Милена за „Слободен печат“ проговори за хоророт кој го живее: Свекрвата ме претепа, а нејзиниот партнер ми се заканува дека ќе ме силува

Милена и Богдан Василеви / Фото: Приватна архива

Модрици, гребаници, набиеници на главата и болки во целото тело. Овие тешки повреди, младата Милена Василева ги заработила од својата свекрва, која повеќе од десет години не го прифаќа бракот на својот син, иако од него веќе се родени две деца и иако младата двојка ги срушила сите бариери во љубовта.

Милена и Богдан се запознале на Фејсбук, во далечната 2010 година, сосема случајно. Таа е од Белград, а тој од радовишкото село Воиславци. Во моментот кога се запознале, Милена имала само 12 години, но љубовта опстојала на тешките притисоци од страна на мајката на Богдан, која на секаков начин се обидувала да ги спречи да бидат заедно. Сето тоа кулминирало кога свекрвата и физички ја претепала снаата, по што таа завршила во болница. Милена одлучи за „Слободен печат“ да проговори јавно за хоророт од семејното насилство низ кој поминува.
Милена Василева семејно насилство (1)
Милена и Богдан / Фото: Приватна архива
Тепањето е само последното во низата опструкции кои мајката на Богдан ги прави повеќе од една деценија за да не му дозволи на сина си да има брак туку да остане со неа и да помага во радовишкото село, да работи на нивата и со тракторите. На почетокот, кога уште имал 17 години, мајка му неколку пати на граница не му дозволувала на Богдан да ја премине македонско-српската граница, па полицијата секогаш го враќала назад. Целта била, како што раскажува Милена, љубовта да се уништи и врската да замре. Но Богдан не се откажувал, па интернет наоѓал од пријатели и од интернет кафулиња. Така постојано бил во комуникација со Милена.
-Кога Богдан дојде кај мене во Белград да живееме заедно и тоа со знаење на моето семејство, мајка му се јавила во Социјалната служба во Радовиш за да ги информира дека Богдан ,,отишол во Белград да злоставува малолетничка”. Јас тогаш имав 15 години, и три пати дома во Белград ни дојдоа службите од социјалното  да им кажат на моите родители дека би било подобро да имам врска со жена отколку со маж, зашто така не би можела да останам бремена и моите родители би одбегнале кривична одговорност. Се закануваа дека ќе ме одземат од моите родители зашто не воделе сметка за мене. А јас бев одлична ученичка, немав проблеми никаде. Така се решив, кога наполнив 16 години и 2 месеци, да одам во Социјалната служба во Белград и да побарам дозвола да се венчам, малолетна. Сметав дека на таков начин ќе престанат сите проблеми кои мајката на Богдан ни ги правеше и покрај тоа што нашата љубов беше и е вистинска. Добив дозвола и тие истите социјални работници, што им се закануваа на моите родители дека ќе ме одземат, ни честитаа со зборовите ,,непобедливи сте”, раскажува Милена за „Слободен печат“.
Милена Василева семејно насилство (1)
Фото: Приватна архива
Таа со бурма на раката продолжила да оди на училиште и да биде одлична ученичка. Кога завршила средно училиште била 7 месеци бремена, се породила и отворила свој сопствен фризерски салон, а се запишала и на факултет. На почетокот сите живееле во Белград со нејзините родители, но потоа Богдан и Милена направиле своја куќа и со двете деца почнале самостоен живот. И тука почнале огромни компликации кои кулминирале со семејно насилство.
– Откако се земавме, не сакавме да го запоставиме имотот во Воиславци. Но, кога се враќавме во радовишко со фамилијата, јас и жена ми и децата спиевме во хотели, јадевме во ресторани. Слабо дома спиевме зашто ја запоседнаа куќата, не ја даваат. Мајка ми има дете со соседот, но не се во брак. Татко ми е починат и мајка ми сака да ја зема неговата пензија. Затоа не се во брак. Тој комшија се закани дека ќе не убие. Полиција доаѓаше. Иако куќата е дивоградба, сепак таа е на мојот дел од земјиштето. Сакаат да ја земат целосно и да не ми дадат ништо, изјави за Слободен печат Богдан Василев.
Летоска, Богдан, Милена и децата решиле да го уредат својот дел од куќата во радовишко, но мајката на Богдан не дозволила. Ја претепала снаата на очиглед на малолетните внуци.
– Таа и нејзиниот партнер дојдоа во куќата, почнаа да не бркаат и рекоа дека не можат со очи да не гледаат. Велат дека цела куќа е нивна. Едната моја ќерка ја оттргна од себе со зборовите ,,тргни се од мене не сум ти баба”. Само што тргнав да ги заспивам децата околу 21 часот навечер, свекрвата влезе во собата преку прозорецот од ве-цето. Само ги ставив рацете врз себе за да не добијам уште потешки повреди. Удираше силно со тупаници, со некој предмет. Ме гребеше. Стоев и само ги штитев децата, а тие плачеа. Бев крвава и се ме болеше. Не и возвратив, вели Милена.
Милена Василева семејно насилство (1)
Фото: Приватна архива
Милена Василева семејно насилство (1)
Фото: Приватна архива
Милена Василева семејно насилство (1)
Фото: Приватна архива
Милена Василева семејно насилство (1)
Фото: Приватна архива
Милена Василева семејно насилство (1)
Фото: Приватна архива
Во полиција ги пријавиле тешките телесни повреди и уште се очекува да се закаже судско рочиште, но засекогаш во нејзината меморија ќе и останат зборовите на ќерка и ,,мамо дали баба ќе не убие следниот пат?“.
– Добивав и закани од нејзиниот партнер, дека ќе ме силува и мене и моите деца, зашто Богдан не бил доволно маж. И после еден месец ми излегуваа модрици, се присеќава Милена.
Ова семејство со мали деца не сака да се откаже од својата македонска линија, односно не сакаат да престанат да доаѓаат во Македонија, од каде што е таткото. Велат дека сакаат децата да имаат врски со двете држави и со Србија и со Македонија, но во услови на семејно насилство тоа станува многу тешко.
– Ни ги исклучи струјата и водата, на свеќи сме. Рекоа дека се ќе изнесат од куќата, вклучително и ќерамидите од кровот. Мајка ми нема совест и разбирање за мене и моите деца и мојата жена иако ништо лошо не сме и направиле и иако судски куќата ми припаѓа мене. Таа е оставштина од мојот покоен татко кој беше многу добар човек. Сакаме кога ќе доаѓаме овде, да доаѓаме во мир и никогаш повеќе моето дете да не се прашува дали баба ќе не убие, посочува Богдан за Слободен печат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот