Нема абер од Владата кога на седница ќе ги стави мерките за кратење на платите на функционерите и административците

Владејачката СДСМ иако до Владата ги достави предлог-мерките меѓу кои и кратење на платите на функционерите и административците на 14,500 денари со цел справување со заразата од коронавирусот, нема одговор кога ќе се најдат на владина седница. Од партијата на Заев очекуваат Владата наскоро да ги усвои и тие да почнат да се применуваат.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи од редовите на ДУИ на денешната прес-конференција појасни дека во наредните денови ќе бидат разгледани предлозите за кои Владата смета дека ќе бидат од корист за граѓаните.

– Сметам дека во текот на наредните денови ќе се договориме за рестриктивните мерки, за кои Економскиот совет треба да даде финално мислење – рече Османи.

Денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов уште еднаш посочи дека за надминување на кризата од коронавирусот потребни се поефикасни економски мерки, насочени кон заштеда и поголема помош за граѓаните.

– Апелираме до Владата, да донесе одлука за кратење на платите на функционерите, министрите, раководителите, градоначалниците, директорите и на вработените во јавниот сектор на 14.500 денари во месеците април и мај. Претседателите и членовите на Советите во општините и претседателите и членовите на Управните и Надзорните одбори на институциите формирани од централната и локалната власт да не земаат надоместоци за месеците април и мај. Сите средства од оваа заштеда да одат во фонд за справување со кризата од каде ќе им се помага на работниците и стопанството – рече Костадинов.

ДУИ денеска најави дека наредните денови до Владата ќе ги достави своите мерки за излез од кризата. На новинарско прашање дали ќе ја поддржат мерката на СДСМ за кратење на платите на функционерите и админситративците, Османи кратко се остврна само на предлогот за платите на државната админстрација.

– Во однос на платите на јавната администрација сметаме дека не треба да е прва мерка. Пред се треба да се разгледаат други варијанти за справување со ситуацијата без дополнителни лични трауми кон луѓето и семејствата во услови кога и така се трауматизирани од самата пандемија – рече Османи.

За министерот за економија Крешник Бектеши, за ДУИ е прифатлива мерката на коалицискиот партнер СДСМ за исплата на минимална плата на функционерите, во знак на солидарност во услови на економската криза од коронавирусот.

– Мислиме дека треба да почнеме со намалување на платите на функционерите, откажување на секакви плаќања во управни одбори, надзорни одбори и слично, па потоа да ги видиме другите фази имајќи ги во предвид и приходите во државата што треба да ни ги каже Министерството за финансии и да донесеме соодветни одлуки – рече Бектеши.

Денеска од ВМРО-ДПМНЕ пак предложи наместо кратење на плати на работниците и на администрацијата, да нема плати за министрите.

– Ова е конкретен предлог до Владата, Спасовски, Шекеринска и другите да се откажат од платите и да ги донираат за борбата против коронавирусот. Време е функционерите од СДСМ да почнат со свој личен пример да го помогнат народот – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Владата постои економски тим формиран од сите економски ресори, кој секојдневно заседава. Вицепремиерот Османи на денешната прес конференција појасни дека е формиран и тим составен од различните експерти, кои биле политички функционери во различни Влади се со цел да им се даде поголем кредибилитет на мерките што ги презема Владата во врска со надминување на кризата предизвикана од заразата од коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот