Низ македонските села со Кристина Паскоска: Селата се темелот на државата, ако ги нема, „ќе јадеме бетон“

Кристина Паскоска е дипломиран етнолог и антрополог, вљубена е во природата, танцот и музиката, а македонските села ги знае долж и попреку. Толку страстно ги истражува, што неретко ќе ја сретнете како оди пеш од село до село, или од град до село, а од истражувањата на терен, се збогатува и со бројни приказни и преданија.

Потребите на селото и селаните треба да се на прво место во една држава, зашто богато село е еднакво на богат град, односно на богата држава.

Се разбира, не пропушта да ја дегустира традиционалната селска кујна, да преноќи, да поразговара со селаните, да ја искенира душата на местото во кое се наоѓа. Своите доживувања ги забележува на нејзиниот блог „Мекам“, име кое етимолошки е изведено од турскиот збор мелем. А, и дружбата со Кристина е вистински мелем.

За што повеќе има моментно работа во Македонија, за етнолозите или за антрополозите, и кон што сметаш дека треба повеќе да се насочат денешните етнолози и антрополози?

– Во моментов, во Македонија се создадени услови за работа и за двете дисциплини, иако етнологијата е попознат термин кај нас и претставува поограничена област, додека поголем дел од луѓето не се запознаени со  антропологијата, а таа содржи голем број подгранки, во кои човек може да се дообразува и специјализира во работата. Фокусот на истражувачката дејност е индивидуална, зависи пред сè од човекот кој ја носи титулата.

Одлично ја познаваш историјата како и живеачката и традициите во македонските села. Кое село, според тебе, има највозбудлива историја, во кое село традициите сè уште најдоследно се практикуваат, а во кое живеачката е најбезгрижна?

– Секое село во Македонија помалку или повеќе е поврзано со значајна и длабока историја, така што не би можела да издвојам едно село. Истиот одговор важи и за традицијата, меѓутоа кога веќе треба да бирам, според мене, како најзначајно село со континуитет на традиција би го издвоила селото Бегниште, во општина Кавадарци, и изведувањето на василичарскиот обред Џоломарство. Живеачката во селата нанижени покрај Пелагонија е најбезгрижна, заради развиеноста на земјоделието, полјоделието, хортикултура, сточарство итн. Затоа сметам дека потребите на селото и селаните, треба да се на прво место во една држава, затоа што богато село е еднакво на богат град, односно на богата држава. Селата се темелот на државата. Доколку ги нема, „ќе јадеме бетон“.

Од сè она што досега си го видела во руралната средина, а доста и си пропешачила, што мислиш – што треба под итно да се заштити?  

– Прво сметам дека треба да се изградат патишта, да се означат патеки, да се воведе струја и вода. Заштита на животната средина со поставување на контејнери за кабаст и обичен отпадок, зашто голем број од селата ѓубрето го фрлаат во река или во блиската шума. Притоа го горат, а тоа останува и скапува во земјата. Откако сè ова би се направило, тогаш останува да се воведат издржани закони и правилници за заштита на руралната средина, како и забрана за високи градби и индустрија, и заштита на автентична архитектура.

Да си министерка за туризам, кои би биле приоритетите на твојата листа кога е во прашање развојот на руралниот туризам?

– Би го промовирала духот на минатото во сегашноста со развивање на стратегија преку која сите напуштени села кои се од големо значење за Македонија, би ги претворила во сканцени – музејски комплекси под отворено небо, составени од повеќе градежни објекти, автентични, реконструирани, или одново изградени според постојната документација, кои формираат амбиент од минатото или од некоја современа, но егзотична култура. Покрај самите објекти, во и околу овие музеи, луѓе облечени во автентична облека, односно носија, и со друга опрема инсценираат или навистина реализираат определени активности, типични за културата, обичаите, традицијата во селото за кое станува збор.

Како гледаш на руралната жена, што ја прави својствена?

– Руралната жена е здрава жена. Тоа што ја прави својствена е времето и местото на извршување на обврските. Селскиот живот е поспокоен од градскиот, има време за сè. Додека во градот, животот е ролеркостер, брз, нервозен и уморен.

Би ни препорачала ли три села кои мора да ги ставиме на нашата листа на посети оваа пролет/лето и што таму да видиме и се разбира, што да дегустираме?

– Топло ви ги препорачувам:

1.Село Јанче, припаѓа во низата на села од Дебарско-Реканската етнографска целина. Претставува една од најстарите населби во Мијачкиот регион. Тоа што го одржува селото во живот, е легендарниот хотел и ресторан „Туто“. Ресторанот е нешто невидено, преинтересно. Секое катче си има своја душа и приказна.

село Јанче / Фото: Приватна архива
 Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

2. Љубојно е село, кое во минатото долго време претставувало образовен, историски и културен центар од сите останати села во Долна Преспа. Главни обележја на ова село се големиот број цркви, големата и длабока историја, специфичната богата градска архитектура. Во Љубојно развиен е и селскиот туризам, ако сакате да преспиете или убаво да се одморите, ви ја предлагам вилата „Стара Чешма“, која е и угостителски објект каде што можете да ги вкусите познатите традиционални љубански јадења како што се: питулици, тури-потпечи, зелник, макало итн.

село Љубојно
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

3. Селото Модриште се наоѓа во низата на села кои припаѓаат на Етнографската целина – Долна Поречија, во средишниот дел на територијата на градот Македонски Брод, непосредно од десната страна на реката Треска. Ова село се одликува со повеќе културни и природни знаменитости, археолошки пронаоѓалишта, црквата „св. Богородица“, која датира од Средниот век, падиште-населба од доцноантичкиот период, Модришки манастир, Кале-градиште од доцноантичко време, црквата „св. Атанасиј Велики“, изградена во 1728 година.

 Модриште / Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот