Нов удар по џебот на граѓаните? „Комунална“ размислува дали да ги покачи цените

Фото: Архива

Континуираниот пораст на цените на нафтата и на нафтените деривати може да биде причина за пораст на цените на услугите кои ги нудат скопските јавни претпријатија.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека многу скоро ќе донесат одлука дали ќе побараат покачување на цената на нивните услуги.

Раководството на ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје ја следи состојбата со покачувањето на цените на нафтата и на нафтените деривати и во претстојниот период ќе донесе одлука дали од Советот на Градот Скопје ќе побара покачување на цената на услугата за собирање и транспорт на комуналниот отпад– велат од ова јавно претпријатие.

Инаку, освен собирање и транспорт на комуналниот отпад, ЈП „Комунална хигиена“ на граѓаните им нуди и дополнителни услуги односно, скопјани имаат можност да ја искористат услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните.

Според ценовникот, подигнување и транспортирање на кабаст отпад внатре од домот чини 2.800 денари, изнесување од пред врата 2.000 денари, а изнесување на кабаст отпад без работници односно користење само на возилата на претпријатието чини 1.600 денари. Сепак, дали ќе има поскапување и на овие услуги, според најавите наскоро ќе биде донесена одлука од страна на надлежните од ова јавно претпријатие.

Инаку и градските власти признаваат дека континуираниот раст на цените, негативно влијае врз работењето на јавните претпријатија.

– Поскапувањето на нафтените деривати секако дека влијае на работата на сите јавните претпријатија, а пред се на ЈСП„ Скопје“. Стручните служби на сите јавни претпријатија ја следат состојбата и прават анализи за ефектите на оваа појава, а во моментов нема најава за барање за покачување на цената на некоја од услугите. Доколку во иднина постои такво барање, за истото ќе расправа и одлучува Советот на Град Скопје – информираат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот