„Мојот сопруг, Јосип Броз“

Иако Јованка поминала најмногу години со Тито (тие немале заеднички деца) сепак може да се каже дека вистинската, ако не и единствена, љубов на Тито била и останала младата и убава партизанка Даворјанка Пауновиќ – Зденка.

Четири жени можеле да ја употребат оваа реченица, но ниту една од нив не била жената на неговиот живот. Јавниот живот на доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито, е општо познат на пошироката јавност. Многубројни документи, книги, монографии и документарни и играни филмови зборуваат за тоа, но се до распадот на заедничката држава на јужните Словени, малку се знаело за неговиот приватен живот. Кои биле жените во Титовиот живот и колку тие успеале за себе да задржат дел од вниманието на една од најзначајните личности на дваесеттиот век?

Титовата прва сопруга е Русинката Пелагија Белоусова. Со неа, тој се запознава за време на заробеништвото во Русија, каде што се нашол како австроунгарски војник за време на Првата светска војна. Венчавката е во 1918 година, кога таа имала само 14, а тој 26 години. За жал, нивните први деца, Златица и Хинко, починуваат многу млади, но во 1924 година се раѓа нивното трето дете, на кое му го даваат името Жарко. По војната се селат во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, каде и двајцата земаат активно учество во Комунистичкото движење. По апсењето на Броз, Пелагија и Жарко се враќаат во Русија и таа работи во Коминтерната. Нивниот брак се распаѓа во 1936 година. Две години потоа таа е уапсена за време на големата Сталинова чистка, обвинета е дека е троцкист и осудена на затворска казна. Поради Тито, Пелагија ќе биде во затвор и од 1948 година, кога со резолуцијата на Информбирото се нарушуваат односите помеѓу СССР и СФРЈ. Таа се премажила и ја родила ќерката Нина. Починала во Москва во март 1967 година.

 

Две жени истовремено

 

Во меѓувреме, Тито се жени со Луција Бауер, германска комунистка. Овој негов брак е најмалку експлоатиран од неговите биографи, а причината за тоа се дознава многу години по неговата смрт, кога од архивите на НКВД (тајната полиција на Сталин) излегуваат документи поврзани со сослушувањето на Тито по повод апсењето на неговата поранешна и тогашна сопруга. Имено, за време на големата чистка покрај Пелагија е уапсена и Луција Бауер. Во монтираниот процес против неа, таа е осудена на смрт и погубена на 27 септември 1938 година. Тито, кој во тоа време е во Југославија, се враќа во Москва во август истата година и разбира дека неговата сопруга е уапсена. Не долго потоа тој во писмена изјава до Коминтерната пишува дека „се чувствува виновен што поради недостаток на будност не ги забележал предавничките постапки на својата сопруга“. Во времето кога ја пишува изјавата, Луција е веќе мртва. Во беспрекорната биографија на најголемиот син на југословенските народи немало место за податокот дека тој ја денунцирал сопругата, со цел да си го заштити сопствениот живот.

Својата трета сопруга, Словенката со еврејско потекло, Херта Хаас, Тито ја запознава во Париз во 1937 година. Две години подоцна, по нивната втора средба почнуваат романтична врска, која резултира со брак. До почетокот на Втората светска војна живеат заедно во Загреб, каде што во предвечерието на војната, на 24 мај 1941 година, се раѓа нивниот син и последно дете на Тито, Александар Мишо Броз. Војната ги разделува двајцата сопружници, Тито заминува во партизани, а Херта останува во Загреб да го чува новородениот син, сѐ до март 1942 година кога е уапсена од усташите, по неуспешниот обид за самоубиство.

За тоа време, Тито ја запознава младата и убава партизанка Даворјанка Пауновиќ – Зденка, која набрзо станува негова секретарка, но и љубовница.

Во 1943 година, во Загреб се водат преговори помеѓу партизанската делегација предводена од Владимир Велебит и германската војска на кои е договорена размена на затвореници. Помеѓу разменетите затвореници е и Херта Хаас. Искусниот дипломат Велебит успева Германците да не го дознаат нејзиниот вистински идентитет, мислејќи дека извесната Марија Сариќ (лажното име кое го употребувала Херта во тоа време) нема никаква врска со командантот на партизанските сили.

По ослободувањето од заробеништво, Херта се приклучува кон Главниот штаб на Народноослободителната војска на Југославија и набргу станува свесна за новонастанатата ситуација. И додека во Јајце се подготвувало Второто заседание на АВНОЈ, во Главниот штаб се одвивала вистинска драма. Даворјанка ја пречекала Херта со зборовите: „Драга моја, во оваа куќа нема место за две жени“.  Вознемирената Херта отишла кај Тито со прашањето: „Која ти е таа жена? Зар јас не сум твоја жена?“ Тито, кому му било незгодно поради присуството на неговите соработници, ѝ одговорил: „Па, договорете се“. Тоа била капката што ја прелила чашата, по што Херта засекогаш го напуштила и преминала на ослободената територија во Словенија, а со Тито се сретнала само уште еднаш во животот.

Романсата помеѓу врховниот командант на партизанските сили и неговата секретарка продолжила во текот на целата војна. Тие биле толку многу заљубени еден во друг што Титовите соборци морале да интервенираат и да ги замолат да бидат потивки додека водат љубов бидејќи тоа може лошо да се одрази на моралот на војската. И токму на крајот на војната, судбината си поигрува со двајцата вљубени. Имено, Зденка заболува од туберкулоза и умира на дваесет и петгодишна возраст, на 1 мај 1946 година. Тито, скршен од болка и сакајќи да ја сочува Зденка во своја близина, одлучува да ја погребе во непосредна близина на својата резиденција во склоп на дворскиот комплекс на Дедиње, каде сѐ уште се наоѓа нејзиниот гроб (српскиот престолонаследник – принцот Александар Караѓорѓевиќ, по реституцијата на Белиот дворец, одлучува да го прифати тој историски факт и да не го ексхумира и дислоцира телото на Даворјанка Пауновиќ).

По смртта на Даворјанка, Тито ѝ пишува писмо долго 16 страници на својата сѐ уште законска сопруга Херта, во кое ја моли таа да му се врати. Семоќниот маршал добива неочекуван одговор од само неколку реченици, во кои меѓу другото пркосната Херта му порачува: „Мил мој, Херта Хаас клечи пред маж само еднаш во животот“. Остатокот од животот Херта го поминала во Белград, работејќи во Сојузниот извршен совет, се премажила и со својот втор сопруг имала две ќерки, а починала во 2010 година.

 

Судбината на Јованка

 

Јованка Будисављевиќ, убавата и млада личанка, потполковник на ЈНА, е четвртата и последна жена на Јосип Броз Тито. Со неа тој се венчава на 15 април 1952 година во вилата Дунавка во Илок, со Александар Ранковиќ како кум на младоженецот и генералот Иван Гошњак како старосват. Нејзиното прво „огнено крштевање“ како прва дама се случува една година подоцна при посетата на Југославија на британскиот министер за надворешни работи Ентони Идн. Оттогаш, па сѐ до 1977 година, Јованка е секогаш до својот сопруг, придружувајќи го за време на неговите многубројни службени патувања и посети како во земјата, така и во странство. Со својот шарм и убавина таа успева да даде една поинаква димензија на опкружувањето на маршалот. Но, под влијание на тогашниот висок југословенски функционер Стане Доланц и на министерот за одбрана, генералот Никола Љубичиќ, Тито, кој е веќе во поодминати години и главно контролиран од овие двајца функционери од неговото најтесно опкружување, одлучува да се отсели од официјалната резиденција во Ужичка 15 и да се пресели во Белиот дворец. Последните три години од својот живот, тој ќе ги помине без Јованка.

Причините за нивната разделба се многубројни, од ексцентричното и контролирачко однесување на Јованка, која ги менувала дури и лицата во Титовиот кабинет, нејзините наводни контакти со руската тајна служба, па сѐ до веќе спомнатата желба на Доланц и на Љубичиќ, да имаат целосна контрола врз веќе остарениот претседател. По Титовата смрт за Јованка почнува вистинска голгота, таа е шиканирана од тогашното раководство на СФРЈ, ускратени и се граѓанските права (таа нема ниту лични документи), а комуникацијата ѝ е ограничена на многу мал број луѓе. Јованка умира во Белград на 20 октомври 2013 година, во својата осумдесет и осма година, исто онолку колку што имаше и Тито кога почина. Властите на Србија ја испочитуваа нејзината последна желба, да биде погребана до човекот кому му го посвети својот живот, во Куќата на цвеќето, каде што се наоѓаат посмртните останки на Јосип Броз Тито.

Иако Јованка поминала најмногу години со Тито (тие немале заеднички деца) сепак може да се каже дека вистинската, ако не и единствена, љубов на Тито била и останала младата и убава партизанка Даворјанка Пауновиќ – Зденка, која формално никогаш не станала Титова сопруга, но успеала да остави најдлабок траг во неговото срце.

По сѐ, едно е несомнено. Тито кон сите свои жени (освен Даворјанка Пауновиќ) се однесувал еднакво како и кон своите соработници. Кога „љубовта“ ќе престанела, тие биле отфрлани како безвреден отпад.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот