Миксерите во слаткарниците не престануваат да вртат, се бара торта повеќе за прваче

Фото: Flickr

Нема голема разлика во цените од слаткарница до слаткарница, па така торта од дваесеттина парчиња чини од 800 до 850 денари, додека оние поголемите од 30 парчиња се движат и до 1.400 денари. Килограм ситни колачи се продава за 900 до 1.000 денари. Ако сакате посебни украси, тогаш тоа дополнително се наплатува

„Имате ли торта за првачиња“ е реченицата со која деновиве загрижени мајки и баби влегуваат во слаткарниците. Но, кој не нарачал навреме ќе нема со што да го одбележи првиот училишен ден. Веќе десеттина дена ѕвонат телефоните и фрчат нарачки за десерти, а во тефтерите за закажување речиси и да нема место. Нема голема разлика во цените од слаткарница до слаткарница, па така торта од дваесеттина парчиња чини од 800 до 850 денари, додека оние поголемите од 30 парчиња се движат и до 1.400 денари. Килограм ситни колачи се продава за 900 до 1.000 денари. Ако сакате посебни украси, тогаш тоа дополнително се наплатува. За некого е евтино, а за други скапо, но со цените на потребните состојки за една солидна торта, веќе не се исплатува дома да се прави. За вкусовите не се дискутира, но секогаш се популарни Нугат тортата, Чоколадната, Милка, Киндер, Белата плазма, а малку поретки се овошните, велат слаткарите. Нивната препорака е секогаш кога не знаете каква, нема утка со чоколадната торта, која им е омилена на сите.

-Веќе речиси и да не се прави торта за посебен повод, работното време не дозволува голема комоција, а и убава и квалитетна торта сака мастраф и добар мајстор, затоа се трудиме да им излеземе во пресрет на сите. Секогаш гледајте тортата да е направена од вистински и квалитетни состојки, за да бидете сигурни во она што ќе го принесете на трпезата. Значи бирајте квалитет и естетика – велат во една скопска слаткарница.

Изминативе години правењето торти и колачи по нарачка стана вистински бизнис, а слаткарите кои ги прават ја усовршија техниката до тој степен што едноставно не знаете дали десертот е повкусен или поубав.

-Тортите се прават според специфичните барања на клиентите и можат да бидат уникатни, персонализирани и прилагодени на вкус, преференции и теми. Една од главните предности на домашните колачи е тоа што се подготвуваат од свежи состојки и секако, се прават рачно, па можете да бидете сигурни дека се вкусни и различни од оние што можете да ги купите замрзнати во поголемите маркети. Домашни торти кои се прават по нарачка можете да ги купите во некоја од слаткарниците, но можете да ги нарачате и од специјалните мајстори за торти кои самостојно ги прават и украсуваат овие деликатеси. Најчесто работат од дома или од мали деловни простории и се многу барани, а ги има и во секој град – додаваат слаткарите.

Според порталот Фактор кумановската семејна компанија „Зафир“ е македонскиот господар на тортите.

Јапонците полудеа по бенто тортите за едно лице

Бенто тортите се популарен тип на минијатурни торти кои често се подаруваат во Јапонија за специјални прилики, како што се свадби или родендени. Овие мали колачи обично се наменети за една личност, што ги прави совршено задоволство за оние кои бараат нешто мало, вкусно и празнично. Терминот бенто е изведен од кинескиот термин биандан, што значи удобен или практичен, а во Јапонија денес се однесува на ручек во кутии. Иако неодамнешната популарност на бенто колачите може да се припише на слаткарниците од Јужна Кореја, самиот концепт всушност потекнува уште во 12 век, кога Јапонците почнале да пакуваат оброци за едно лице во практични дрвени кутии. Бенто кутиите на крајот станаа популарни во соседните земји како Кина, Тајван и Јужна Кореја, а корејските пекари го подигнаа целиот концепт на следното ниво создавајќи каваи (слатки) кутии за ручек во движење, пишува Индекс. хр.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот