Меркел замина, старите балкански болки остануваат

Фото: Влада

Потребен е „рифреш“ на разнишаната македонска европерспектива, но дали има кој да го изведе во конкретните услови со бугарската блокада која ја заглави и Албанија, политичката криза во Бугарија и заминувањето на најголемиот поддржувач на Западниот Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел? Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вчера замина во Солун на покана на грчкиот заменик-министер за надворешни работи Милтијадис Варвициотис за да разговараат за европската иднина на регионот, а состанокот следува по завчерашната проштална средба на Меркел со лидерите на земјите од Западен Балкан во Тирана, каде што таа им порача дека Берлинскиот процес нема алтернатива и очекува и нејзиниот наследник да го поддржува регионот на патот кон ЕУ.

– Грција на некој начин го иницира ветувањето на ЕУ кон регионот. Овој собир се случува во момент кога тоа ветување најблаго и најдипломатски кажано е разнишано. Многумина од граѓаните, па и владите на Балканот веќе не се уверени дека ЕУ е сериозна и искрена кога зборува за европска перспектива на земјите од Балканот. Затоа ова ќе биде можност да поразговараме на овие теми во Солун, градот каде што е дадено ветувањето кон регионот. Членките на ЕУ што се дел од нашиот регион ќе имаат најголем бенефит ако успее европската приказна – ќе добијат пријатели, предвидливост и сојузници – изјави вчера вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Димитров: Нон-пејперот е „балканска ујдурма“

Во врска со наводниот нон-пејпер за надминување на македонско-бугарскиот спор, кој нуди предлози спротивни на националните интереси и државните позиции, Димитров рече дека првпат му бил испратен од новинар и дека начинот и формулациите во него му личат на „балканска ујдурма“.

– Првиот впечаток ми беше за англиската граматика, терминологијата и во суштинските тези, односно дека приодот кон проблемот на македонско-бугарските односи е многу далеку од реалноста. Направив неколку телефонски разговори и јасно е дека некој прави некаква идеја. Претпоставувам дека е од регионот, некој оттука. Бугарија е пред избори, кај нас има локални избори, па можеби е и некаква домашна „ујдурма“, за малку да подзоврие таа тема, па можеби и некој политички поен. Меѓутоа, сѐ тоа се шпекулации – рече Димитров.

За односите со источниот сосед, вицепремиерот вели дека на тој план не се случува ништо затоа што Бугарија е пред трети вонредни парламентарни избори, кои ќе се одржат заедно со претседателските.

– Има контакти на дипломатско ниво, на експертско и работно ниво, ние сме сепак соседни држави, но јасно е дека политички соговорник нема и треба да чекаме бугарскиот народ да се одлучи кој ќе му служи. Влогот е толку голем што страв ми е да кажам да ги намалиме  очекувањата. Има многу причини зошто треба оваа работа да се затвори и да тргнеме напред – рече Димитров.

Во врска со заминувањето на Меркел, Димитров истакна дека нејзиниот придонес за евроинтеграциите на регионот е огромен и потсети дека таа го иницираше Берлинскиот процес во време кога Европската комисија се изјасни дека проширувањето е замрзнато.

– Нејзината визија за комплетирање на Европа сѐ уште не е реализирана, но не можеме да кажеме дека за 16 години ништо не се случи – четири земји влегоа во НАТО, а една, Хрватска во ЕУ. Но, за да се врати довербата дека оваа визија е реална и остварлива, пред сѐ ќе треба многу повеќе од лидерството што го покажа канцеларката – рече Димитров за „Утрински брифинг“.

Тој заедно со премиерот Зоран Заев и министерот Бујар Османи во Тирана завчера разговарале и билатерално со Меркел. Според владиното известување, премиерот повторил дека за Република Северна Македонија единствено е прифатлив португалскиот предлог за надминување на бугарската блокада, а канцеларката се согласила дека интеграцијата не смее да се одложува и дека постојаниот напредок на земјата е нотиран од сите релевантни европски институции.

Да се свртиме кон Франција

Според аналитичарите, и оваа година е изгубена за македонските преговори за членство во ЕУ, а канцеларката Меркел можела да стори и повеќе за да го забрза процесот. Професорот Нано Ружин вели дека импресиите за посетата и пораките на Меркел се поделени, меѓу целосно признание за нејзиното заземање за проширувањето на ЕУ и песимистичките оценки дека „малку или речиси ништо не направила за Западен Балкан“, што го асоцира на приказната за морковот и стапот.

– Анализата на нејзиниот долгогодишен мандат на чело на Германија и како еден од двата мотори на ЕУ, покажува дека во почетокот се спротивставуваше кон проширувањето на ЕУ, а подоцна и покрај охрабрувачките пароли, се доби впечаток дека таа не го даде максимумот за да се покренат европските интеграции на Западен Балкан. Меркел навистина покажа големи симпатии за народите и државите на Западен Балкан, но дејствуваше дисциплинирано и претерано рационално во нејзината балканска агенда. Иако очекувавме да има поголемо разбирање за балканскиот менталитет и душа, Ангела Меркел остана на позициите што ѝ ги диктираа европските полускептици. Навистина имаше моменти кога ги интензивираше напорите, но и моменти кога, искрено, можеше да направи многу повеќе, но тоа некако го релативизира – вели поранешниот амбасадор во НАТО, Ружин, за „Слободен печат“.

Според политикологот Петар Арсовски, поддршката за во иднина што ни ја вети Меркел е декларативна и сега најмногу треба да се потпреме на сопствените сили, на поддршката од САД и да побараме поголема помош од Франција.

– Во Германија сега следуваат избори, а ние треба да се свртиме кон други влијателни земји во ЕУ, на пример Франција, која го презема претседателството со ЕУ од 1 јануари 2022 година. Видовме дека последната средба на премиерот Зоран Заев со претседателот Емануел Макрон и според тамошните медиумски извештаи помина многу добро. Но, и за тоа треба да се делува брзо и да се постигне резултат до февруари, затоа што веќе од март Макрон влегува во предизборен период за претседателските избори во Франција – вели Арсовски.

Тој вели дека Македонија не треба да очекува никаков напредок од самитот за Западен Балкан што Словенија го организира на 6 октомври, затоа што бугарското вето може да го отстрани само нова политичка влада во Бугарија.

– По изборите потоа ќе треба да се формира тамошната влада, која првите недели ќе се занимава исклучиво со внатрешните прашања, така што до крајот на годината не очекувам никаков напредок. Можеби евентуално да има некаков исчекор на лидерскиот самит во декември, но само ако дотогаш исклучително напорно се одработи – вели Арсовски.

Во врска со пораката на канцеларката Меркел дека Отворен Балкан не е алтернатива за ЕУ и дека Балканскиот процес мора да продолжи, Арсовски вели дека тешко ќе биде некој да го забави или да го осуети создавањето на сојузот Отворен Балкан.

– Тешко ќе биде да се забави процесот на создавање Отворен Балкан. Сепак, тоа е еден органски одговор на земјите од регионот, нивно природно сојузништво по одбивањето од ЕУ. Така што, нема да се дезавуира таа идеја, колку и да не им се допаѓа на некои земји членки на ЕУ – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот