МЗТ Скопје Аеродром ја слави 11 титула шампион на Македонија

Момент од натпреварот Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром во Битола/фото: kfsm.mk

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром и по трет пат беа подобри од Пелистер со резултат 78:67 во финалната серија од Првата македонска лига за конечни 3-0 и вкупно 11 шампионско одличје во историјата. Уште еднаш, крунисувањето е во Битола, каде екипата од Аеродром по петти пат по ред стигна до трофејот.

Битолчани одлично го отворија третиот меч од финалето, за четири минути од играта поведоа со 13:14, нешто потоа имаа и 15:18. Но, до крајот на првото полувреме, МЗТ Скопје Аеродром направи пресврт. Не само што ја стигна стартната негатива, туку првата четвртина гостите од Скопје ја решија во своја корис (20:18).

фото. kfsm.mk

Недостаток на играчи за скок-игра, „пелистерци“ некако го компензираа со одлична реализација во шутот, пред сè за три поени, каде доминираше Костоски, а со два точни обиди за три, уште во првиот период, помогна и Мијовиќ. Искусниот бек на „бело-зелените“ ги погоди првите четири обиди зад линијата од 6.75 метри. Доволно за Пелистер да ја врати водството на своја страна (29:25).

Младиот Петков беше „освежувањето“ во играта во нападот за МЗТ. Со помош на осумте поени на младиот репрезентативец, гостите успеаја да ја вратат предноста на своја страна, макар и минимална. На другата страна од теренот се чекаше друг играч. освен Костоски, кој ќе „повлече“ во нападот. Делумно тоа беше Мијовиќ, кој погоди уште еднаш за три поени. За нова промена на водството (35:33), во 17 минута од натпреварот.

фото: kfsm.mk

И покрај тоа, крајот на полувремето донесе предност за Пелистер (43:39), креирано од двоецот Костоски-Мијовиќ, кои искомбинираа 29, од тие 43 поени за домашната екипа. Домаќините имаа и подобар старт на второто полувреме, во кој во два наврати се стекнаа со плус од седум поени (50:43), во 23 минута. А нешто потоа имаа и 54:47.

Тројките кои дојдоа од Гилон, потоа и од Делалиќ го вратија шампионот кон вистинската насока. Отворија серија од 11:0, за позитива од пет поени за „металците“ (61:56). Без „продолжена клупа“ тешко им одеше на битолчани во овој трет сегмент од третото финале. По три одиграни четвртини, МЗТ Скопје водеше со 61:57.

Гостите од Скопје имаа уште повиска предност, на почетокот на последниот дел, (66:57). Петков продолжи со својата добра игра, во нападот се приклучи и Делалиќ, кој исто така стана и „двоцифрен“. Домаќините застанаа на само два поени, за скоро пет минути игра во четвртата четвртина. И не успеаја да се подигнат токму во тие минути на одлука, кога стигна промоцијата на нов-стариот шампион на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот