Mорето од бројки во децимали крие тони канцерогени загадувачи

Загадување на воздухот во Скопје/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Половина година доцни Годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2019 година. Граѓаните уште немаат информација по колку тони разни загадувачи се испуштиле во воздухот, водата и почвата и за колку е намалено или зголемено загадувањето во однос на претходните години, иако Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) има законска обврска за редовно информирање на јавноста за состојбата на околината.

Овие годишни извештаи треба да содржат обработени податоци за видовите емисии, за нивните количини и извори, како и за надминувањата на максимално дозволените граници и за штетните последици на сите загадувачи по здравјето. Во нив, низ годините, покрај редовните загрижувачки податоци за загадениот воздух, беа изнесувани и фрапантни бројки, дури и да ги менуваат од тони во килотони за да бидат во децимали. А, станува збор за илјадници тони опасен отпад, за енормни количини канцероген шествалентен хром во подземните води кај Јегуновце, за десеткратното надминување на опасниот бензопирен во Карпош, за вкупни емисии на жива што стигнуваа и до 270 тони годишно, за животозагрозувачка екстремна бучава околу Клиничкиот центар, подрачје од прв степен на заштита од бучава и други опасни загадувачи.

Извештаите сè поквалитетни, околината сè позагадена!

Од МЖСПП велат дека годинава направиле промени, со цел извештајот за 2019 година да биде поквалитетен, а податоците ќе бидат достапни за јавноста до крајот на годината.

– За да го подобриме, оваа година Годишниот извештај за квалитетот на животната средина го интегриравме во Индикаторскиот извештај за животна средина како покомплексен и подетален извештај. Документот е во финална фаза. Согласно со Законот за животна средина, Индикаторскиот извештај го усвојува Владата и затоа публикувањето на веб-страницата на Министерството може да се очекува до крајот на оваа година, по усогласувањето со сите надлежни институции и усвојувањето на документот. Вообичаена практика е да се објави до јуни, но годинава доцни поради состојбите со коронавирусот – велат од Министерството за „Слободен печат“.

Екоактивисти алармираат дека загадувањето опасно го загрозува јавното здравје. Од „О2 иницијатива“ велат дека интензивно реагираат за неспроведувањето на програмата за чист воздух и за нереализираните планови и ветувања.

– Немаме основни стратегии за подобрување на животната средина. Резултатите од досегашните активности се поразителни, воздухот е еднакво токсичен и загаден во континуитет и нема надеж дека тоа ќе се измени со чекорите што се преземаат или не се преземаат. Отчетот изостанува, извештајот за лани, кој треба да е јавен уште го нема, а состојбата е очајна, без разлика дали станува збор за воздух, почва или води. Не ни е познато зошто доцни извештајот, но го потсетуваме Министерството на неговата законска обврска да го информира населението – велат од „О2 иницијатива“.

Најмногу нè труе она што не се мери

Што открија досега овие извештаи, освен редовните бројки за катастрофалното загадување на воздухот со ситни честички, слабиот квалитет на реките и затрупаните ливади со тони ѓубре? Во Македонија не се мери редовно концентрацијата на некои опасни аерозагадувачи, како што е бензопиренот, но тоа не значи дека го нема. Една кампања во Карпош и извештајот за 2016 година ни покажаа колку го вдишуваме овој отров во зимските месеци. Бензопиренот е мерен од август 2015 до март 2016 година и е добиен поразителен резултат. Целната вредност за бензопирен е само еден нанограм на метар кубен воздух, а неговата концентрација почнала да се зголемува од октомври, и во декември и јануари достигнала вредност од дури  18 и 19 нг/м3.

„Целната вредност за бензопирен во националното законодавство изнесува 1 нанограм на кубик воздух како годишна вредност. Просечната концентрација од 8 нг/м3, измерена во полугодишната кампања, ја надминува целната вредност“, пишува во извештајот.

Бензопиренот е канцерогена хемикалија, која предизвикува трајни оштетувања на ембрионот кај бремените жени. Според извештајот, високата изложеност на оваа хемикалија може да предизвика помал коефициент на интелигенција, како и астма кај децата, а резултира и со предвремено породување, ниска телесна тежина кај новороденчињата и срцеви малформации. Кај децата предизвикува високи нивоа на анксиозност или депресија. Најмногу се ослободува со непотполно согорување материи што содржат јаглерод – нафта, дрво, отпад или јаглен, а фините честички на бензопирените и на другите полициклични ароматични јаглеводороди се поврзуваат со честичките од пепел и се пренесуваат на големи растојанија. Тоа значи дека, иако го нема редовно во извештаите, го има во воздухот секоја грејна сезона.

Дали намерно не се толкуваат резултатите?

Од друга страна, концентрациите на канцерогениот шествалентен хром што се испушта во водите околу Јегуновце редовно се мерат, но резултатите не се споделуваат редовно со јавноста, а кога ќе се споделат, не се толкуваат. Бројките за концентрациите на хром првпат беа објавени во извештајот за 2015 година, каде што беше наведено дека „во околината на поранешен ХЕК Југохром во 2012, 2013, 2014 и 2015 година било покачено нивото на вкупен хром во водата, што е утврдено од анализите направени од пиезометарот во Јегуновце, кој е наспроти депонијата на спротивната страна на Вардар. Резултати се претставени во табела. Иако извештајот зборува за вкупен хром, во табелата беа наведени резултати за опасниот шествалентен хром, и тоа дури 20.100 микрограми на литар, измерени во март 2015 година.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Според Уредбата за класификација на водите вкупниот и шествалентниот хром се штетни и опасни материи и за да биде водата од прва или втора класа, вкупниот хром не смее да надминува 50, а шествалентниот 10 микрограми на литар! Во подземните води околу Јегуновце со години се мерени вредности од 5.000, па 10.000, 15.000 па и до 20.100 микрограми на литар! Понатаму, во извештајот за 2016 година резултатите не се наведени, само е нагласено дека водата во Јегуновце е загадена со хром, а во извештајот за 2017 година се вели дека нема загадување на подземните води во Македонија.

„Слободен печат“ неодамна беше во Јегуновце каде се увери дека загадена вода се влева во Вардар, затоа што Југохром е затворен од 2016 година и никој не ја одржува пречистителната станица за отпадни води.

Од „О2 иницијативата“ велат дека реалноста вознемирува.

– Министерството мора да даде итно официјален одговор каде оди овој брод. Зборовите и уверувањата не значат ништо, состојбата вознемирува. Утехите од типот се носат закони што ќе овозможат подобра борба со загадувањето се само одложување на проблемот, посебно знаејќи дека законите се конципираат така што лесно може да бидат изиграни и најчесто измените се само фино шминкање и декларирање без никакви драстични промени кои би ги поместиле работите кон подобро и би овозможиле вистински промени – велат екоактивистите за „Слободен печат“.

Отпадот на непознат пат

Извештаите за квалитет на животната средина открија дека во Македонија, освен што се создадени, дополнително се и увезени илјадници тони опасен отпад, а од хаотичните информации се заклучува дека надлежните не знаат што се случува со тој отпад.

Според извештаите, најмногу опасен отпад е увезен во 2016 година, фасцинантни 118.779 тони! Во 2015 година се увезени 78.595 тони, во 2014 година 3.492 тони, во 2013 година 2.605 тони, а за 2012 и 2011 нема пријавен увоз на опасен отпад. Отпадот го увезле индустриите што и инаку создаваат опасен отпад во своето работење.

Според извештајот за 2015 година, 78 деловни субјекти пријавиле вкупно создаден опасен отпад од 1.763.461 тони, од кои самите отстраниле 1.684.080 тони. На други лица им е предадена количина од 74.176 тони и потоа на предаденото ѓубре му се губи трагата.

„Од овие 74.176 тони, депонирани се 232 тони, преработени се 3.470 тони, а за количина од 70.473 тони опасен отпад судбината не е позната, односно не е наведено понатамошното постапување“, се вели во извештајот за 2015 година.

Живата е смртоносна, во тони или килотони, сеедно

Според извештајот за 2014 година, во воздухот се испуштени 269 тони жива, 143 тони кадмиум, 4.530 тони олово, 2.342 тони никел и 882 тони арсен! Во 2013 година, пак, се испуштени 949 тони жива, 495 тони кадмиум, 1.846 тони никел и 892 тони арсен!

Од 2015 година податоците почнаа да се објавуваат во нова мерна единица – килотони, па се изразуваат во децимали, без објаснување зошто е тоа сменето. Според извештаите, во 2015-та во воздухот се испуштени 0,251 килотони жива, во 2016 – 0,216 килотони, а во 2017 година – 0,192 килотони жива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот