На позитивната листа нема да се најдат лекови за слабеење, за козметички цели и за откажување од пушење

Колаж: Слободен печат / М.С.

До овој момент нема пристигнато ниедно барање од фармацевтските компании до Министерството за здравство за нивниот лек да се најде на обновената, посовремена позитивна листа на лекови. Министерот за здравство Фатмир Меџити пред две недели најави дека формирал Комисија од стручни лица која двапати месечно ќе ги разгледува апликациите од фармацевтските компании кои ќе доставуваат предлози нивниот лек да се најде на позитивната листа, ама засега оваа Комисија нема работа, зашто нема апликации.

Со ставањето на лекот на позитивната листа, тој всушност станува бесплатен за пациентите, бидејќи трошокот за него го плаќа Фондот за здравствено осигурување.

Зошто фармацевтските фирми не ги пријавуваат своите лекови за можноста да се најдат на позитивната листа? Од Министерството за здравство велат дека најверојатно се работи за обемната документација која што треба да се собере и затоа што фармацевтските фирми работат на тоа да достават целосни и квалитетни понуди.

„Кај компаниите постои интерес и секојдневно се прават консултации, со цел доставување комплетни и уредни барања во постапката. По доставувањето на барањата ќе се применуваат одредбите од Правилникот за начинот и методологијата за утврдување лек на позитивната листа“, изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за здравство.

Министерството го најави проширувањето на позитивната листа на лекови помпезно, со ветување дека ќе обезбеди поефикасна и понова терапија за пациентите. Се изработи и нов правилник за тоа како ќе се утврдува оваа проширена листа на понови лекови кои ќе паднат на товар на Фондот за здравство. Кои лекови ќе се најдат на новата листа на лекови уште не е познато бидејќи нема апликации, ама во правилникот е точно утврдено кои лекови сигурно нема да се најдат.

Во листата на лекови не може да се стават лекови за болести што се покриени со здравствените буџетски програми, лекови што не се препишуваат на рецепт, лекови што служат за промена на атлетските способности, лекови што се даваат во козметички цели, за престанок на пушење, за губење телесна тежина и нутриенси наменети за специфични диети.

Не е ни чудо што досега не е пристигнато ниедно барање од фармацевтските компании до Министерството за здравство за ставање на нивниот лек на позитивната листа, ако се погледне обемната документација што треба да се приложи, а која е одговорност на самата компанија.

Така, тој треба да приложи збирен извештај за особините на лекот, изјава со која се обврзува дека ќе го снабдува лекот континуирано најмалку во наредните 12 месеци, научни докази за значењето на лекот, анализа за тоа дека има економска оправданост од примената на лекот, табеларен приказ дека лекот се користи и дека е покриен од буџетите на земјите од соседството како Словенија, Хрватска, Србија и Бугарија, табеларен приказ колку чини лекот на големо во земјите од регионот, колку треба да изнесува доплатата од страна на пациентите, како и предлог колку треба да чини лекот на големо во Македонија.

На позитивната листа како и до сега ќе има два типа на лекови, од листата А и од листата Б. На листата А се наоѓаат лековите што се пропишуваат и издаваат на рецепт во здравствена установа од примарна здравствена заштита. Тие може да се издаваат и да се користат и во болници.

На листата Б се наоѓаат лекови за специјалистичка и болничка здравствена заштита, односно таа содржи лекови што се препорачуваат и применуваат во болниците.

Комисијата за оценка на апликациите лекот да се стави на позитивната листа се состои од членови од Министерството за здравство, од Фондот, од МАЛМЕД, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, односно специјалисти од различни области.

Лекот ќе се вреднува од повеќе аспекти, меѓу кои и тоа колку одредена болест го чини општеството, неговата безбедност, ефикасност и ефективност, како влијае врз текот на болеста, како тој влијае врз буџетот.

-Вреднувачки критериум се и етичките аспекти, односно намената на лековите за деца до 18 години, жени кои планираат семејство, породување и мајчинство. Претседателка на стручната комисија која ќе ги разгледува апликациите на фармацевтските компании е доктор Љубица Шутуркова. Позитивната листа на лекови не е ревидирана 13 години.

На страницата www.lekovi.zdravstvo.gov.mk на крајот на секој месец ќе се објавуваат имињата на лековите за кои било поднесено барање и уредно било прифатено со името на подносителот, името на лекот, дозата и јачината.

Откако Министерството за здравство ќе го прими барањето, ќе му го прати на Фондот за здравство кој има дури 2 месеца да даде мислење. Од правилникот произлегува дека дури и барањето да е комплетно со сите документи, комисијата има месеци за да креира ранг листа и целата постапка да се заврши. Така, сигурно е дека листата на лекови нема да се поднови, барем до есен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот