Нова инвестиција на „Алкалоид“: Наместо терапија од неколку лекови, пациентите ќе земаат само една таблета

Новиот техничко-технолошки капацитет е со површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а во него компанијата вложила вкупно 19,4 милиони евра. Досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно се удвојува на повеќе од 4 милијарди таблети годишно

Македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Со пуштањето на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми, двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.

– Во динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено, со практикување високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции – изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов.

Новиот техничко-технолошки капацитет е со површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а во него компанијата вложила вкупно 19,4 милиони евра. Во неговата изведба, која почна во април 2021 година, биле ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвивале под будното око на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.

Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета.

Инаку, опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид.
Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра. Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот