Научниците открија „негативци на Бонд“, делови од ДНК кои го поттикнуваат развојот на ракот

Фото: Pixabay

Научниците идентификувале делови од ДНК кои се однесуваат како „негативци од филмовите за Џејмс Бонд“ во помагањето во ширењето на ракот. Откриено е дека овие микроскопски делови на генетскиот материјал се одговорни за зголемената отпорност на туморите на лекови и терапии.

Откривањето на ситни парчиња ДНК, познати како екстрахромозомска ДНК (ехДНК), може да доведе до револуција во лекувањето на некои од најагресивните типови на тумор, објаснуваат научниците.

„Откривањето на овие делчиња ДНК и како тие се однесуваат во телото е од големо значење. Веруваме дека тие се одговорни за најголемиот број од најсериозните облици на рак што ги погодуваат луѓето денес. Ако успееме да ги блокираме нивните активности, можеме да го блокираме и ширењето на ракот“, истакнува професорот Пол Мичел од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија.

Составени од мали парчиња ДНК, овие „генски негативци“ живеат надвор од хромозомите, кои се главните клеточни складишта на генетскиот материјал и кои управуваат со растот и развојот на нашите тела и ги одредуваат карактеристиките на секој поединец.

За постоењето на ехДНК се знае веќе со години, но нивната улога и важност во развојот на ракот дури сега е откриена.

„Откривме дека ехДНК се гените кои предизвикуваат рак и дека некако се одвоиле од хромозомите, почнувајќи да се однесуваат на начини кои ги заобиколуваат вообичаените правила на генетиката“, вели генетичарот Хауард Ченг од Универзитетот Стенфорд.

Тие се однесуваат, вели тој, како негативците во филмовите за Џејмс Бонд.

„На почетокот на филмот гледате експлозии, убиства и несреќи за кои не знаете зошто се случуваат и кој е одговорен. Потоа, во еден дел од филмот конечно се среќавате со негативецот за кој се открива дека е причина за целото злосторство“, сликовито објаснува Ченг.

Исто така, научниците можеле да забележат различни чудни и неочекувани работи – тумори кои изненадувачки брзо се шират и се отпорни на лековите и терапиите кои првично биле ефикасни.

„Сега, конечно, го идентификувавме виновникот. Тоа е ехДНК“, додава Ченг.

Големото откритие е резултат на големата иницијатива позната како Големите предизвици на ракот (Cancer Grand Challenges), заеднички проект на британскиот Центар за истражување на ракот и американскиот Национален институт за рак. Со иницијативата се финансирале мултидисциплинарни истражувачки програми кои за цел имаат развој на нови начини за борбата против ракот.

Само за истражување на ехДНК се издвоени повеќе од 20 милиони долари, а учествувале хемичари, биолози, генетичари, математичари и имунолози од Калифорнија, Лондон и други медицински центри ширум светот, пишува „Гардијан“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот