Маркетите во „вкрстен оган“ меѓу мерките на Владата и увозниците

Овошје цени во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Претставниците на трговските синџири соопштија дека во маркетите има овошје и зеленчук колку што се доставува и дека не ја прекршуваат одлуката на Владата

Трговците се колатерална штета од заострените контроли кај увозниците на овошје и зеленчук, кои повеќе од еден месец одбиваат да „играат“ според владините одлуки за замрзнати цени. Членките на Групацијата за трговија на мало при СКСМ и се обратија на јавноста со соопштение во кое се правдаат дека на рафтовите има „само онолку производи, колку што им доставуваат добавувачите, односно дека не се во можност да продаваат производи доколку добавувачот не им ги дистрибуира“.

Овие изјави се само потврда на она со што граѓаните се соочуваат во изминатиот период. Односно дека еден период воопшто немаше никаков зеленчук и овошје во маркетите, дека цените иако замрзнати беа енормно високи за доматите и краставиците, дека квалитетот на стоката што се нуди е од втора, па и трета класа, дека повеќе од еден месец нема грав и леќа ни за лек…

Пред оваа ситуација со зелените производи, трговците се најдоа на мака да обезбедат доволно леб за граѓаните, откако пекарите влегоа во „бел штрајк“, бидејќи Владата се дрзна да ја замрзне цената на основните видови леб. Рака на срце, ни трговците не се сосема невини во владината операција за спас на стандардот, па по почетокот на војната во Украина, го сокрија брашното, маслото за јадење и шеќерот. Вината на нивна страна е и поради фактот дека никако не може да ги средат свои системи, па граѓаните постојано се жалат дека има една цена на рафт, а друга на каса.

– Во ниту еден случај не сме ја прекршиле одлуката на Владата и апелираме до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки кои, ќе имаат финансиски последици врз нашето работење во овие тешки моменти за стопанството – пишуваат тие.

Од Комората наведуваат дека претставниците на домашните синџири на маркети трговци со прехранбени производи на мало ја поздравиле владината одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврската на трговците да прибавуваат и да им продаваат на потрошувачите определени видови и количества од одделна стока (Сл. весник бр. 42-3066/3 од 21.3.2023 година). Тие истакнуваат дека, со заеднички напори на Владата и на Министерството за економија, учествуваат во примената на мерките за намалување на енергетската криза и за ублажување на порастот на цените.

– Во врска со објавите во повеќето електронски медиуми за изречените парични и кривични казни за непочитување на владината одлука за замрзнување на цените на одредени видови овошје и зеленчук, ве информираме дека од Пазарниот инспекторат биле извршени контроли во повеќето маркети во изминатите неколку денови. Информацијата дека се изречени прекршочни казни е точна, а казните се изречени од причина што во маркетите немало количини или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата објаснуваат трговците.

Откако министерот за економија Крешник Бектеши ги соопшти имињата на повеќе трговски синџири што ќе бидат санкционирани поради непочитување на одлуката за замрзнати цени, повеќето домашни синџири на маркети, тврдат од Комората, се јавиле со појаснување дека до маркетите немало доставено количини или немало воопшто од овошјето и од зеленчукот што се опфатени со мерките на Владата.

– И покрај сите направени напори од нив, нарачки и контакти со добавувачи, маркетите не успеаја да ги обезбедат потребните количини овошје и зеленчук пропишани со одлуката на Владата, па тие не се достапни на пазарот по оние цени по кои е наложено да се набавуваат и да се продаваат – тврдат од големите маркети.

Увозниците тераат по свое, џабе кривични и прекршочни пријави

Иако бевме критикувани дека ова се коси со пазарната економија, очигледна беше недисциплината на трговците и на увозниците, оцени министерот за економија Крешник Бектеши.

– Контролите на пазарните и даночните инспектори, но и на Финансиската полиција, беа упорни и тие ќе продолжат и во наредниот период. Поднесени се 3 кривични пријави против увозниците на зеленчук и овошје и десетина прекршочни пријави, а ако нерегистрираните продавачи тераат по свое, треба да знаат дека стоката ќе им биде одземена – предупреди Бектеши.

Пазарните инспектори во април извршиле повеќе од 2.670 надзори, а издадени се над 800 прекршочни платни налози во вредност од над 21,2 милиони денари, најмногу по Законот за трговија (295). За почитување на владините одлуки за замрзнати цени, како и за обврската на увозниците и на трговците да доставуваат стоки по претходно утврден редослед, до 30 април се извршени над 4.600 надзори, а издадени се прекршочни платни налози во вредност од над 16,2 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот