Стрелката на компасот влече кон магнетот на власта

Павле Трајанов, Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов / Фото Слободен печат

Тешко дека и Гугл-мапс ќе помогне да се дешифрира колку и кои од малите партии во „5 до 12“ го смениле дресот, со надеж дека ја фаќаат победничката страна. На купче се леви, десни и центристички партии, како и комбинации што се идеолошки и програмски неспоиви.

Невидена мешаница, прелети, прегрупирања од лево на десно се случуваат на политичката сцена пред истекот на рокот (2 април), до кога партиите и коалициите треба до Државната изборна комисија (ДИК) да ги достават кандидатските листи за пратеници за парламентарните избори закажани за 8 мај.
Тешко дека и апликацијата Гугл-мапс или добро осмислен водич ќе им помогнат на граѓаните да дешифрираат колку и кои од малите партии во „5 до 12“ го смениле дресот, фатиле остра кривина со надеж дека ја фаќаат победничката страна, а епилогот од пазарењата се коалиции меѓу довчерашни лути политички противници… На купче се леви, десни и центристички партии, како и комбинации што се идеолошки и програмски неспоиви.

Без водич која партија каде се приклонила, извесно е дека на денот на изборите ќе се повтори сцената од собирањето потписи за претседателските кандидати, кога една госпоѓа ги измеша кандидатите, па потписот го даде за противкандидатот.

Од досегашните најави најголемо окрупнување има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Кон лидерот Христијан Мицкоски се приклонија осум партии, дел од нив што „до вчера“ беа заедно со СДСМ и дел што му контрираа на ВМРО-ДПМНЕ. Најнова е тукушто регистрираната Бошњачка народна партија на поранешниот новинар и пратеник Сафет Бишевац.
Зад ВМРО-ДПМНЕ веќе застанаа СДУ на Чедо Николовски, Обединетата партија за еманципација на Ромите на Неждет Мустафа, Македонски концепт на Петар Богојески, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, ТМРО на Ванчо Шехтански и Достоинство на Стојанче Ангелов. Прелети од партнерство со СДСМ кон партнерство со ВМРО-ДПМНЕ направија пет партии (со исклучок на ТМРО, Македонски концепт и партијата на Бишевац).

И додека Трајанов „навреме“ се престрои, односно ја напушти коалицијата со СДСМ, Бошковски и Ангелов буквално во „5 до 12“ ја сменија страната. Првиот, како што официјално изјави, поради „идеолошки причини“, додека Ангелов – оти не му поминало обесштетувањето за дел од бранителите.
Сепак, иако партиите ја сменија страната, ВМРО-ДПМНЕ не ги „пушта“ на пратеничките листи, односно ако победи опозициската партија тие може да се надеваат само на некоја директорска функција. Добитни места на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ традиционално добија социјалистите и Демократската партија на Србите. Според ова, се очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде со најмногубројни коалициски партнери на изборите, односно коалицијата ќе брои 24 партнери.

Коалициски партнери на СДСМ, пак, остануваат НСДП, ЛДП, ДОМ, ВМРО-Народна, Партијата на пензионерите, како и партии на Србите, на Ромите и на Рубин Земон. Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски отстапи добитни позиции на листите за коалициските партнери.
Во македонскиот политички блок, сами на изборите ќе одат ЗНАМ на Максим Димитриевски, Левица и Нова алтернатива на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Заедно, пак, ќе настапат ГРОМ на Стевчо Јакимовски и Интегра.

Карактеристично за албанскиот политички кампус е дека првпат на изборите ќе се судрат два блока, условно владејачкиот Европски фронт и условно опозицискиот Вреди. Во Европскиот фронт, предводен од лидерот на ДУИ Али Ахмети, коалициски договор веќе потпишаа Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, ДПА на Мендух Тачи, Европска демократска партија на Арјанит Хоџа, а во најава се и Унијата на Ромите, предводена од Курто Дудуш, и Демократска партија на Турците на Бејџан Илјаз. Можно е и уште една партија или невладина на Турците да се приклучи кон коалицијата предводена од Ахмети.
Карактеристично за Европскиот фронт е дека ДУИ по изборите во 2006 година повторно оди во коалиција со повеќе партии, но првпат коалиција прават некогаш најлутите противници Ахмети и Тачи. Европскиот фронт е условно владејачки, зашто и Реџепи Зејд и Хоџа биле дел од владата, но на Фронтот му пристапија од позиција на опозиција. Според најавите на Ахмети и на ДУИ, фронтот треба да се финализира со договор за предизборна соработка со Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села.
И додека од ДУИ брифираат дека тоа е веќе завршена работа и прашање на денови е кога ќе паднат потписите меѓу Ахмети и Села, од Алијанса велат дека в сабота ќе решат дали ќе се приклучат кон Европскиот фронт. Преговорите запнале зашто Алијанса бара шест добитни пратенички места на листите, а ДУИ досега се согласила на четири. Ако Алијанса се реши за самостоен настап, таа ќе биде единствена партија во албанскиот кампус што сама ќе истрча на изборите.
Идејата за заеднички настап како Европски фронт, според лидерите, е да не се дозволи и да се спречи руско влијание во Македонија, а мотото под кое настапуваат е „Да за Европа, не за Русија“, веројатно во неможност да се најде друга сврзувачка нишка – идеолошка или програмска.

Албанската опозиција, пак, на изборите ќе настапи обединета во коалицијата Вреди каде што партиципираат Демократско движење на Изет Меџити, Беса на Билал Касами, Алијанса на Арбен Таравари, Алтернатива на Африм Гаши и Беким Ќоку како претставник на косовската „Самоопределување“, но на листите ќе фигурира како дел од коалицијата Вреди. И Вреди е условно опозициска коалиција, бидејќи и Беса, Алтернатива и Алијанса беа дел од владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски, а Меџити на последните избори беше дел од ДУИ.
Ниту партиите во коалицијата Вреди немаат иста идеолошка определба, а лајтмотив за обединувањето им е да ги урнат ДУИ и Али Ахмети по 22-годишното владеење.

Карактеристика на изборите на 8 мај се големи коалиции и во македонскиот и во албанскиот политички кампус, со многу мали партии што спасот и опстанокот на политичката сцена го бараат преку прелети ако коалицијата кон која пристапиле биде победничката на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот