Метлата зачисти и на Фејсбук

Фото: Слободен печат

Менувам три селфија со Кирацовски, за едно со Љупчо Николовски. Еве давам и две со Рада и ако треба ќе се откажам и од фотката со Зоран Заев, на која ми се гледа пола од главата и едно цело уво.

По „сечата на кнезовите“ во СДСМ, вакви и слични предлози се добиваат на сите страни, бидејќи добро востановената пракса за објавување заеднички фотографии со водечките луѓе од партијата на власт на Фејсбук, продолжува да биде главен извор за покажување моќ во оваа наша татковина.

Но, како што среќата е превртлива, така и социјалните мрежи се бескрупулозни. До вчера Александар Кирацовски важеше за најомилениот модел во партијата. Со него се сликаа прекалени „партијаши“, кои се дел од СДСМ уште од времето кога Б.Ц. најавуваше борба против „октоподот“ во своите редови, ветеранки од партиската женска организација, кои меѓу ретките вистински се сеќаваат на пејачката кариера на Цветанка Ласкова, како и еден куп на млади и уште помлади социјалдемократи, на кои најголема желба во животот им е за време на митинг, конгрес, посетата на локалитетот Крувче во Кисела Вода или организирање на еднодневна посета до Пелинце, да се сликаат баш до генералниот секретар на партијата.

Да бидам искрен никогаш во животот не сум му го слушнал гласот на Кирацовски, а и долго време не знаев зошто илјадници корисници на социјалната мрежа објавуваат фотки од едно момче со срамежлив поглед и брада во обид. Многу подоцна дознав дека тоа момче е „пали и гаси“ во СДСМ и дека е задолжен за кадровската политика.

Е сега кадровик е фотогеничното момче-министерче Љупчо Николовски. Тој располага за посмел поглед и не се впушта во неизвесни авантури со ретките влакна на брадата. Без многу објаснување може да констатираме дека Љупчо е идеален за селфи.

Во СДСМ паднаа и речиси сите потпретседатели, а не следев до крај ама ми се причини дека се сменети и сите општински лидери на партија, како и нивните заменици. Тоа се уште едно цирка илјада фотографии, прегратки и пароли фрлени во ветер. Суров е животот кога тој што си го киднапирал во проаѓање и си го присилил на селфи, сега не ти оди ни здраво да му кажеш во самопослуга.

Попусто е што си коментирал после секоја негова споделена изјава – „браво брат, зборот си е збор“ или „секретарот наш, ем личен, ем паметен“, кога сега си приморан да му ја свртиш главата уште пред го забележиш на улица.

Фејсбукот е навистина суров. Ѓаволска алатка погодна за напредување во средината, но исполнета со замки и дупки, во кои не пропаѓаат само тие што имаат дупликат фотографии од најголемиот број на партиски функционери. А помага и фотошоп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот