Нема единство меѓу власта и опозицијата за преговорите со ЕУ

Преговорите со ЕУ и покрај пандемијата со коронавирусот тропаат на македонските порти. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара тие да бидат водени од главен преговарач кој ќе биде надпартиска личност.

Од СДСМ со став дека веќе има преговарачки тим и групи кои го поминале бриселскиот скрининг. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, од редовите на ДУИ, кој е и главен преговарач во евроитегративниот процес, неодамна изјави дека би било добро да се најде заеднички јазик со опозицијата за надминување на разликите. Уште додаде дека „доколку е потребно, да се назначи и преговарач кој ќе биде непартиска личност“.

Според меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски битно е по завршувањето на парламентарните избори да имаме политичка Влада која нема само декларативно да се занимава со реформскиот процес, туку ќе создаде состојба со опипливи реформи кои ќе се чувствуваат во сите релевантни области.

– Ние како политичка партија први го отворивме концептот за надполитички главен преговарач. Доколку успееме да најдеме личност која ќе има сериозен авторитет и знаење од соодветната област, ќе може да се обезбеди најпотребното во процесот на преговори кога ќе отпочнат, а тоа е континуитет на експетриза. Убеден сум дека во академската но и невладината средина постојат такви личности. Но, во овој момент ми се чини дека коалцијата СДСМ-ДУИ како да нема капацитет да прифати една таква иницијатива. И повторно се навраќаме на дилемата – дали заложбите на власта се само декларативни или пак се со искрени намери за создадавање на промени, вели Муцунски за Слободен печат.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и национален координатор за европски интеграции во Владата Бојан Маричиќ, за Слободен печат вели дека не гледа проблем во сегашната поставеност. Со ДУИ, веќе имале усогласен став за концептот на преговарачките тимови и дека единствено би можел да се смени доколку има потреба, смета Маричиќ.

– Можеме да разговараме за начини како би била вклучена опозицијата, но поважно од барањето на надпартиска личност е да се усогласиме дека од преговорите нема да правиме политичка борба за собирање на политички поени. Во минатото се покажа дека не е лесно да се најде надпартиска личност прифатлива за сите. Сега најважно е да имаме стручни тимови со знаење и политичка сила за спроведување на одлуките кои ќе произлезат од преговорите. Заедничката европска агенда е многу поважана отколку да се држиме за личности. Дали ќе бидам јас или некој друг во наредните години важно е да имаме согласност дека европската агенда е приоритет од која нема враќање, вели Маричиќ.

Споед Маричиќ ВМРО-ДПМНЕ во изминатите три години покажале дека почесто се грижат за партиската агенда отколу за европската. Посочува дека опозицијата поддржала важни закони за европската интеграција, но дека блокирале и одредени процеси важни за европската иднина на Македонија.

И додека власта и опозицијата не можат да се усогласат околу преговарачката структура со ЕУ, од невладината Евротинк, апелираат на единство за европската агенда, не само на партиите туку на сите фактори во државата.

-Процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ е активност околу која што треба да има не само партиски туку и општествен консензус и кохезија. Сите чинители во општеството треба да застанат заедно зад приказната за европеизација. Сите капацитети треба да се вклучат во процесот. Еве и да се согласиме дека има некаква преговарачка структура, односно тимови, тие сега нема да можат да останат исти. Треба да се адаптираат на новите кластери кои ги содржи новата методологија. Треба да се пополнат со академици, експерти, дел од невладинте, вели Иван Стефановски од Евротинк.

Техничкиот преговарач со ЕУ, Маричиќ посочува дека постоечките тимовите кои имаат правна рамка за секое поглавје се составени од стручни лица од институциите бидејќи преговарачкиот процес го води Владата. Се очекуваат промени во составот на тимовите, но не големи.

– Концептот на тимовите е флексибилен и овозможува учество и на други заинтересирани страни од општество, експрети, академици, луѓе од стопанските комори. Тие веќе го поминаа техничкиот скрининг во Брисел за сите 33 поглавја. Ќе останат, бидејќи остануваат и поглавјата, но ќе треба да се организираат и по кластери. Тоа ќе го правиме во консулсатиција со Европската комисија за да одговараат на новата методолигија. Очекуваме да бида организирани како што ќе биде организиран и преговарачкиот процес, вели Маричиќ.

Муцунски посочува дека власта не им понудила учество во преговарачките тимови.

– Во овој момент како на политичка партија не ни е понудено директно учество во овие работни групи. Истовремно, согласно информациите што ги имам, сеуште соодветно не е ажурирана и исконтактирана листата на експрети кои се пријавени врз основа на јавниот повик кој го имавме пред година ипол. Има недостиг на кадар кој ќе се занимава со стручната јазична рецензија која исто така е многу значајна во овој процес, и тука имаме сериозен застој во законодавството, вели Муцунски.

Од невладината Евротинг пак посочуваат дека власта со невладините организации мора да направи дистинкција меѓу оние кои ќе го набљудуваат процесот и оние кои ќе имаат столче на масата.

-Би било недозволиво да има невалдини организации кои ќе сакаат и да учествуваат во преговорите и да ги набљудуваат, вели Стефановски од Евротинг за Слободен печат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот