Нобеловата награда за економија отиде во рацете на жена која ја анализира улогата и учеството на жените на пазарот на труд

Академик Таки Фити / Утрински брифинг
Академик Таки Фити / Утрински брифинг

Овогодишната добитничка на Нобеловата награда за економија е Клаудија Голдин, прва жена која добила постојано вработување на департманот по економија на Универзитетот во Харвард, од 2006 година е член на Американската акдемија на науките и уметностите, истражувач во Националното биро за економски истржувања (NBER) на САД, а била и претседател на Американската асоцијација на економисти, на Американската асоцијација за економска историја …

Нобеловата награда за економија за 2023 година ѝ е доделена на Клаудија Голдин, професорка на одделот за економија на престижниот Харвад, за нејзиниот придонес во истражувањето на улогата и учеството на жените на пазарот на труд. Нејзината научна преокупација е во две области: економска историја и пазар на труд, поконкретно положбата на жените на пазарот на трудот. Голдин е економист со висока репутација. Таа е прва жена која добила постојано вработување на департманот по економија на Универзитетот во Харвард, од 2006 година е член на Американската акдемија на науките и уметностите, истражувач во Националното биро за економски истржувања (NBER) на САД, а била и претседател на Американската асоцијација на економисти, на Американската асоцијација за економска историја итн.

Пазарот на труд е специфичен пазар, пазар со особена природа, бидејќи трудот е единствениот фактор на производство кој е поврзан со живата човекова личност. Кога е во прашање учеството на жените на пазарот на труд, тие специфичности се уште понагласени, затоа што ангажманот на вработените жени е растргнат меѓу обврските на работното место и обврските и грижата за семејството (подигањето и воспитувањето на децата и сл.), понатаму работната кариера на жените е повремено прекинувана непосредно пред и по раѓањето на децата, а во тој правец дејствуваат и предрасудите и стигмите во врска со вработувањето на жените кои се отсликуваат и во законската регулатива, која во некои земји е конзервативна, рестриктивна итн. Овие факти имаат силно дејство врз понудата и побарувачката на женска работна сила на пазарот на труд.
Појдовната основа на истражувањето на овогодишната лауреатка е констатацијата дека и покрај тоа што бројот на вработени жени во изминативе 200 години, и особено во текот на XX век, во глобални рамки, силно пораснал (за три пати), родовата нееднаквост, во смисла на помалото учество на жените, во однос на мажите, во работната сила и пониски плати на жените во однос на мажите за иста работа, остануваат до денешни дни. Анализата на овие прашања на професорката Клаудија Голдин, во вистинска смисла на зборот, е робусна, и разреши бројни дилеми, резултирајќи, често, со изненадувачки заклучоци. Во продолжение, во неколку точки ќе ги синтетизирам и кратко ќе ги коментирам придонесите на Голдин заради кои ѝ е доделена престижната Нобелова награда за економија за 2023 година.

Прво, не постои секогаш совпаѓање меѓу забрзаниот економски раст и големината на доходот со партиципацијата на жените на пазарот на труд. Пред појавата на делото на Клаудија Голдин „Да се разбере родовиот јаз: Економска историја на американските жени“, меѓу истражувачите на оваа проблематика постоеше широкораспространето верување дека во мера во која се забрзува економскиот раст, расте и партиципацијата на жените во работната сила. Голдин докажа дека тоа не е секогаш случај. За да стигне до овој, во голема мера изненадувачки заклучок, Голдин мораше да се зафати со тешката и комплексна работа за ревидирање и уточнување на статистичките податоци за партиципацијата на американските жени на пазарот на труд и за стапките на нивната вработеност во САД, во изминатите 200 години. Таа дојде до заклучок дека статистичката евиденцијата е сосема проблематична и дека во голема мера го потценува учеството на жените на пазарот на труд во периодот од 1890-тите години па наваму. Така, на пример, нејзините корекции на статистичките серии покажаа дека стапките на вработеност на мажените жени биле трипати повисоки од она што го покажувала официјалната статистика. Кои се аргументите на Голдин дека не постои секогаш позитивна корелација меѓу достигнатиот економски раст (висината на доходот) и партиципацијата на жените на пазарот на труд. Голден утврди дека кон крајот на XVIII и правата половина на XIX век, кога во САД земјоделството имаше доминантно учество во вкупното производствo, а доходот по глава жител беше низок, бројот на вработени жени беше повисок, отколку подоцна, кога започна индустријализацијата, а со тоа и порастот на доходот. Тоа е така, бидејќи во перидот кога земјоделството преовладувало во економската структура на земјата, жените, често, работеле на нивите со своите мажи, а работеле и дома, во мали домашни манифактури (т.н. котидџ систем), произведувајќи млечни производи, облека и сл, за што биле плаќани по произведено парче. Но, во првата фаза на индустрализацијата, по 1850 година, работењето почнало да се одвива во фабриките и жените тешко можеле да работат дома (малите домашни мануфактури почнале да пропаѓаат), поради што партиципацијата и вработеноста на жените на пазарот на труд се намалила. На почетокот на XX век, технолошкиот прогрес, растот на секторот на услуги и подобрата едукација на жените, го свртила трендот на партиципација и вработеност на жените на американскиот пазар на труд во обратна насока. Ако ваквите движења се прикажат на графикон, станува јасно зошто кривата на вработени мажени жени го поприма обликот на латинската буква U – во периодот на агрикултурата стапката на партиципација и на вработеност на жените е повисока, опаѓа во почетокот на индустријализацијата и потоа расте во периодот по 1910 година.

Второ, очекувањата на жените за нивно вработување има значително дејство врз нивниот избор за образование. Во почетокот на XX век, според истражувањата на Голдин, многу американски жени очекувале да почнат да работат неколку години пред мажењето, а потоа да излезат од пазарот на труд (да го напуштат работното место). Ваквите очекувања придонесувале жените да не вложуваат доволно во сопственото образование. Подоцна, особено по 1950-тите години, условите се промениле, побарувачката на пазарот на труд за образовани жени се зголемила, но поради претходната одлука на жените да не вложуваат во образованието, нивните можности за вработување со добра плата значително се намалиле. Очевидно, станува збор за очекувања кои биле погрешни и не вродиле со плод. Но, појавата на пилулите за контрацепција и планирање на семејството во текот на шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, ги промениле работите. Пилулите за контрола на раѓањето придонесле жените да го одложуваат мажењето и раѓањето на деца, но и да се ориентират на поголемо вложување во сопственото образование и градење на кариера. Во тој период, вели Голден, многу американски жени почнале да студираат економија, право и медицина.

Трето, објаснувањето на факторите кои гледано историски, но и денес, придонесуваат за разликите и нееднаквостите во платите меѓу жените и мажите, дури и тогаш кога се работи за исти работни места и за исти квалификации, т.е. објаснувањето на овој вид на дискриминација на женскиот труд, е посебен придонес на професорката Голдин. Во економијата, за дискриминација на пазарот на труд зборуваме секогаш кога разликите во платите за исти работни места не произлегуваат од разликите во продуктивноста на трудот на вработените, од степенот на образованието, од работното искуство и од други реални фактори, туку произлегуваат од други споредни карактеристики на работниците – пол (дали вработениот е маж или жена), раса, религиозна припадност и сл. Следејќи ја родовата дискриминација на пазарот на труд во американската економија во временски период од 200 години, Голдин доаѓа до заклучок дека, генерално гледано, иако жените на пазарот на труд бенефицирале од значајните структурни промени (повисокиот степен на образование на жените, значајно зголемување на бројот на вработени жени, изменетата улога на жените во општеството и сл.), разликите во платите меѓу жените и мажите опстојуваат до денешни дни. Имено, истражувањата и статистичката евиденција покажуваат дека во САД, во 2021 година, жените заработувале 82% од она што го заработувале мажите (за исти работни места и со исти квалификации), а во Европа за 13% помалку по работен час во однос на мажите. Историски гледано, причините за постоењето и менувањето на нееднаквостите во заработувачката меѓу жените и мажите, кои можат да се препишат на дискриминацијата или на постоење на реални фактори, се бројни. Имено, со напуштање на системот на плаќање на жените и мажите по произведено парче, значи според продуктивноста на трудот, типичен за прединдустрискиот период, и воведувањето на помодерни системи на плаќање на работниците, половата дискриминација во однос на заработувачката во периодот од крајот на XIX век до 1940 година во САД се зголемила меѓу 20% до 25%. Претходно видовме дека изборот на жените помалку да вложуваат во сопственото образование пред да стапат во брак и потоа, бил погрешен и условил понизок степен на образование на жените во однос на мажите, а со тоа и репродуцирање на состојбите во висината на платите. Понатаму, во периодот по педесеттите години на минатиот век, работодавачите повеќе ги плаќаат вработените со долга и непрекината кариера, типична за мажите, поради што нееднаквостите во платите се прошируват на штета на жените. Според Голдин, еден друг фактор, кој таа го нарекува ефект на родителството, објаснува зошто разликите во платите меѓу мажите и жените тешко се надминуваат и опстојуваат до денес. Имено, по раѓањето на првото дете, жените кои преземаат поголема одговорност за воспитувањето на децата, стануваат помалку достапни и помалку флексибилни за работење во фирмите, а тоа има негативен одраз врз висината на платите. Фактички, Голдин докажа дека изборите на жените поврзани со пазарот на труд, нејзиното образование и градење на кариера, биле и остануваат ограничени поради стапувањето во брак и преземањето на одговорноста за домот и семејството, а тоа условува тешко надминување на родовиот јаз во поглед на вработувањето на жените и во поглед на висината на нивната плата. Креаторите на политиките, ако сакаат да ги израмнат родовите нееднаквости на пазарот на труд, најпрвин е потребно да ги разберат причините кои ги предизвикуваат. Според Голдин, инвестирањето во информации и образование на жените и промени во легислативата (трудовото право) можат да имаат позитивен ефект во надминувањето на проблемот.

Четврто, на крај ќе напоменам дека, иако испитувањето на оваа проблематика се однесува на САД, откривањето на општите законитости и логиката на функционирање на пазарот на труд, посебно во поглед на неродовите нееднаквости, причините кои ги условуваат и пристапите за нивно надминување, се карактеристични за најголемиот број земји во светот, поради што истражувањата на Голдин добиваат во значење и актуелност. Голем број проминентни универзитетски професори, не само од Харвард, туку и пошироко, мислат дека Нобеловата награда за економија оваа година појде во вистински раце.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот