Новиот претседател на Разединетите Американски Држави

Американците му кажаа не на претседателот што ги плашеше со социјализам, кој помеѓу белите супрематисти и неонацисти препознаваше „многу добри луѓе“, кој одбиваше распуштање на крајно десничарски групи, ги раздвојуваше мигрантските семејства и нивните деца ги сместуваше во кафези

Војната на Доналд Трамп против демократијата и вистината не е формално завршена, кризата на легитимитетот трае, а очекуваното заминување од Белата куќа на човекот што ја внесе Америка во сферата на кошмарот, нема преку ноќ да ги залечи раните на длабоко поделеното општество.

Прогласувањето на победникот траеше како забавен филм. Старите правила на игра се нарушени со параноидни фантазии дека изборите се испокрадени, а не беше избегнат ниту постизборниот перформанс во кој Трамп ги повикува сограѓаните да не веруваат во возвишениот ритуал на демократијата – изборот на претседател.

Сепак, на олеснување на многумина во Америка и во светот, се завршува поглавјето што многумина го сметаат за срамотно во националната историја на оваа земја.

Американците му кажаа не на претседателот што ги плашеше со социјализам, кој помеѓу белите супрематисти и неонацисти препознаваше „многу добри луѓе“, кој одбиваше распуштање на крајно десничарски групи, ги раздвојуваше мигрантските семејства и нивните деца ги сместуваше во кафези.

Тие го одбија фаталното потценување на пандемијата, лавината лаги, ширењето дезинформации и навредите кон новинарите.

Американците му рекоа не на човекот што ги урна сите мостови на трансатлантскиот сојуз, кој во омразата кон мултилатералната соработка ја извлече САД од клучните меѓународни организации и отворено ги симпатизираше автократите и диктаторите низ целиот свет.

Закана за темелите на либералното општество

Џо Бајден по половина век ги оствари своите политички амбиции и стана 46. претседател на Соединетите Држави, со амбиција „да ја обнови душата на нацијата“. Демократот во Белата куќа го доби мандатот да ја води земјата која е исплашена како никогаш досега со загрозувањето на демократијата, со обидите за импичмент на претседателот, со пандемијата, трибалните поделби и ерупцијата на бес поради расната нееднаквост, заканите од економски колапс, како и чувството дека водечката држава во светот го губи угледот и лидерската позиција.

Бајден веќе ги постави приоритетите: Борба против коронавирусот, која Трамп ја потцени до таа мера, па ковид-19 е една од главните причини на неговиот пораз. Заздравување на економијата, деблокада на пакетот со помош наменета за десетици милиони невработени и за бизнисите погодени од пандемијата. Спречување на зголемувањето на социјалните разлики. Ублажување на покачената расна нееднаквост, која републиканците цинично ја експлоатираат. Климатските промени, а можеби и поправање на нефункционалната и оштетена изборна машинерија.

Тој доби мандат за промени, но завршниот поглед врз црвено-сината електорска карта и без конечни резултати, открива дека се случило нешто што Америка ќе ја следи извесно време – поларизацијата што им се заканува на темелите на либералното општество.

Трамп е симптом на многу поголема болест

Бајден доби 73 милиони гласови, повеќе од кој било претседателски кандидат во историјата, повеќе и од генерацискиот феномен каков што беше Барак Обама. Трамп освои повеќе гласови од 2016 година, но четири милиони помалку од демократот.

Аритметиката навестува проблем. Земјата по изборите остана поделена како ретко претходно, а ниедна од двете страни нема намера да ги напушти барикадите. Во така остро поделен свет, секогаш постои опасност од бавно умирање на демократијата. Изборите беа повеќе од битка околу политички прашања. Тоа беше војна на две спротивставени визии за иднината, борба на сѐ пооддалечени идентитети на демократи и на републиканци, напад и одбрана на институциите, особено на правосудството и на медиумите.

Точно е дека Трамп со десничарски манипулации придонесе за поларизацијата и за продлабочување на поделеноста во општеството, но тој не е креаторот на поделбата. Тој е симптом на болеста на либералниот поредок, кој првите знаци на болест ги покажа по терористичкиот напад на Америка во 2001 година. Оттогаш е отворен патот за популизмот, национализмот и авторитаризмот, зачинети со демагогија. Трамповото заминување од политичката сцена не значи излекување. Вирусот на трампизмот ќе го надживее својот креатор. Трампократијата ќе остане како потврда дека заканата за либералната демократија е поголема од еден лидер чиј слоган „Америка на прво место“, всушност, гласеше „Доналд Трамп на прво место“.

Америка избегна да се претвори во нелиберална држава како Бразил, Унгарија или Полска, но трампизмот е присутен, што е заканувачка перспектива за претседавањето на Бајден. Републиканците нема да се откажат од слоганот „Да ја направиме Америка голема“ и возможно е својата политика да ја насочат на десно.

Преторијанците на трампизмот се уверени дека на некој мистичен начин го претставуваат народот, дека поседуваат органска врска со земјата, која нивните непријатели ја немаат. Нивното вклопување во системот, во која тие ќе бидат само гласно малцинство е многу тешко за остварување, ако не и невозможно.

Пред Бајден е титанска задача да ја смири Америка, двете воинствени крила да ги привлече на дијалог и на соработка во услови што би потсетувале на нормалност, па како центрист во игра да вклучи млади и прогресивни демократи, кои се разочарани со губитокот на Берни Сандерс или Елизабет Ворен. Тој нема да смее да заборави и дека победи со гласовите на „обоените“.

Бајден ја добива на управување земјата која е на работ и на која ќе ѝ биде Трамп до 20 јануари наредната година. Во која милиони гласаа за неговиот противник и кои ќе останат скептични во поглед на новиот претседател. Тој ќе стане предводник на земја во која годинава се продадени 17 милиони парчиња оружје, што е најголем број во историјата.

Бајден е соочен со проблемите што ги имаа само воените претседатели. Пред него е сериозен предизвик на реконструкција и лекување на општеството, кое во текот на Трамповите четири години драматично се подели. Тој ќе се обиде да ги порамни штетите што неговиот претходник ги нанесе во поглед на губењето на довербата во власта, во науката и веројатно во вистината, што доведе до ерозија на вербата кај Американците во себе, но и на светот во Америка.

Поразот на Трамп е првиот чекор на патот кон американското заздравување или нови остри конфронтации. Може ли Бајден да ја обедини нацијата како Френклин Д. Рузвелт? Американската демократија темелно, а и на многу други начини е раздрмана. Државата што самата се прогласува за најголема демократија во светот, има многу работи што треба да ги исправи. Штетите тешко дека ќе бидат брзо поправени во блиска иднина, но се надеваме дека ќе бидеме сведоци на почетокот на падот на десниот популизам, кој опасно се шири низ светот.

Бајден ветува дека ќе биде претседател кој обединува, но неговиот најголем предизвик е тоа што ќе биде инаугуриран за претседател на Разединетите Американски Држави

Бошко Јакшиќ е роден во Белград во 1949 година, каде што дипломира на Економскиот факултет. Во „Политика“ се вработил во 1972 година и таму го поминал целиот работен век. Бил дописник од Каиро и од Рим. Известувал од војните во Камбоџа и во Либан, за гладот во Етиопија, за Исламската револуција во Иран, за Заливската војна од Саудиска Арабија, од интервенцијата во Авганистан.

Во текот на кариерата ги интервјуирал и се среќавал со голем број познати личности: Џералд Форд, Лех Валенса, Индира Ганди, Сиримаво Бандаранајке, Јасер Арафат, Ахмед Бен Бела, Масимо Д’Алемо, Романо Проди, Даниел Ортега, Тургут Озел, Абдула Јул…

Објави книга за Израел и книга со колумни – „Тука и таму“. Редовен гостин е на Радио Слободна Европа, Дојче веле, Би-би-си, Ал Џезеира, како и на домашни и регионални весници и ТВ-станици. Денес пишува колумни за „Политика“, за сараевскиот весник „Ослобоџење“, а Јакшиќ е и редовен колумнист и на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот