Нововработените првиот месец сами мора да плаќаат здравство
Сите оние кои се вработуваат за првпат, или имаат ново работно место, првиот месец мора да си ги плаќаат здравствените услуги и лековите, но потоа може да побараат поврат на парите од Фондот за здравствено осигурување.
Оваа вистина, која е македонска реалност со години, сега особено се актуализира со здравствената криза. Револтирани и распаметени пациенти се јавуваат во нашата редакција за да раскажат што им се случува. Една од нив е и 45-годишна скопјанка која е суспектна на ковид-19, ги чека резултатите, но во меѓувреме е под терапија и треба да направи дополнителни анализи.
– До 1 септември работев во една фирма и откако останав без работа се пријавив во Агенцијата за вработување, а веќе од 1 октомври сум вработена на неодредено време во нова фирма. Деновиве ми се слоши, добив висока температура, отежнато дишење и се јавив на лекар, но докторката ми рече дека немам здравствено осигурување. Ова беше вистински шок за мене. Докторката ми даде упат за тестирање за коронавирус и ми препиша сумамед. Се јавив на работа, каде што ми кажаа дека јас сум здравствено осигурена и дека осигурувањето ќе се активира со примањето на првата плата и ме посоветуваа да ги чувам сметките од купените лекови и направените анализи. Кога отидов во аптека, прашав што треба да чувам за рефундирање на парите. А таму ми одговорија дека јас сум дошла со розов рецепт, што значи дека го купувам лекот без лекарско осигурување и дека нема да добијам поврат на пари. Докторката пак ми вели дека не може да ми даде бел рецепт, затоа што не сум заведена како осигурена – ни ја раскажа својата мака нашата соговорничка.
Во Фондот за здравствено осигурување велат дека системот е така направен што здравствените установи и аптеки, известувањето за здравственото осигурување го добиваат со поминувањето на првата плата низ тој систем, но тврдат дека парите се рефундираат со приложена документација за која се запознаени здравствените установи.
– Додека не помине првата плата, нема да се јави здравственото осигурување во системот. Фондот за здравствено осигурување со сите здравствени установи е поврзан во еден систем. Но, тоа што не е активирано здравственото осигурување до првата плата, не значи дека некој не е здравствено осигурен. Тој е здравствено осигурен и затоа треба да си ги чува сметките од лековите и од здравствените услуги и Фондот тие пари ќе му ги рефундира – вели Ирфан Лимани, директор на Секторот за комуникација во Фондот за здравство.
Очигледно, во системот има големи дупки. Јасно е зошто се активира здравственото осигурување по првата помината плата. Оној што првпат работел во октомври, бруто-плата треба да добие до 15 ноември и тогаш ќе му биде платен и првиот здравствен придонес. Но, ова не може да биде оправдување за тоа еден месец некој да не може да оди на лекар, односно дека мора да се платат здравствените услуги и лекови, па дури и потоа парите да се рефундираат. Размислува ли некој дека во тој месец некој може да има потреба од некој оперативен зафат. Државата е таа што мора да смисли систем да нема прекин во здравствените услуги.