13 C
Скопје

На Снежана ѝ е преку глава, наместо да има модерна фарма, треба да си „плукне“ на трудот и да се спаси од маките

Разговараме со Снежана Танева, жена фармер и борец до последен здив, која за „Женски печат“/„Слободен печат“ вели дека ѝ останало само еден процент надеж дека ќе успее во оваа држава!Соочена со куп неправди и игнорантен однос од надлежните институции, а од друга страна, со макотрпна работа од утро до мрак, на оваа искусна жена фармер, професионалец и голем работник, ѝ е дојдено толку преку глава, што наместо да ужива почит и да си го исполни сонот за модернизирана фарма, на прагот е да си „плукне“ на трудот и да се спаси од маките.     

Иако, според некое непишано правило, машките деца го наследуваат имотот или земјоделското стопанство, кај нас не беше така, бидејќи брат ми имаше здравствени проблеми, а сестра ми си одбра друга професија.

Снежана Танева е исклучителна жена, пред сè поради неуморната посветеност на работата, но и поради тоа што е чуварка на семејната традиција. Израснала во сточарска фамилија каде што единствената егзистенција била фармата и земјоделието. Нејзиниот татко бил успешен фармер, во времето кога сточарите уживале голема почит и кога имало заработувачка. Сè што спечалил нејзиниот татко било од чесна работа. Снежана со брат ѝ и сестра ѝ пораснале со крави и овци, ги паселе, си играле со јагнињата, а кога ќе се родело теле или јагне, била огромна радост за семејството зашто доаѓал приходот.

– Кога со имотот раководеше татко ми, сакаше јас да го наследам. Јас, искрено, не сакав. Сакав да се омажам и да се спасам од макотрпната работа. Но судбината скрои друг план за мене. Иако, според некое непишано правило, машките деца го наследуваат имотот или земјоделското стопанство, кај нас не беше така, бидејќи брат ми имаше здравствени проблеми, а сестра ми си одбра друга професија. Па, така, морав да ја преземам работата во свои раце – ја започнува својата животна приказна оваа жена витез.

Не ни сонувала што допрва ја чека. Додека нејзиниот татко работел, печалел и создавал, Снежана со фамилијата денес само преживуваат, живеат ден за ден. И не по нејзина вина.

Секојдневна е релацијата Мрзенци – Гевгелија, по повеќе пати. Одгледуваат околу 150 овци и пет говеда. На фармата се произведува свежо овчо и кравјо млеко, и месо од јагне и теле.

– Искрено, да знаев што ме чека, никогаш немаше да се нафатам на овој предизвик – признава таа и додава – се мачиш многу, а пазарните цени што ги нуди државата не се исплатливи. Денес сточарот не е заштитен, работата е дојдена до таму кој како ќе се снајде, така ќе преживее.

Фармата се наоѓа во село Мрзенци, а Снежана со сопругот и децата живеат во Гевгелија. Секојдневна е релацијата Мрзенци – Гевгелија, по повеќе пати. Одгледуваат околу 150 овци и пет говеда. На фармата се произведува свежо овчо и кравјо млеко, и месо од јагне и теле. Луѓето ги научиле што произведуваат, па производството и откупот течат непречено. Но, не можеш да одиш напред, не можеш да се развиваш, да се модернизираш со помодерна технологија, да се зголемуваш, да имаш поквалитетни услови за работа, вели Снежана.

– На фарма работиш од утро до мрак и си ангажиран секојдневно. Целодневна е посветеноста на работата бидејќи има јагниња, телиња, молзење, хранење, водење на пасишта, некогаш има болно животно… Многу е тешко, но кога егзистенцијата тоа го бара, тоа мора и да го работиш – објаснува таа.

За да опстане со фармата многу ѝ помогнале нејзиниот сопруг, братот, сестра ѝ, зетот, мајка ѝ и братучедите, зашто сама да ја води фармата е невозможно –  бара многу работна сила и организација, има многу обврски и сè мора тимски да се работи. На помош доаѓаат дури и децата, кога ќе се ослободат од училишните обврски.

На фарма работиш од утро до мрак и си ангажиран секојдневно. Многу е тешко, но кога егзистенцијата тоа го бара, тоа мора и да го работиш

Одамна сонот на Снежана е да успее во Македонија и да создаде голема и успешна фарма, но вели, тоа зависи од многу други фактори, не само од неа. Една од главните маки ѝ е легализацијата на фармата. Прво, ја снашла селидба – стадото морала да го дислоцира, па со помош на Националната федерација на фармери успеала да добие парцела од општина Гевгелија.

– Пред 10 години општината нè дислоцира на ридот и ни дозволи да направиме монтажно трло, на општонародно место. Направивме натстрешница во која нема струја, едвај обезбедивме вода, а канализацијата уште не е решена – вели таа.

И не само тоа, туку бидејќи не поседува имотен лист за сопственост, не може да инвестира ниту пак да аплицира за странски инвестиции, а со тоа е осудена да тапка во место, да се мачи од денес за утре. Своето стопанство не може да го модернизира, не може да напредува. Цели десет години се залагала за легализација на фармата. Толку ѝ е дојдено преку глава од неправди и од незаинтересираноста и игнорантниот однос на надлежните институции што ѝ доаѓа да крене раце од сè, па дури и да ја напушти државава.

десет години се залагала за легализација на фармата.

– Да, многупати ми е дојдено да продадам сè и да се спасам од овие тркалања низ институциите. А, знаете, ние сточарите никаде не бевме ставени ни во ниеден од владините пакети, а ние сме брендот на државата, ние произведуваме храна, и сега во време на пандемија сите ги одржуваме – додава Снежана.

Сепак, не оди ни така лесно да се кренат рацете, да се предаде:

– Јас сум 99 отсто решена да се откажам, ама има некои законски обврски кон фамилијата, бидејќи брат ми е самохран родител и морам да му помогнам. Инаку, имам само еден процент надеж дека ќе успеам во нашава држава.

Толку ѝ е дојдено преку глава од неправди и од незаинтересираноста и игнорантниот однос на надлежните институции што ѝ доаѓа да крене раце од сè, па дури и да ја напушти државава.

Добро е информирана како живеат фармерите, сточарите, земјоделците во Европа. Ни вели дека каде и да работиш во Европа ќе бидеш признаен и легализиран, па и награден, затоа што си фармер, зашто одгледуваш животни и произведуваш храна.

– Фармите во Европа се со најмодерна технологија, имаат пространи пасишта, ги надгледуваат со дронови, се работи во луксузни услови и законски се заштитени – објаснува оваа жена со „врзани раце“ и со последна надеж за поддршка.

 

 

Поврзани вести

ФОТО | Вил Смит сака да ја врати титулата „најдобар фраер“: Актерот започна со вежбање во теретана!

Слободен печат

Доаѓа моќен астро период за пари и љубов: Овие три знаци ги очекува голема среќа за време на младата Месечина

Слободен печат

ФОТО | Холивудските сребрени лисици: Овие актери се позгодни и пошармантни благодарение на седата коса!

Слободен печат

Успорената демографија нема да ја сопре Кина

Гидеон Рахман/Financial Times

Пред десет години Парис Хилтон предизвика гнев кај јавноста, а дури денес го објасни натписот на нејзината маица „Престанете да бидете сиромашни“

Слободен печат

Експертите го вперија прстот во него: Само еден човек е виновен за заминувањето на Меган и Хари од кралското семејство!

Слободен печат

Остави Коментар