Мали белешки за коронавирусот, а за што друго?

Заканата со која се соочува нашето општество и човештвото во целост, веќе ги прави повикувањата на емпатија, солидарност и совесност, сосем несоодветни на сериозноста на ситуацијата. Дисциплината и одговорноста буквално на сите институции и поединци во општеството се единствените психосоцијални оружја што во моментов му се на располагање на хомосапиенсот во борбата со една од најсмртоносните закани во историјата

Вечерта пред три дена преземав обврска да излезам од дома за да набавам лек за банална, но акутна инфекција на мој близок. Реков банална, само за да не морам да објаснувам: не за вирусна инфекција на дишните патишта, туку за бактериска инфекција на уринарните. Како и да е, решив да појдам во дежурната Зегинова аптека на аголот помеѓу „Ленинова“ и „Партизанска“, и тоа на полноќ, кога мислев дека ќе нема никој. Сметав дека сред пандемијата, не е препорачливо да се тискам во збиена толпа во преоптоварената аптека. Стасувам пред аптеката на полноќ и, навистина – чудо! Нема жив човек.

Се затрчувам кон вратата, кога ме сопре строг поглед на млада жена – со маска и ракавици, се разбира – која стоеше среде улица, на самиот коловоз, на десетина метри од вратата, и тоа по нереална, но прецизна дијагонала, веројатно зашто влезот од аптеката е на самиот агол на блокот. Ми мавнува таа со главата, и прекорно ми покажува со пантомима дека има ред на чекање, па да не се правам недоветен, туку да си застанам назад на своето место. Кога тргнав посрамен да застанам зад жената – среде булеварот – ме прострела уште еден рафал погледи и бесна безгласна мимика од која непогрешно сфатив дека не само што се туркам непристојно блиску до неа, туку и дека има вистински ред што „цепа“ преку градот по безумно зададената дијагонала. Океј, океј, си велам во себе, сфатив: да си застанам во редот!

Безбедното растојание од 70 метри

И навистина, веднаш го видов следниот во редот, како држи сигурна позиција на чистинката пред Соборниот храм. Кога стасав блиску до него, не прекршувајќи го безбедното растојание од 70 метри, како помеѓу бугарските и српските ровови на Кајмакчалан (што е утврдено уште во Првата светска војна, според стандардот да не може да се префрли рачна граната помеѓу непријателските ровови), и тој ме префрли наназад со истата мимика под маска како и жената. Добро, си велам, трпен – спасен, и продолжувам на исток, по замислената линија на редот.

Кога патувањето ми го попречи Вардар, го здогледав третиот во редот како стои сред реката, до појас во вода, како се мачи да се одржи исправен! Кутриот тој: иако геометријата на редот сурово се пошегувала со човекот, не забележав кај маченикот ниту знак за колебање – стоеше трпеливо и одлучно накосен спротивода, како метафора за човечкото јунаштво во време на катаклизми. Од човекот веќе не ни очекував знаци, зашто почнав да се служам со џипиес-навигација, со која за кусо време, веќе рутински и безмалку весело го поминав и четвртиот, кој стоеше на ветрометина, на најбесмислениот плоштад на светот, измислен во безумно време како рамна тераса над непотребен надземен тунел. Тука веќе се претворив во вистински професионалец – трагач, па не чувствував веќе ниту потреба да го најдам петтиот член на редот пред аптека, заталкан некаде во деконструираната автономија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, туку бодро се упатив во темната темница, кон Карадак Маалото или парк-шумата Гази Баба, кај што ќе ме однесе судбината во несреќни времиња…

Ред, дисциплина и одговорност

Знам, почитувани читатели, вие веќе се прашувате кога ќе застанам со оваа бескрајна приказна, која се отегна како лош виц со предолга брада, и згора, во која нема ниту вистина, ниту поента. Но, случката е вистинита, само што јас ја употребив- можеби неумерено – мојата омилена литературна фигура хиперболата, па маалку ги презголемив растојанијата помеѓу луѓето во редот пред аптеката, таа стварна и паметлива ноќ. И да, приказната за редот на улица, наместо вообичаената турканица во аптеката, и тоа ред во кој секој се натпреварува колку подалеку да биде од оној пред него – таа за Македоња Норд сосем нереална ситуација – си има и ко гранит цврста поента. А таа е дека само една работа ќе нѐ куртули од вистински колапс на општеството, која се состои од две компоненти: ред, дисциплина и одговорност.

Но, шегата настрана: заканата со која се соочува нашето општество и човештвото во целост, веќе ги прави повикувањата на емпатија, солидарност и совесност, сосем несоодветни на сериозноста на ситуацијата. Дисциплината и одговорноста буквално на сите институции и поединци во општеството се единствените психосоцијални оружја што во моментов му се на располагање на хомо сапиенсот во борбата со една од најсмртоносните закани во историјата. Трикот на моментот е што пандемијата – иако веќе безмалку 250.000 луѓе се заразени, а бројот на фатални жртви достаса 10.000 – е сѐ уште за најголемиот број луѓе на планетата апстрактна и сосем имагинарна појава. Вистинската димензија на заканата всушност не е во моментните бројки на заболени и починати, туку на неверојатниот потенцијал на вирусот да зарази две третини од човештвото и да убие повеќе од сто милиони, а особено страшен е неговиот изразен талент да мутира среде пандемијата, и тоа повеќепати, а со мутациите да стане комплетно недофатлив за науката и повеќекратно посмртоносен.

Тоа значи дека за да се бориме со имагинарен противник, за да им дадеме смисла и сила на редот и дисциплината, за да ја разбудиме моралната интуиција од која произлегува и одговорноста, треба да го употребиме најчовечкото од сите оружја: имагинацијата. За да ја сфати сопствената одговорност секој човек треба ја замисли суровата математичка логика на низата на заразување и умирање од вирусот. Секој треба да сфати дека заразувањето со вирусот несопирливо го прави и пренесувач на заразата, а тоа значи дека станува – сакал или не сакал – причинител за десетици, стотици, а можеби и илјадници смрти. Ако ѝ дозволите на вашата имагинација да го замисли тоа, мислам дека секој нормален човек ќе го одбегне ризикувањето со неодговорно или плиткоумно однесување да стане повеќекратен убиец, па нека е и од небрежност.

Од друга страна, како и секое зло и ова има свои добри страни. Како и секоја навистина голема неволја, и оваа непогрешно ги вади на површина и своите јунаци и своите подлеци. Овие последниве се луѓе без базична хумана имагинација, па поради тоа и без морална интуиција, што несопирливо ги прави и социопати без чувство за општа несреќа, солидарност и емпатија. Нив непогрешно ќе ги препознаете по едно клучно својство: тоа се луѓе што сакаат да профитираат од катастрофата. Вие веќе погодувате, нели, почитувани читатели, дека повторно се работи за вообичаените осомничени, за најдолната од сите долни септички јами исполнети со политички измет – за вмро. Си ја тераат ништожниците предизборната кампања со серење против владините извонредни и правовремени мерки, со намера од општата несреќа да извадат максимален ќар. Еееј, која долна багра, а!?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот