Напната седница: Што и колку се уривало во Карпош повод за кавга меѓу Јакимовски и независните советнички

Фото: Општина Карпош

Кавгата почна откако во дискусија за завршната сметка советничката Татјана Стојановска посочи дека нешто повеќе од 5 милиони денари од буџетот се потрошени за уривање објекти, за други договорни услуги исто толку пари, а притоа советниците немаат никаква спецификација каде е извршено уривање и кои се тие други услуги.

По речиси двочасовни кавги, префрлања, па дури и навреди помеѓу градоначалникот Стевчо Јакимовски и двете независни советнички во Советот на Општина Карпош, мнозинството советници денеска ја изгласаа завршната сметка на буџетот на локалната самоуправа за 2023 година.

Кавгата почна откако во дискусија за завршната сметка советничката Татјана Стојановска посочи дека нешто повеќе од 5 милиони денари од буџетот се потрошени за уривање објекти, за други договорни услуги исто толку пари, а притоа советниците немаат никаква спецификација каде е извршено уривање и кои се тие други услуги. Според неа, големи средства се потрошени и за привремени вработувања, па како што рече, според пресметката на средствата во Општината има околу 200 луѓе привремено ангажирани.

Тоа предизвика реакција од градоначалникот Јакимовски дека станува збор за инсинуации дека нешто се прикажува како трошок, а за друго се потрошени парите, што според него е невозможно.

За да се сруши негде нешто, мора да има решение за уривање, треба да интервенира полиција, на денот на уривање се слика, се документира. Како само ви доаѓа на ум таква мисла? Во Градски парк уривавме дискотеки, знаете колку пари е отидено на тоа? Тоа беше на барање на Град Скопје, да исчистиме за новиот Луна парк. Со недели работевме таму, објектот имаше челични конструкции. И само ни ги потрошија парите. Другите останаа да работат, сега ќе дојде мај, ќе почнат да си работат. Зошто ги потрошивме парите? И тоа две уривања против непознат сторител, не можеме ни да си ги наплатиме парите. Таму кај што уриваме, треба да си ги наплатиме парите. Против кого да ги наплатиме? Не може еден денар да се исплати без доказ, без документации, доста е веќе со инсинуации – рече Јакимовски.

Тој ги „искара“ советничките дека не ги разбираат работите и дека наместо да се занимаваат со контрола, да се ангажираат за доброто на општината, односно да размислат како општината да оствари повеќе приходи со кои ќе може да реализира повеќе потреби на граѓаните.

На тоа Стојановска му реплицираше дека една од улогите на Советот е токму тоа, да врши контрола врз работата на градоначалникот и укажа дека советниците мора да се информирани за сѐ што се случува и да добиваат одговори на своите прашања од општинските служби.

Инаку, според завршната сметка, остварувањето приходи во Буџетот за 2023 година, како што велат од Општина Карпош, зависи од приливот на средства добиени од даноците на имот, даноците на промет на недвижнини, надоместокот за уредување на градежно земјиште, од фондовите, трансферите од други нивоа на власт како и од самофинансирачките активности и блок-дотациите за основното образование и за детските градинки.

 Вкупните приходи на консолидираниот буџет се предвидени во износ од 1.264.866.000 денари, при што се реализирани вкупни расходи во износ од 1.130.453.993 денари. Оттука, приходите на општинскиот буџет се предвидени во износ од 601.231.000 денари, додека пак вкупните реализирани приходи изнесуваат 525.937.540 денари- информираа во Карпош.

На седницата беше изгласан и Годишниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош за 2023 година, како и Годишната сметка на Буџетот на Општината за 2023 година.

Советниците ги разгледаа и усвоија и трите предлог-одлуки, кои се однесуваат на донесување технички исправки. Поточно, станува збор за изработка на предлог за техничка исправка на Детален урбанистички план за ГП 4.3.10 од ДУП за населба Влае 1 дел Б, потоа предлогот за техничка исправка за ГП 6.85 од ДУП за населба Козле, М.З. Пецо Божиновски Кочо – дел, како и предлогот за техничка исправка за ГП 9.21 од ДУП за Градска четврт ЦС 15 – Криви Дол.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за четирите предлог-одлуки за формирање групи со поголем односно со помал број деца, од законски предвидениот број дечиња, во групите во детските градинки „Мајски цвет“, „Орце Николов“, „Распеана младост“ и „Пролет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот