Новиот претседател на 12 мај ќе биде инаугуриран од „старите“ пратеници

Претседателот на Собранието Јован Митрески / фото: Собрание на Македонија

Конститутивната седница на новото 11. Собрание ќе се свика на 28 мај, односно, најдоцна 20 дена по одржувањето на парламентарните избори (8 мај), а според новиот Деловник, ќе трае најмногу три дена и треба да заврши со избор на спикер. Ако не се избере претседател на Собранието, ќе се смета дека Собранието сè уште не е конституирано, информираше спикерот Јован Митрески на брифинг со новинарите по повод последната седница на актуелниот парламентарен состав.

Според новиот Деловник, конститутивната седница ќе ја свика актуелниот спикер, а доколку не ја свика во рок од 20 дена по гласањето, тоа ќе го стори најстариот пратеник од новиот пратенички состав на 21. ден по гласањето, во 10 часот. Доколку тој пратеник не сака да ја свика седницата, обврската преминува на следниот најстар пратеник и така по ред додека не се најде пратеник што ќе ја свика седницата. Со конститутивната седница, до изборот на спикерот ќе претседава најстариот пратеник.

Митрески нагласи дека траењето на конститутивната седница од три дена е една од главните новини во новиот Деловник, како и тоа што ќе ја води најстариот пратеник. Тој потсети дека по изборите во декември 2016 година конститутивната седница траеше речиси четири месеци и заврши со трагичните настани на 27 април 2017 година.

Во врска со дилемата дали е можно конститутивната седница да се прекине ако до крајот на мај парламентарното мнозинство не постигне договор за новата влада, Митрески не сакаше да прецизира. Според него, за очекување е конститутивната седница да почне и да заврши за три дена. Тој не сакаше да дискутира во детали што ако до крајот на мај сè уште нема коалициски договор за нова влада, што ќе значи дека ќе нема ниту договор кој ќе биде нов претседател на Собранието, затоа што спикерското место секогаш е битен дел од делбата на коалицискиот колач. Во тој случај, логично е конститутивната седница да се прекине, па да се свика во моментот кога ќе има договор за спикер, за тој да се изгласа и да се доврши конституирањето.

Митрески објасни дека инагуративната седница за инаугурацијата на новиот претседател на државата ќе ја одржи овој пратенички состав и таа треба да се закаже до 12 мај, затоа што дотогаш трае мандат на актуелниот претседател Стево Пендаровски. Вториот круг од претседателските избори е на 8 мај, на ист ден со парламентарните избори, и се очекува дека Државната изборна комисија до 12 мај ќе го има конечниот официјален резултат.

– До 12 мај ние од овој пратенички состав мора да ја свикаме инагуративната седница. Ќе имаме мандат за тоа, затоа што мандатот на пратениците трае до верификација на мандатите на новите пратеници – рече Митрески.

Тој соопшти дека денешната пленарна седница е последната седница во овој пратенички состав.

– Кампањата за претседателските избори започнува на 4 април и како едно демократско правило Собранието нема да работи во тој период за да не се злоупотребува собраниската говорница. Ова е воспоставена пракса. Собранието не се распушта, затоа што одиме на редовни парламентарни избори и може да работи во предизборниот период, но, се надевам дека ќе нема некои вонредни ситуации заради кои ќе мора да се свика седница. На денешната последна седница е ставена Декларацијата за одбележување на членството во НАТО, која е значајно да ја донесеме за да оставиме порака до идните пратеници и до идните генерации дека нема отстапување од стратешките вредности за чие реализирање заеднички работиме – рече Митрески.

Тој информираше дека за време на работата на 10. пратенички состав се одржани 149 седници, од кои 102 се завршени, а 46 се незавршени затоа што останале по неколку неусвоени точки. Донесени се 548 закони, како и стотици одлуки, извештаи, односно, вкупно 832 акти за објабување. Околу 130 закони и акти се во процедура и не се завршени, во најголем дел заради политичките одлуки на пратеничките групи. За некои закони не е свикана надлежната собраниска комисија за да продолжи законодавната процедура, а дел од законите останаа блокирани со огромен број на амандмани.

– Од 26 јануари, откако јас сум претседател на Собранието се донесени 72 закони и одлуки. Би ги издвоил Законот за употреба на македонскиот јазик, со кој се уреди заштитата на македонскиот јазик, Законот за национална развојна стратегија, со кој се отвара патот за донесувањето на страгијата како хиерархиски највисок развоен документ. Се направи избор на уставен судија со што се комплетираше Уставниотот суд, избор на седмиот член на ДИК, што се комплетираше изборната комисија, избор на Државен јавен обвинител. Донесени се и законот за вработените во Министерството за одбрана, дополнување на Законот за високото образование со кој се изедначија сите вработени на државните универзитети, кои ќе земаат зголемена плата за 22 отсто, Изборниот законик, во кој се вградија препораките на ОБСЕ/ОДИХР и се надмина проблемот со документите за лична идентификација на гласачите, Законот за правда за децата и други – рече Митрески.

Од позначајните закони, не се донесени законот за рестриктивни мерки, за средно образование, за ослободување од придонеси, за административните службеници, неколку закони од областа на земјоделието и други. Поднесени се седум интерпелации, од кои три се разгледани, а седум воопшто не стигнаа на дневен ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот