Ноќ над Европа

Македонија дваесет години е жртва на таа (кажано сообразно со новиот речник) сексуална работничка Вавилонска! На европските митови за демократија, стабилност, просперитет, за мир.

Како вчера да беше кога можевме – или, поточно, кога сакавме – слободно и радосно да го славиме 9 Мај како двоен празник: Ден на Европа и Ден на победата над фашизмот. Веќе денеска не е така. Времињата се менуваат. Можеби не преку ноќ, ама секако не на подобро. Барем не за нас, веројатно не и за Европската Унија. За фашизмот – да.

Од 1985 година Европската Унија реши да го слави Денот на Европа во знак на сеќавање на „Шумановата Декларација“, документ со кој францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година предложи обединување на француската и западногерманската индустрија за челик. Европската заедница, основана на 18 април 1951 година е родното место на денешната креација наречена Европска Унија. За тоа време Советскиот Сојуз, денес Русија, со воени паради на 9 мај ја слави победата над фашизмот (Европа се замеша во таа „заедничка“ прослава, но за среќа не успеа да и го одземе приматот).

Над денешната ЕУ сјаат темни ѕвезди. Таа е далеку од принципите востановени на нејзиниот роденден. Не само што не се труди да ги почитува – дури ни декларативно, за практично да не зборуваме – туку не се претргна ни во борбата против фашизмот. Напротив. Кон балканските земји, особено кон овие од Западен Балкан, и натаму се однесува како да се надвор од Европа. За неа тоа не е поле за културен натпревар, туку за диви етнички конфликти, жив песок во кој тонат „европските“ вредности и пари, место кое произведува историја повеќе отколку што може да поднесе, буре барут итн., итн.

Повеќе им верувам на (психо)аналитичарите кои тврдат дека Балканот е, всушност, огледало на Европа и на се што е длабоко потиснато во европското средиште. Зашто денес во ЕУ не се пишуваат декларации за обединување, за бришење на границите, за мир и за напредок, туку нон-пејпери за разединување, за цртање нови граници, значи за војни и за тонење во мрачното минато. Визијата на денешниот претседател на Франција е дијаметрално спротивна од онаа на министерот за надворешни од пред 71 година. Овој смислува нова методологија, ги менува правилата во текот на играта – вистински „европски“ метод (згрешив, не требаше да ставам наводници) – со намера да не се случи ништо ново во балканските земји и тие да останат кандидатки за членство, по можност вечно. Пандемијата само покажа дека и европската солидарност била мртва, потоната во живиот песок од декларации и пароли.

Токму ЕУ денес, ако не произведува, тогаш форсира историја, му дава клучна предност на минатото наместо на иднината, вклучувајќи го и фашизмот. Тоа е особено вулгарно и штетно демонстрирано во нашиот случај во спорот со Бугарија. Но, не е така само со историјата: Македонија дваесет години е жртва на таа (кажано сообразно со новиот речник) сексуална работничка Вавилонска! На европските митови за демократија, стабилност, просперитет, за мир. Поради тоа што верува дека европски вредности не се лагите и манипулациите, туку исполнувањето на обврските и почитување на ветеното…

Што може да се очекува од ваква Унија кога со неа ќе претседава Јанез Јанша, несудениот „автор“ на нон-пејперот, премиер чија влада спроведува пропаганда според која Освободилна фронта не е движење против окупаторот, туку дека партизаните ја искористиле борбата за да убијат повеќе Словенци отколку Италијаните и Германците заедно. Пропаганда против која неодамна протестираше цела слободарска Словенија, под транспарент-порака до власта: фашизам.

Луѓето не се разочарани кога работите се навистина лоши – а реално се – туку кога им се изневерени очекувањата. Нашите во врска со ЕУ се нешто повеќе од изневерени. Ограбено е нашето, а веројатно и времето на идните генерации. Нешто што не може да се плати со ниеден пакет вакцини, со грант или со проект.

Затоа кај нас лесно може да се замисли сцената од еден советски виц. Човек му се жали на шефот на европската мисија во Скопје: Има две причини поради кои сме во паника. Првата е тоа што се плашиме дека ЕУ ќе не напушти и ќе дозволи да потонеме, не само економски… Шефот веднаш го прекинува и му вели: Можете да ни верувате, нема да ве напуштиме, строго ќе ве контролираме и ќе ве советуваме што треба да правите! Па – му одговара човекот смирено – таа е втората причина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот