Најпознатата бања на Исланд затворена поради страв од вулканска ерупција

Блу лагун бања во Исланд / Фото EPA-EFE/TATYANA ZENKOVICH

Геотермалната бања Блу Лагун, една од најголемите туристички атракции на Исланд, е привремено затворена бидејќи рој земјотреси го ставија најнаселениот регион на островската држава во состојба на готовност за можна вулканска ерупција.

Гостите брзо ги напуштат хотелите во близина на бањата, откако во четвртокот беа разбудени непосредно пред 1 часот по полноќ од земјотрес со јачина од 4,8 степени, најсилниот што го погоди регионот од почетокот на неодамнешниот бран на сеизмичка активност на 25 октомври.

Бјарни Стефансон, локален таксист, ја опишал ситуацијата кога пристигнал во хотелот Ретрит, каде камења од лава паднале на патот, а паркингот бил преполн со 20 до 30 таксиња.

„Имаше панична ситуација“, изјави Стефансон за Асошиетед прес. „Луѓето мислеа дека ќе се случи вулканска ерупција“.

Областа околу планината Торбјорн на полуостровот Рејкјанес во последниве две недели секојдневно е потресена од стотици мали земјотреси поради акумулација на вулканска магма на околу 5 километри под земја. Земјиштето во регионот се зголеми за 9 сантиметри од 27 октомври, според исландската метеоролошка канцеларија, без да се покажат непосредни знаци на ерупција.

Научниците внимателно ја следат ситуацијата за какви било индикации дека сеизмичката активност се приближува до површината, што би можело да биде показател дека магмата се пробива низ земјината кора, соопшти Метеоролошката канцеларија.

„Во моментов, нема знаци дека активноста на земјотресот станува поплитка“, објави агенцијата на својата веб-страница. „Сепак, ситуацијата би можела брзо да се промени и не е можно да се исклучи сценарио кое вклучува ерупција што произведува лава во областа северозападно од Торбјорн“.

Исланд, кој се наоѓа над вулканско жариште во Северниот Атлантик, во просек има ерупција на секои четири до пет години. Најнемирувачки во последно време беше ерупцијата на вулканот Ејафјалајокул во 2010 година, кој исфрли огромни облаци од пепел во атмосферата и доведе до широко распространето затворање на воздушниот простор над Европа.

Полуостровот Рејкјанес на југозападниот брег на Исланд вклучува вулкански систем кој еруптирал три пати од 2021 година, откако бил во мирување 800 години.

Претходните ерупции се случија во оддалечените долини, без да предизвикаат штета. Додека научниците велат дека тоа е веројатниот исход од сегашната активност, комората за складирање на магма која во моментов повторно се гради би можела да еруптира на помалку од 3 километри од Блу Лагун.

Во најлошото сценарио, лавата би го загрозила градот Гриндавик и бањата, заедно со цевководите што ја канализираат топлата вода до илјадници домови кои се загреваат со геотермална енергија.

„Треба да бидеме подготвени за најлошото“, рече вулканологот Торвалдур Тордарсон. „Земјотресите со јачина од 5 степени, како оној синоќа, се знае дека им претходат на ерупциите“.

Од компанијата која управува со бањата Блу Лагун, каде туристите се капат во базени со морска вода природно загреана длабоко под земја, соопштија дека привремено ќе се затвори поради ноќните „нарушувања на искуството на гостите“ и продолжениот стрес на вработените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот