Милан Мариќ, актер: Бата и Љубиша во едно, верзија 4.0

Фото: Профимедиа

Да ги снимиш улогите во ТВ-сериите на криминалецот Лука („Беса“), агентот на српската БИА (Безбедносно-информативна агенција) Лазар Станојевиќ („Државен службеник“), и верно да го „симнеш“ ликот на српскиот политичар Чеда Јовановиќ („Семејство“) во рок од две години, не е мал подвиг. Уште поголем подвиг е во истиот период да го доловиш и ликот на Тома Здравковиќ во филмот „Тома“ на Драган Бјелогрлиќ и да трогнеш до солзи најмалку милион гледачи во регионалните киносали. Прегледите на пиратските изданија на интернет-сајтовите не се пресметани.

А да го гледате во двете ТВ-серии, „Државен службеник“ (прва сезона) и „Беса“ (втора), кои деновиве се емитуваат на домашна телевизија во последователни термини во ударните вечерни термини, и да не ви е здодевно – е тоа е веројатно најголем успех. Тоа е нешто како да „излегуваш од фрижидер“, а на корисниците да не им пречи. Напротив, бараат уште и уште…

Така накратко би изгледал кроки-портретот на еден од најангажираните филмски и телевизиски актери во регионот, Милан Мариќ. Роден пред 32 години во Белград, Мариќ веќе нанижа повеќе од 30 улоги во српски и на регионални филмски и телевизиски продукции со кои стана водечки актер, но, интересно, првата поголема филмска улога и признание го постигна со рускиот филм „Довлатов“, снимен во 2018 година, во режија на Алексеј Герман. Филмската сторија говори за писателот Сергеј Довлатов во Ленинград (Санкт Петербург) во раните седумдесетти години од минатиот век, кога другарувал со дисидентот и подоцнежниот нобеловец за литература Јосиф Бродски. Иако комунистичкиот систем постојано го стегал идеолошкиот ремен – а често и камшикувал со него – Довлатов успева да го зачува достоинството на талентиран книжевник, без разлика што е дисидент и непожелен автор за системот во кој живее. Мариќ со „Довлатов“ во 2019 година најпрвин ја освои Европа – наградата за нови филмски ѕвезди на Берлинале – а потоа и Србија и регионот, што е прилично нетипично за овдешните околности.

Ако Велимир Бата Живоиновиќ и Љубиша Самарџиќ (и Павле Вуисиќ и Миодраг Петровиќ-Чкаља) беа иконични глумци во (екс)југословенската кинематографија и телевизија во шеесеттите од минатиот век, Предраг Мики Манојловиќ и Драган Николиќ стасаа како ѕвезди во седумдесеттите и осумдесеттите, Драган Бјелогрлиќ и Никола Којо на преминот на двата века, тогаш Милан Мариќ би бил – кажано со дигиталниот речник на новите генерации – своевидна 4.0 верзија на филмски јунак во српските/регионалните филмови и ТВ-серии. Секако, во друштво со Милош Биковиќ, Вук Костиќ и другите понови имиња, но се чини дека само Мариќ би можел да ја обедини „сировоста“ на Бата и суптилната меланхолија на Љубиша. Ако Бата и Љубиша „си играа“ партизани и Германци, сега е времето на полицајци и криминалци. Вреди да почекаме за да видиме.

Со ваква популарност на филмски и ТВ-глумец ретко кој би се трудел – а уште помалку осмелил – да „губи време“ на театарски претстави. Тоа што сме го читале за водечките американски глумци, на пример, кои по сите „Оскари“ и безбројни нули на банковната сметка му се враќаат на Бродвеј (престижната театарска сцена), годинава можевме да го гледаме и кај нас. И тоа на двапати: Мариќ гостуваше во Скопје со театарските претстави „Хотел 88“ ( во која глуми заедно со Тамара Крцуновиќ, Анѓела Јовановиќ и Владимир Алексиќ) и со „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ на театарот „Улисис“ на Раде Шербеџија и режисерката Ленка Удовички.

Допрва следуваат емитувањето на ТВ-серијата „Тома“ (10 епизоди според играниот филм), снимањето на третата сезона на „Беса“ и ТВ-серијата „Време на смртта“, па играниот филм инспириран од животот на Жарко Лаушевиќ… А како што известуваат таблоидите, Мариќ е веќе виден и како и потенцијален зет во семејството на Драган Бјелогрлиќ, бидејќи е во врска со неговата ќерка Миа, филмска продуцентка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот