Не може да се прават „смарт“ општини без прво да се направат паметни улици, тврдат велосипедистите

Велосипеди низ град/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Општина Аеродром месецов потпиша договор за јавно-приватно партнерство во вредност од околу 656 милиони денари или нешто повеќе од 10 милиони евра за реализација на проектот „Смарт Аеродром“. Договорот кој ќе трае во следните 13 години е потпишан со фирмата „Кресцент – смарт сити“ која единствена доставила понуда на тендерот.

Според потпишаниот Договор, приватниот партнер помеѓу останатото има обврска да постави информативни и комерцијални дигитални дисплеи, таканаречени тотеми со интегрирани полначи за електрични тротинети и велосипеди во Аеродром, со нив да стопанисува и да ги одржува, да обезбеди електрични тротинети и велосипеди и опрема и софтвер за нивно изнајмување.

На договореното реагираа велосипедистите здружени во групата „На точак“ кои велат дека Општина Аеродром ќе даде речиси 11 милиони евра за проектот со кои меѓу другото ќе се купат станици за изнајмување е-велосипеди и е-тротинети, а притоа Општината нема ниту една функционална велосипедска патека во своја надлежност, ниту има план или проект за велосипедска мрежа на локалните улици. Притоа, како што велат, во Аеродром има многу тротоари со паркирани возила, додека пак на територијата на општината Град Скопје гради булевари, но штеди на пешачките и велосипедските патеки и тие служат за „паркирање“ контејнери.

Фото: „На точак“

Каде ќе се возат? По кои општински патеки? Дали ќе има употребна вредност ваков систем на општинско ниво, ако го нема низ целиот град? Која е поентата да има јавен (јавно-приватен) систем за изнајмување само на е-велосипеди кога Аеродром е целосно рамна општина, а со тоа се скратуваат здравствените бенефити од велосипедот? – прашуваат од „На точак“ и додаваат дека немаат против користење е-велосипед во стрмни градови и од луѓе кои имаат потреба од тоа, но дека чуден е приоритетот на Општината, во кои не се изнајмуваат и обични, туку само е-велосипеди.

Оттаму прашуваат дали во Аеродром нема други приоритети на кои може да се потрошат толку пари и дали сите други проблеми се решени.

Ги ослободи и заштити сите тротоари? Ги спушти сите рабници? Ги подигна сите пешачки премини пред училиштата и градинките? Нашите улици се целосно неуредени, небезбедни, непристапни и автоцентрични – покорени на автомобилот и хаосот. Не го задоволуваат ни законскиот минимум за пешаците, а камоли за велосипедите. Не можете да правите смарт општини без прво да направите паметни улици – тврдат велосипедистите.

Велосипеди низ град/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Пред две недели од Аеродром информираа за потпишувањето на договорот и информираа дека стануваат првата паметна општина во Македонија.

Проектот „Смарт Аеродром“ вклучува поставување паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето, а во него се вклучени и различни услуги како изнајмување електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста и ќе придонесат кон намалување на загадувањето. Во рамките на проектот ќе се постават дигитални информативни дисплеи, бесплатни зони за интернет, како и полначи за електрични автомобили. Како што тврдат од Аеродром, проектот ќе влијае и во остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста на граѓаните, создавањето чиста и зелена општина, со намален сообраќаен метеж, чист воздух и здрава животна средина.

Градоначалникот Тимчо Муцунски по потпишувањето на договорот истакна дека станува збор за проект кој ја потврдува не само заложбата за создавање дигитално напредна и еколошки свесна општина, туку и проект кој носи низа придобивки, содржини и зголемен квалитет на живот за секој поединец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот