Мицкоски: Влада по која било цена нема да правиме!

Христијан Мицкоски Фото: Фејсбук Мицкоски

Мора да имаме јасен коалициски договор кои се приоритетите на идната влада, политички, економски и приоритети во делот на борбата против криминалот и корупцијата. Во тој политички договор спаѓа реорганизација на владиниот кабинет, на министерствата…, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ, и да победи на парламентарните избори, можно е да не состави влада ако не постигне коалициски договор за политичките, економските и приоритетите во борбата против криминалот и корупцијата на идната извршна власт. Ова е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој порача дека нема намера да си игра со личното реноме, ниту пак со очекувањето на граѓаните.
По победата на изборите, според Мицкоски, прво што треба ВМРО-ДПМНЕ да направи е коалициски договор.

– Влада по која било цена нема да правиме. Мора да имаме јасен коалициски договор кои се приоритетите на идната влада, политички, економски и приоритети во делот на борбата против криминалот и корупцијата. Откако тоа ќе го направиме, може да зборуваме за сè друго. Во тие приоритети и во тој политички договор спаѓа реорганизација на владиниот кабинет, на министерствата, какви што веќе ги презентиравме. Мора да има напредување и правична застапеност на индивидуата, тоа подразбира дека треба да ги напуштиме политиките на полурегулиран систем на напредување и водење бизнис во државата кои се резултат на некои рецидиви и на романтични периоди, во смисла на национализам од минатото. Мора луѓето да напредуваат според мерит-системот и квалитетот. Борбата со криминалот и корупцијата мора да биде резолутна и во сите пори на општеството. Тука сум многу сериозен и главен приоритет остануваат реформите во образованието кои, пак, директно влијаат на пазарот на труд. Ова се главните столбови и политики кои веднаш ќе бидат приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. Немам намера да си играм со личното реноме, ниту пак со очекувањето на граѓаните – рече Мицкоски.

Партии од македонскиот и од албанскиот политички блок и вчера се доекипираа во предизборни коалиции за парламентарните избори закажани за 8 мај. Групирањето на партиите во предизборни коалиции се очекува да финишира со одлуката на Алијанса на Села.

Зијадин Села претседател на алијанса на Албанците / фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

– Имајќи предвид дека не е завршен судскиот процес за тоа кому припаѓа печатот на партијата Алијанса за Албанците, а по се изгледа дека нема да се заврши во законскиот рок, ние нема да можеме да одиме сами на избори. Ни остануваат два избора – или да не учествуваме на изборите, или да се приклучиме на еден од двата формирани албански блока. Сепак, Централното собрание на партијата ќе одлучи за следните наши чекори – рече Села за ТВ21.

Повлекувањето на Села од опцијата за самостоен настап на изборите во Алијанса се чита како подготовка на терен за изборен настап со Европскиот фронт на Ахмети.

Од „Вреди“ му порачаа на Села дека вратата за заеднички настап со нив му е отворена и да не смислува евтино алиби, зашто оди спротивно од волјата на мнозинството Албанци.

Арбен Таравари јавно им ги понуди печатите на Алијанса на Албанците ако навистина се определени за самостоен настап на изборите. Зијадин Села не се изјаснува за оваа понуда, бидејќи ние знаеме дека одамна е договорен да служи исклучиво на интересите на Али Ахмети. Затоа и го направи расколот во АА. Искрено жалиме што Села и Лога ги ставија личните пред интересите на Албанците, кои јасно и недвосмислено се определени да го испратат ДУИ во опозиција. Има време до сабота, ако случајно се премислат ќе ги добијат печатите на АА за пратенички листи за самостоен настап – велат од коалицијата „Вреди“.

Европскиот фронт, кој го сочинуваат ДУИ, ДПА, партиите на Арјанит Хоџа и на Скендер Реџепи, се засили со Демократската партија на Турците, предводена од Бејџан Иљаз, која до скоро беше коалициски партнер на СДСМ. Коалицијата со ДУИ Иљаз ја оцени како историска, а Ахмети го нарече архитект на европската иднина на земјава.
Ахмети директно не одговори за условот на Села дека Алијанса ќе стане дел од Европскиот фронт ако има добитни пет пратенички места.

Европски фронт, Али ахмети Бејџан Иљаз Фото: Принтскрин

–  За мали нешта големите проекти не ги ставаме во ризик. Не се работи за бројки, туку за филозофија, за визии – рече Ахмети.

Мицкоски, пак, цени дека со Европскиот фронт, ДУИ се обидува да направат маневар за да го ублажи поразот од консолидираната албанска опозиција.

– Не сметам дека тој потег ќе биде успешен, ќе видиме. Во минатото ДУИ ветуваше зелена транзиција, мислам дека ќе биде неуспешен политички маневар – рече Мицкоски.

„Храбро за Македонија“ ќе биде коалицијата под која ќе настапат ГРОМ, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот