Необична изложба со репродукции на дела од Едвард Лир ќе биде поставена во „Куќата на Робевци“ во Охрид

Интересна и необична изложба е планирано да биде отворена на 24 септември во „Куќата на Робевци“ во Охрид. Станува збор за изложбата со наслов „Македонија низ очите, перото и четката на Едвард Лир, 17-24 септември 1848“, која ја поставува Милчо Георгиевски од охридскиот Музеј во соработка и со поддршка од „Лексикон на странски сликари, 1850-1950“.

Во долгогодишната конзерваторска работа на Милчо Георгиевски се вбројуваат повеќе значајни проекти за промоција на македонските култура и уметност. Својата кариера ја започнал во конзерваторскиот проект на црквата „Света Софија“, потоа учествувал во организирањето на изложбата на Охридски икони во Утрехт во 2011, како и на изложбата на охридска резба во Рим во 2016 година. Милчо е експерт и автор и на повеќе книги за македонските икони.

„Лексикон на странски сликари“ е иницијатива која ги следи трагите и откупува дела од странски уметници за кои Македонија била инспирација и муза во периодот 1850-1950.

Во однос на авторот чии дела ќе бидат изложени, Едвард Лир (1812-1888) историските факти укажуваат дека бил со несекојдневен карактер. Лир бил едно од 21 дете во неговата фамилија. Бил одгледан од својата постара сестра Ана. Уште од 6-годишна возраст страдал од епилепсија и имал проблеми со видот. Бил врвен мајстор на акварелна техника. Најпрво цртал животни, но во 1840-тите години започнал да патува низ Италија, Малта, Грција, Египет, Индија и Цејлон.

Во Македонија дошол од Грција и престојувал во периодот од 17 до 24 септември 1848 година во Охрид и Битола, а потоа продолжил во Албанија. Во својот еднонеделен претстој нацртал поголем број скици и акварели, кои ќе бидат репродуцирани и изложени на изложбата во „Куќата на Робевци“.

Покрај сликарството, Едвард Лир бил и писател на т.н. нонсенс поезија и проза, компонирал музика и свирел пијано, хармоника, гитара и флејта. Бил огромен обожавател на поезијата на Лордот Тенисон и неговите композиции биле инспирирани од Тенисоновите поеми.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот