Моќниците го потценија коронавирусот: Трамп и Путин преку ноќ се соочуваат со рапиден број на заболени во своите држави

Соединетите Американски Држави се на пат да станат следниот епицентар на коронавирусот. Вака гласи песимистичката прогноза на СЗО по најновите бројки кои велат дека изминатиов период повеќе од 1000 Американци починале, а инфицирани се 60.000 луѓе… Повеќе од половина од населението во САД се во изолација, па според бројот на заразени лица, САД сега се наоѓаат на трето место по Кина и Италија.

Медицински персонал се упатува кон болницата Маунт Синаи во Њујорк / 26 март 2020, Њујорк, Њујорк, САД / Фото: EPA-EFE/PETER FOLEY

Во меѓувреме, Шпанија и Италија ја стигнаа Кина по бројот на починати од последиците на коронвирусот.

Италија за викендов се очекува да го доживее врвот на епидемијата, а Шпанија поради билансот на 738 смртни случаи во изминатото деноноќие беше принудена да ја продолжи вонредната состојба. Одлуката на повеќето држави да воведе вонредна состојба, полициски час и да ја извади армијата на улиците само укажува колку состојбата со коронавирусот е сериозна и колку судејќи според бројките на заразени и починати, можеби реакциите се задоцнети.

Улицата Марина во Барселона полупразна, што е ретка глетка / 24 март 2020, Барселона, Шпанија / EPA-EFE/ANDREU DALMAU

Во светот досега починаа повеќе од 21 илјада луѓе од коронавирусот, а заразени се повеќе од 470 милиони луѓе. Бројни држави меѓу кои Италија и Индија се во целосна блокада. Индија со околу една милијарда население би можела да биде следното големо жариште на коронавирусот што дополнително би ја искомплицирало и онака сложената состојба со пандемијата на коронавирусот.

Луѓе чекаат пропусници за движење поради новите мерки пред полициска станица во Њу EPA-EFE/RAJAT GUPTA
Луѓе чекаат пропусници за движење поради новите мерки пред полициска станица во Њу Делхи / 24 март 2020, Индија /  EPA-EFE/RAJAT GUPTA

Се поставува прашањето дали доколку навремено се реагираше, ќе можеше да се сузбијат последиците и воопшто да се спречи оваа пандемија?

Политиката сега го игра своето, ако се земе  предвид дека има одредени обвинувања за тоа кој е виновен или кој крие информации за вистинската состојба со бројката на заразени. Кина, која како светско жариште од каде што тргна пандемијата, полека ја сузбива и судејќи според опаѓачката бројка на новозаразени, го победува коронавирусот, сега го дава своето искуство за другите држави како да се справат со вирусот.

Другите суперсили, пред сè САД, како да не се подготвени да ги слушаат овие совети и искуства, туку возвраќаат со обвинувања дека комунистичкиот режим во Пекинг крие информации за вистинските бројки на заразени.

Русија има бројно население, а пријавува мал број на заболени, што е нереално. Ја игнорира пандемијата и речеиси да не презема мерки. Сè до денес. Бројката од еден починат и 843 заразени од Ковид-19 е незначителна за една држава од 200 милиони жители, што дополнително укажува дека јавноста не е толку транспарентно информирана. Но сепак, според последните инфомации, Русија во последниве 24 часа регистрирала 183 новозаразени, што покажива дека бројката на инфицирани лица од Ковид -19 се зголемила за трипати. Токму овој податок го принуди Путин да и се обрати на нацијата и да нареди зголемување на борбената готовност на руската армија со цел да се провери подготвеноста во услови на пандемијата на коронавирусот.

Путин во жолто заштитно одело во посета на пациентите заразарени со Ковид-19 во Москва / 24 март 2020, Москва, Русија / PA-EFE/ALEXEI DRUZHININ / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Но глобалната политика на светските суперсили не се грижи само за здравствените, туку и на политичките и економските последици. Инитересите на „големите“ речиси секогаш се насочени на супериорноста и доминацијата во светот. Во услови кога во моментов во светот има три суперсили, тешко е некоја од нив да ги остави работите и да ризикува да ја загуби доминацијата. Тоа најверојатно е и главната причина за воздржаноста на американскиот и рускиот претседател околу коронавирусот. Но потценувањето на овој невидлив непријател Трамп сега го става во една можеби неблагодарна дилема: Дали да ги затвори САД и така да и дозволи на опоравената Кина да ја преземе глобалната доминација, или да ги остави отворени границите и така во САД да влезат голем број новозаболени?

Доналд Трамп и Си Џипинг претставени  на фигури од картон со маски на лицата во Москва / 24.03.2020, Москва, Русија / EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Трамп неодамна изјави дека Соединетите Американски Држави мора да се отворат до Велигден. Доколку се земе сериозно оваа изјава, тоа значи дека САД ќе се отворат на 12 април, кога и католиците годинава го слават Христостовото воскресение. Доколку Трамп ја исполни оваа најава, ќе се потврдат стравувањата на оние кои сметаат дека САД ќе бидат следното жариште на коронавирусот во светот. А доколку не се преземат мерки, тоа би можела наскоро да стане и Русија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот