораа постепено, но Вучиќ се определи за побрз процес. Набрзо на Србите им беше дозволено да се соберат и по десетици илјади на спортските натпревари, без одржување на физичка дистанца. Повторно се отворија ноќните клубови и беа полни.

„Од еден екстрем дојдовме до друг’, рече Јелена Васиљевиќ, експерт за протестни движења на Балканот од Универзитетот во Белград.

Вучиќ прво одби да го промени курсот, дури и кога бројот на новозаразени секој ден се искачуваше од под 20 над 300. Извештаите на истражувачките новинари напоменуваат деак тие загуби би можеле да бидат и многу поголеми.

Одржани се и контроверзните општи избори на 21 јуни, кои повеќето опозициски партии и онака планираа да ги бојкотираат, тврдејќи дека не сакаат да му дадат легитимитет на процесот кој е наклонет на Вучиќ.

За неговите критичари, одлуката да се ублажат рестрикциите пред гласањето кое сигурно ќе ја зацврсне неговата моќ – и да ги врати кратко после тоа – личи како играње политика со јавното здравје.

„Граѓаните постојано ги лажат и мамат од политички причини“, вели Тена Прелец, експерт за политика на југоисточна Европа од Универзитетот Оксфорд.

Аналитичарите велат дека спонтаната природа на протестот одразува недостаток на институционални начини да се изрази незадоволството.

Под Вучиќ, квалитетот на српската демократија падна од „слободна“ на „делумно слободна“, според Фридом хаус.

„медиумите и државните институции се целосно под контрола на една партија“, вели Јелена Васиљевиќ.

Во вторникот вечер, одредени демонстранти накратко влегоа во зградата на Парламентот, пред да ги исфрли полицијата.

Органите на редот подоцна се снимени како ги тепаат недолжните демонстранти со палки. Тие сцени многумина потсетија на однесувањето на полицијата под Милошевиќ, кој ја водеше Србија низ војните на Балканот и кому му се судеше во Хаг за воени злосторства.

„Толкава употреба на сила – не сме виделе од Милошевиќ во 1996 и 1997 година“, вели д-р Васиљевиќ.

Вучиќ рече дека полициајта со право употребила сила.

„Имаше индиции за мешање на странци, а и некои криминалци беа таму“, рече Вучиќ во средата попладне, пред втората ноќ демонстрации.

„Целта беше да се наруши имиџот на Србија во странство“, додаде тој.

Протестите би можеле да се „задушат“ затоа што немаат водач, јасна цели, но и поради силата на Вучиќ, наведува д-р Васиљевиќ.

Слични масовни демонстрации минатата година се угасени, а Вучиќ не мораше да направи никави концесии.

„Сега е малку поинаку“, вели д-р Васиљевиќ, „но и натаму е неопходна јасна политичка артикулација и јасен политички наратив“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот