Нова студија: Изненадувачки едноставен начин со кој ќе ја отстраните микропластиката од водата за пиење

Фото: Flickr

Ситните пластични честички може да изгледаат алармантно сеприсутни и речиси невозможно да се ослободиме од нив – тие се пронајдени во храната, мајчиното млеко, па дури и во облаците. Но, новите истражувања сугерираат дека едноставно решение би можело да ја намали микропластиката во водата за пиење: со нејзиното зовривање.

Авторите на новата студија Зањун Ли и Еди И. Зенг велат дека варењето и филтрирањето на водата помогнало да се отстранат до 90 отсто од ситните пластични честички, за кои пишуваат дека може да се најдат во 129.159 примероци од вода од чешма од 14 земји во светот.

Новото истражување сугерира дека едноставното вриење може да ја намали микропластиката во водата за пиење.
Влијанието и последиците од консумирањето на овие ситни честички сè уште не се целосно разјаснети. Неодамнешниот извештај на Светската здравствена организација наведува бројни можни здравствени ризици од изложеноста на микропластика, но исто така наведува дека се потребни повеќе истражувања.

Неодамнешните студии пронашле честички од нано и микропластика, кои имаат дијаметар помал од илјадати дел од милиметар, во низа производи, па дури и во водата од чешма.

Новата студија на кинеските научници, објавена на 28 февруари во списанието „Писма за наука и технологија за животна средина“ (Environmental Science & Technology Letters), открила дека со зовривање на вода богата со минерали за само пет минути, количината на нано и микропластика може да се намали до 90 отсто, пишува „Хелтлајн“.

Ефектот на микропластиката врз здравјето

Според новото истражување на Универзитетот Џинан во Кина, вриењето и филтрирањето на водата од чешма може драматично да ја намали количината на микропластика што ја пиеме.

Научниците штотуку почнуваат да ги разбираат здравствените ризици поврзани со изложеноста на микропластика, но сè повеќе докази сугерираат дека пластиката може да се наталожи во телото и да предизвика оксидативен стрес, воспаление, отпорност на инсулин и проблеми со здравјето на цревата и црниот дроб, пишува New Scientist.

Како да се отстрани микропластиката од водата?

Некои напредни системи за филтрирање можат да заробат и отстранат некои честички, но научниците сакаа да видат дали има поевтини и попристапни решенија.

Секој примерок од вода се вари пет минути, а потоа се остава да се излади 10 минути. Водата што врие, богата со минерали како што се калциум и магнезиум, создава талог сличен на бигор или калциум карбонат кој ја заробува пластиката.

Тој остаток од креда потоа треба да се одвои и да се отстрани од водата со стандарден филтер за кафе или филтер од нерѓосувачки челик, со што ќе се отстранат честичките нано и на микропластика.

Сè зависи од тврдоста на водата

Во потврдата вода, со вриење се отстранети повеќе од 90 отсто од честичките, во примероците на многу мека вода, отстранети се околу 25 отсто од честичките.

Традиционалните постројки за прочистување на водата не можат да ги елиминираат нано и микропластиката од водата за пиење, додека некои понапредни технологии можат делумно да ги уловат. Микропластиката ги загадува повеќето, ако не и сите извори за пиење.

Важен е и изборот на садови

Секој што сака да ја прочисти водата треба да ја свари во стаклени или садови од нерѓосувачки челик, откако ќе зоврие пет минути, треба да се остави да се излади. Микропластиката мора да се врзе за калциумот и да падне на дното на садот за да може водата да се филтрира.

Секако, изложени сме и на бројни други извори на микропластика. Експертите препорачуваат да се избегнува пластична амбалажа за еднократна употреба, вклучително и вода во шишиња, да не се ставаат пластични садови во машина за перење или микробранова печка. Сите овие предмети можат да исфрлат честички на пластика или да излачат хемикалии.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот