Мустафа: Погрешив што го поддржав Курти при формирањето на владата

Фото: МИА

Луѓето кои го окружуваат Курти, Мустафа ги нарече „папагали” и „дворски палјачовци”.

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа вели дека направил грешка кога ги поддржа Движењето Самоопределување (ВВ) и неговиот лидер Албин Курти за формирање на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

По повод првата жртва од коронавирусот во земјата, Мустафа на својата страница на Фејсбук напиша дека и тој се залагал за прогласување вонредна состојба заради поефикасно справување со заразата, но таквите барања премиерот Курти ги третирал како заговор против него.

Луѓето кои го окружуваат Курти, Мустафа ги нарече „папагали” и „дворски палјачовци”.

– Соседните земји ги спроведуваат сите мерки, вклучително вонредната состојба и полицискиот час. Пред пет дена и јас дадов идеја за спроведување на вонредни мерка (…) Прашањето се истретира од премиерот како заговор. Неговиот и проблемот на папагалите кои го окружуваат се сведе на тоа кој теба да е посилен, тој или претседателот (Хашим Тачи), а не како да се затвори циклусот на сите мерки. Дури, владините дворски палјачовци се обидоа тоа да го оквалификуваат како обид за државен удар, вели поранешниот премиер.

Курти во средата, на 18 март, го разреши министерот за внатрешни работи од редовите на ЛДК Агим Велиу, затоа што, според образложението, истапил против владините ставови со тоа што во телевизиско интервју го поддржа барањето на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба и изјави дека заразата се шири од час во час.

Според логиката на ВВ, вели Мустафа, „државен удар се случил во Бугарија, во Северна Македонија, во Србија”, додека премиерот на Албанија „треба да се разреши бидејќи им кажа на граѓаните дека, доколку се однесуваат неодговорно, нема да има места каде да се сместат болните, ниту каде да се погребуваат починатите”.

– Според таа логика треба да се разреши и германската канцеларка, затоа што предизвика „ужас” кај граѓаните кога зборуваше за размерите од 60-70 отсто што може да ги има пандемијата во Германија, порача лидерот на ЛДК.

Мустафа вели дека му доаѓа да се суди самиот себе поради грешката што ја направил со поддршката на „коалицијата со тие луѓе кои немаат никаква одговорност”.

– Кога ги слушам некои високи владини функционери од ВВ со каква неодговорност конструираат наводни сојузи, ми доаѓа да се судам себеси за грешката што ја направив кога ја поддржав коалицијата со тие луѓе кои немаат никаква одговорност за позициите кои ги држат, туку продолжуваат со кампања и пропаганда на која можат да им завидат и најдиктаторските режими, напиша Мустафа.

По разрешувањето на Велиу ЛДК поднесе до Собранието барање за свикување вонредна седница за гласање доверба на владата на Курти, за што доби поддршка од опозициските партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот