Новата цена за паркирање во Центар покрај на пазарџиите, проблем им направи и на карпошани

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Од општина Карпош се свесни дека поскапувањето на цените на паркингот во Центар, ќе влијаат на околината, вклучително и на Карпош и најавуваат одлука за регулирање на паркингот на територија на населбите во Карпош

Пазарџиите не се откажуваат од намерата да го натераат ПОЦ да ја врати старата цена за паркирање, а со тоа и да си ги вратат назад купувачите. Тие веќе трет ден се излезени на улиците, го блокираат центарот на градот и попречуваат нормално одвивање на сообраќајот, но засега Јавното претпријатие за паркирање на општина Центар нема слух за новонастанатите проблеми предизвикани од покачувањето на цената за паркирање.

Пазарџиите, за „Слободен печат“ велат дека ќе бидат задоволни ако ПОЦ одлучи првиот час за паркирање на паркингот кај Авто Македонија да биде бесплатен, а следните часови да бидат со старата цена.

Од ПОЦ денеска ни рекоа дека остануваат на ставот, но најавуваат средба со граѓаните кои живеат во близина на Зелен пазар.

– Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ПОЦ, Васко Кичевски до крајот на неделава ќе остварат средби со жителите на Центар кои се најзасегнати од проблемот со паркирањето на пазарџиите и нивните купувачи. Доколку од средбата произле нова одлука, ќе им биде соопштена на пазарџиите – велат од ПОЦ за „Слободен печат“.

Пазарџиите не се бунат само поради поскапениот паркинг, туку и поради неможноста да ги внесуваат товарните возила на паркингот, на што реагираат од претпријатието велејќи дека до сега биле правени злоупотреби и узурпација на паркингот.

– И ние како претпријатие, но и жителите на општина Центар се соочувавме со проблеми предизвикани од несовесна работа на дел од пазарџиите, кои влегуваа на паркингот со товарните возила и потоа незаконски продаваа од нив. Покрај проблем со паркирањето, граѓаните на Центар имаа и проблем со хигиената, поради нередот кој продавачите го оставаа зад себе. Затоа, како и секаде во светот, им оставивме можност за бесплатен влез на паркингот секој ден од 5 до 7 часот, за дотур на роба – информираат од ПОЦ.

Поскапувањето на паркингот во Центар се одразува и во Карпош

Поскапувањето на цената за паркирање во Центар, се одразува и во општина Карпош, реагираат жителите на оваа општина.

– И пред да поскапи паркингот во Центар имавме проблем со паркирањето, бидејќи сите вработени во Центар, колите ги паркираат во Карпош 1. А, откако се зголеми цената за паркирање, ситуацијата е уште полоша, не можеме да си најдеме паркинг место пред нашите згради – вели Ивана од Карпош.

Од општина Карпош се свесни дека поскапувањето на цените на паркингот во Центар, ќе влијаат на околината, вклучително и на Карпош и најавуваат одлука за регулирање на паркингот на територија на населбите во Карпош.
– Факт е дека улица „Рузвелтова” е граница меѓу платен и бесплатен паркинг (Општина Центар и Општина Карпош). Како резултат на големиот број барања за регулација на паркингот, Општината започнува со спроведување на анкета во Карпош 1 и Карпош 2 – граѓаните да одлучат дали се за зонско или не. По Карпош 1 и Карпош 2, анкети со граѓаните ќе се спроведат и во други населби – најавуваат од општина Карпош.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот