Никогаш не објаснувај, никогаш не се жали

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Традиционалната мантра на кралското семејство „никогаш не објаснувај, никогаш не се жали“, прв ја проби принцот Хари, сега глас пушти и брат му Вилијам, кој рече дека луѓето треба сами да си изберат кој сакаат да ги води. Ама не се извини. Не беше по протокол.

Ајде некако она со слушањето деца како им пеат песни, смешкањето и мавтањето секому и никому посебно, тоа e, велат, дел од иконографијата на секоја кралска посета. И фотосесиите со слегување по скали, со пречеци и со испраќања, со поздравувања и со запазување на протоколите – не им зборувај на нивните кралски височества додека не ви се обратат, бидете куси и концизни во одговорите и немој случајно да ви падне на памет да ги допрете. Од каде знам? Знам. И да кажеме дека поздравувањето со децата преку жичена ограда и  фотографиите што потоа го обиколија светот биле, всушност, голем пи-ар гаф и ненамерен потег. Се случува. Ама „ландроверот“ и двајцата исправени на него, Вилијам во полна воена униформа со сите медали наредени, а Кејт до него со бел фустан и шапка како за на Аскот, како времеплов за потсетување на колонијалните времиња – директна асоцијација на посетата на баба му, кралицата Елизабета Втора и принцот Филип во 1953 година, само што Елизабета тогаш немаше шапка?! Па да почне муабетот за тоа како овој дел од комонвелтското подрачје некогаш генерираше богатства, зачини, скапоцености и… да, робови, да не ги заборавиме робовите, никако да не ги заборавиме робовите и ропството…

Бахами, Белизе и Јамајка, трите земји таканаречени „прекуморски територии“ на Комонвелтот беа дел од кралската турнеја, која беше оценета релативно (не)успешна. А дека нема сè да оди како што треба со кралската посета на Вилијам и Кејт, војводата и војвотката од Кембриџ, навести дождот, што го донесоа со себе при нивната неодамнешна кралска турнеја на Карибите. А кога таму врне, истура. Кишка прави. При доаѓањето во Белизе, ги дочекаа протести од селаните од областа Толедо поради нерешени имотно-правни односи што се влечат уште од колонијално време. Таму и во Јамајка, помеѓу фотосесии, трки со веслање и со уште деца со и без родители, им беше кажано дека овие две земји (а и третата сериозно се мисли) имаат намера во скоро време да спроведат референдум за независност и да го следат примерот на Барбадос, кој не толку одамна беше во нивно друштво, за потоа да стане република. А на свеченоста беше поканет и дојде престолонаследникот, принцот Чарлс, кој со своето присуство ја увелича барбадоската веселба на прогласувањето република и окончувањето на владеењето на британската кралица.

Комонвелт историја

Колку за потсетување, Британската Империја едно време зафаќаше третина од светот и четвртина од населението – сонцето никогаш не заоѓаше, зашто секогаш некаде го имаше. Но, полека, земјите од третината од светот почнаа да стекнуваат или да се изборуваат за независност и, формално, империјата престана да постои во 1997 година, по предавањето на Хонг Конг на НР Кина, на поприлично незадоволство на тамошното население и поприлично задоволство на –НР Кина. Обединетото Кралство сè уште има задржано 14 „прекуморски територии“ (со оглед на тоа што Британија е остров, сè што не е тука, се нарекува „прекуморско“).

Комонвелтот е една од најстарите политички организации, формирана во 1949 година како збир на 53 земји низ 6 континенти со 2,4 милијарди луѓе. Претходно управувана од Британската Империја во 19 и во 20 век, вклучува поранешни британски колонии како Канада, Австралија, Индија и голем дел од Карибите. Некои земји дури и самите побараа да се во ова друштво, и покрај тоа што никогаш не биле дел од империјата – Камерун, Мозамбик и Руанда. Членството е доброволно и се заснова на почитување неколку начела – слобода, човекови права, трговија, добро владеење. Земјите на Комонвелтот секои четири години имаат и свои мини Олимписки игри. Но, сè повеќе се појавуваат прашања колку е, всушност, релевантна оваа организација, посебно поради некои од законите во некои од нив. На пример, дури во 37 земји членки на сила се анти ЛГБТ мерки, „токсично наследство од британското колонијално владеење“, велат активистите.

Што е поентата?

Додека британските весници, посебно таблоидите, се занимаваа со тоа како „Кејт блескаше на турнејата“ и како „кралската двојка ги допре срцата на Јамајчани“ (и, се разбира, и на Јамајчанките и на малите Јамајчанчиња), истото не можеше да се каже за тамошните медиуми. Британските медиуми велат дека била остварена „офанзива на шармот“, но и тука ние не мислиме така. Не беше целосен кралски неуспех, изјави Тајрон Рид, уредник на весникот „Јамајка глинер“, но рече дека и неговиот весник и многу други пишуваа за луѓето тука кои гласно бараат британскиот монарх и британската држава да се извинат и да ја признаат својата улога во стравичната трговија со робови од минатото.

Многу членови на земјите на Комонвелтот на Карибите, иако ја почитуваат кралицата, сè повеќе ја доведуваат во прашање целта на организацијата, посебно затоа што добија многу малку помош за време на пандемијата со ковид-19. Овие земји се прашуваат што корист имаат кога е речиси невозможно нивните граѓани да добијат визи, а повиците за отштета за ропството се сè погласни и погласни.

Традиционалната мантра на кралското семејство „никогаш не објаснувај, никогаш не се жали“, прв ја проби принцот Хари, за кој сите се согласуваат дека бил многу похаризматичен при посетите на прекуморските територии , но и нему овие кралски турнеи му беа не многу пријатни и премногу „крути“. Сега глас пушти и брат му Вилијам, кој верно го следеше протоколот изготвен од Форин офисот, од луѓе што очигледно или живеат во друго време или не го следат развојот на настаните, па го оставија да стои и да се црвенее додека таму му зборуваа за заминување, ропство, репарации и нови генерации. Рече дека мисли оти нема да биде на чело на Комонвелтот и дека луѓето треба сами да си изберат кој сакаат да ги води. Ама не се извини. Не беше по протокол.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот