Не возвраќајте на непознати броеви од странство: „Вангири“ повици внесуваат вознемиреност кај граѓаните

мобилен телефон
Фото: Unsplash / Jonas Leupe /

Обично телефонот ѕвони неколку секунди за да побуди интерес кај оној што го добива повикот за да возврати на повикот. Со возвраќање на пропуштениот повик, ќе добиете сметка со интернационален разговор, а таму каде што завршува повикот, веројатно некој ќе има некаков бенефит. Само одговор на дојдовен повик не треба да ги плаши корисниците. „Вангири“ е јапонски збор, чие значење е „едно ѕвонење и прекин“.

Граѓаните реагираат дека веќе неколку денови добиваат повици од непознати странски броеви, кои траат кусо, но телефонот ѕвони и по неколкупати. Тие се вознемирени дали на ваков начин некој се обидува да им украде податоци, или да им „набилда“ телефонска сметка. Особено се згрижени оние што го примиле или го возвратиле повикот.

Во А1 Македонија има вакви пријави, оттаму велат дека ова не е нешто ново и дека станува збор за таканаречена „Вангири измама“, јапонска фраза што би значела „едно ѕвонење и прекин“. Притоа, најважно е граѓаните да не го повикаат овој број, односно од љубопитност да не свртат за да видат кој им ѕвонел. Групацијата А1 Телеком Австрија чиј член е и А1 Македонија има во функција систем за заштита од ваква „Вангири измама“, што обично значи телефонски повици од егзотични земји. Но, измамниците што ова го прават сега еволуирале, па повиците доаѓаат од европски земји и од Западен Балкан од соседството, дестинации што досега не биле употребувани за овој вид напади.

– Обично телефонот ѕвони неколку секунди, четири-пет пати. Не секој ќе одговори толку бргу на повикот. Тоа се повици што имаат за цел да добијат нешто назад. Да побудат интерес кај оној што го добива повикот, да возврати. Тогаш кај корисникот ќе наплатиме некаков интернационален повик, а таму каде што завршува повикот, веројатно некој ќе има некаков бенефит од тоа времетраење на повикот – велат од А1.

Граѓаните што имаат пропуштен повик од број што не го познаваат, не треба да возвраќаат на повиците. Легитимните повикувачи, пред сè ѕвонат подолго, оставаат порака или ќе се јават назад по одредено време. Оние корисници што биле брзи и одговориле, не треба да се плашат, за примени повици во домашната мрежа не се наплаќа. Практично меѓународниот повик го плаќа тој што повикува – објаснуваат од компанијата.

Сепак, од А1 велат дека секогаш треба да се биде претпазлив со кревање слушалка на меѓународен повик.

– Сега се актуализираат социјалните мрежи и медиумски сервиси интернет. Ги имаме многу. Сите провајдери на вакви онлајн интернет-услуги имаат некаков механизам за авторизација и автентификација. Притоа, некој има воспоставено појаки, а некој послаби системи за контрола. Сигурно е дека Гугл, Фејсбук, Вибер… воспоставиле посилни механизми на заштита. Но, има провајдери што авторизацијата т.е. автентификацијата ја прават само со телефонски повик и одговор на некаков повикувачки број, вештите измамници може да ја пробијат заштитата што и онака е слаба кај некој онлајн давател на услуга. Секако, за да се случи таква измама, претходно измамениот своеволно треба да пристапи на некаква апликација. Тогаш на измамените може да им се случи и кражба на податоци – објаснуваат од А1 Македонија и потенцираат дека ова нема врска со телекомуникациите, туку со социјалниот инженеринг, но добро е сите корисници на телефони на ум да го имаат овој совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот