Не е доволно да се има еко-свест, треба и услови: Контејнерите за селекција на отпад искршени или преполни со ѓубре
Вандализирање на контејнерите може да се види насекаде низ градот, но од друга страна, скопјани кои се еколошки свесни и редовно селектирано се ослободуваат од отпадот во домаќинствата велат дека не е само желбата во прашање, туку и можностите што се нудат во градот за селекција и рециклирање
За да се види колку е ниска свеста за селектирање и рециклирање отпад во Скопје доволна е една прошетка низ градот во која било општина каде што се поставени контејнери за селекција на стакло, пластика или специјалните контејнери наменети за ситен електронски отпад и батерии.
Препорачано
Речиси сите од нив се или преполни или искршени и нефункционални и во нив може да се види секакво ѓубре, а најмалку такво за какво што е наменет контејнерот. Задолжително се исчкртани со спрејови, некои од нив подгорени, а оние за електронски отпад, во делот каде што се фрлаат батерии обично се затнати со хартии, отпушоци или друг отпад.
Затоа пак честопати во контејнерите за комунален отпад може да се забележи сѐ и сешто, од пластика, лаптопи, до батерии и покрај тоа што секој од нас знае колкави загадувачи на почвата се токму батериите и електронскиот отпад. Но кога треба да се отстрани од домовите, очигледно се заборава на овој факт и очигледно тешко им паѓа на некои луѓе да поминат стотина метри за ваквиот отпад да се одложи во специјалните контејнери.

Зошто е потребно вандализирање на контејнерите, поставени на разни локации од „Пакомак“ и „Нула отпад“, кои треба да овозможат почиста и поздрава животна околина и да ја поттикнат навиката за селектирање и рециклирање, наместо трупање отпад, навистина е нејасно.
Притоа граѓаните за нехигиената обично вината ја бараат во комуналните претпријатија, без да размислат колку секој од нас е виновен за она што се случува со ѓубрето околу нас.
Од друга страна и оние скопјани кои се еколошки свесни и редовно селектирано се ослободуваат од отпадот во домаќинствата велат дека не е само желбата во прашање, туку и можностите што се нудат во градот за селекција и рециклирање.
Контејнерите за пластика и ѕвоната за стакло речиси секогаш се полни и во нив нема каде да се фрли. Не ги празнат редовно. И во такви услови и да имаш желба да си еколошки совесен и да имаш навика да селектираш, немаш каде. Настрана што поголем дел од овие контејнери се уништени – вели Зорица од Карпош.

Таа објаснува дека во Карпош 2, до Драмски театар има контејнер за електронски отпад кој е целосно нефункционален и не може да се користи.
Искршена му е вратата каде што би требало да стои отпадот и таму можат да се видат фрлени пластични шишиња и тегли, а веднаш до него е „ѕвоното“ за стакло. Не ги разбирам луѓето и зошто им пречат овие контејнери – вели таа.
Во голем дел од поголемите маркети има поставено вендинг машини преку кои граѓаните можат да селектираат лименки и пластични шишиња, а во замена да добиваат „зелени поени“ за пазарување. Најчесто и тие се полни, затоа што вработените во маркетите не ги празнат навреме и покрај тоа што ова е нивна обврска.
Неодамна со две кеси полни со пластични шишиња отидов во најблискиот маркет каде што има вендинг машина за да ги оставам, спремна со картичката в рака. Апаратот беше преполн, па дури луѓето, кои исто како мене дошле со платична амбалажа, немајќи што да им прават ги оставиле ќесите покрај апаратот. Кога прашав една од вработените зошто не го празнат апаратот, ми беше одговорено – нема кој, имаме многу работа… И како после да бидеме одговорни? За сѐ треба услови – вели жителка на Аеродром за „Слободен печат“.

За да се зголеми свеста кај граѓаните за селектирање и рециклирање, навистина е потребно да се овозможат услови, да има контејнери за селекција на поголем број локации и навреме да се празнат.
„Пакомак“, управувачот со отпад од амбалажи, е одговорен за менаџирање на целиот систем за селекција на отпад од пакување во општините со коишто има соработка. Тоа подразбира поставување контејнери за селекција на отпад од пакување, едукација на населението во однос на рециклирањето и финансирање на системот за празнење на контејнерите. Законска обврска и на општините е да поставуваат контејнери за селекција на амбалажен отпад. Празнењето на контејнерите пак, го вршат јавните комунални претпријатија или приватни овластени собирачки компании.

На нивната веб-страница објаснуваат дека во Скопје за празнење на игло контејнерите за собирањето стакло, пластика и хартија одговорни се ЈП „Комунална хигиена“.
Но, проблем е и што се прави со собраниот отпад и каде се носи на рециклирање.
Bo Македонија има мал број на рециклирачки капацитети за хартија и пластика, а за стаклена амбалажа воопшто нема. Доминантиот дел на собраниот и селектиран отпад од пакување се извезува од државата. Извозници на амбалажниот отпад се крајните поседувачи, односно фирмите за складирање и третман на отпад – се објаснува на официјалната страница на „Пакомак“.


