Ново жариште на коронавирусот во Иран: Бројот на заразени зголемен заради една свадба

Една свадбена прослава допринесе појава на ново жариште на коронавирусот во Иран, но државата мора да продолжи со отворање на економијата и покрај предупредувањата на можен втор бран, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани.

Во Иран последниве денови е пријавен раст на бројот на новозаразени.

– На една локација видовме врв на епидемијата. Се работи за свадба што предизвика проблеми за многу луѓе, здравствени работници и претставува економски загуби, како и загуба за здравствениот систем, рекол Рохани.

Тој не прецизирал кога или каде била свадбата.

Иранските универзитети денеска се повторно отворени по повеќе од три и пол месеци, рекол Рохани и додал дека за седум дена ќе бидат отворени градинките.

Во Иран досега се заразени повеќе од 167.000 лица, а повеќе од 8.000 починале.

Властите предупредуваат на втор бран на епидемијата, но велат дека причината за новите жариште е зголеменото тестирање.

Еден функционер рекол дека околу 70 отсто од новите случаи во Техеран се однесуваат на лица кои неодамна патувале надвор од Техеран.

– Во овие околности немаме друг избор, мораме да работиме. Нашите фабрики мораат да работат, продавниците да бидат отворени и движењето мора да се дозволи и овозможи, рекол Рохани.

Иранскиот претседател изјавил дека не се гледа крајот на пандемијата на коронавирусот во земјата и ги предупредил луѓето дека таа можеби уште долго ќе трае.

Иран од средината на април почна постепено да ги олеснува рестриктивните мерки на карантинот, но претходните неколку дена забележан е пораст на бројот на заразени на дневно ниво, а само во четвртокот се пријавени 3.574 случаи, најмногу од февруари оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот