Мала хидроцентрала кај акумулација Гратче сепак ќе има?

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

Советниците на Општина Кочани од сите партии се против изградбата на мала хидроцентрала на кочанска Мала Река и очекуваат кочанското Јавно обвинителство да ја преиспита документацијата која му е издадена на инвеститорот и да наложи прекин на постапката за издавање на градежната дозвола, како и да организира јавна расправа за граѓаните.

Епилогот на последната седница на Советот на Кочани беше отфрлањето на информацијата за изградбата на мала хидроцентрала во близина на акумулацијата Гратче кај Кочани од сите советници.

– Во информацијата што ја упативме до Советот е наведено дека инвеститорот ги има исполнето сите услови и ги има добиено сите дозволи за хидроцентралата и дека ние како Општина сме должни да му издадеме градежна дозвола, бидејќи, во спротивно, ќе има финансиски реперкусии по Општината – вели за „Слободен печат“ кочанскиот градоначалник Николчо Илиев.

Потокот и без тоа пресушува

Концесијата на малата хидроцентрала на Мала Река ја има добиено ДИС „Енергија“ од Скопје, кој исто така е концесионер и на МХЕЦ на Шталковичка Река во пробиштипското Турско Рудари. Локацијата, пак, на идната хидроцентрала се наоѓа на граница со заштитеното подрачје Осоговски Планини, на поток што се влева во вештачката акумулација Гратче и кој во поголемиот дел од годината речиси пресушува.

Освен советниците, на изградбата на малата хидроцентрала се спротивставуваат и граѓаните организирани во граѓански здруженија и преку социјалните мрежи. Но, Илиев смета дека се исцрпени сите можности за реакција на локалната самоуправа за спречување на изградбата на малата ХЕЦ кај Гратче.

– Локалната самоуправа е немоќна во овој случај бидејќи државните институции даваат и одземаат дозволи. На нашето барање за преиспитување на одлуката за доделување концесија, на издадените дозволи, на оцената на влијанието врз животната средина, сите министерства одговорија негативно, но поранешното општинско раководство издало позитивно мислење за изградба на мала хидроцентрала на Мала Река и потоа веќе никој тоа не го спомнуваше, па и јас кога станав градоначалник, не знаев за таа одлука – вели Илиев.

Штом Општината издаде дозвола, ние ќе излеземе на блокади, вели членот на Советот на Општина Кочани, Сашо Стефановски од НСДП. Надеж претставува и тоа што Јавното обвинителство во Кочани ги побарало на увид документите за малата хидроцентрала на иницијатива на граѓанските здруженија и го испитува случајот. Координаторот, пак, на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Лазе Митев, вели дека кај членовите на кочанскиот совет има расположение да се оди по теркот на Гевгелија и Богданци и да се побара општински референдум за ова горливо прашање и да се одбрани Мала Река.

– Како се случи во ек на пандемија, за само еден месец лани, надлежните министерства да му ги издадат сите потребни дозволи на инвеститорот на малата хидроцентрала на Мала Река – прашува Митев.

Не е важно во чие време настанал проблемот

Тој вели дека советниците ги поддржуваат граѓанските организации и сметаат дека неоправдано се игнорира фактот дека дозволите за инвеститорот се издадени врз основа на некаква јавна расправа, за која никој не знае кога и каде се одржала.

– Во таа река нема ниту капка вода и инсистирањето таму да се гради по секоја цена, кога Општината таму уредува патеки, прави спортски содржини за да уживаат луѓето во природата, мене ми личи на некаква ујдурма, од која некој сака на еден или на друг начин да профитира, а некој му го овозможува тоа. И не е ни важно во чие време настанал проблемот и кој ја дал дозволата, важно е дека сите ние како граѓани сме изиграни – вели Митев.

Дел од еколошките здруженија од Кочани ја почнаа институционалната битка против малата хидроцентрала на Мала Река, за која тврдат дека ќе нанесе непоправлива еколошка штета на целото подрачје, доколку се изгради, и најавуваат блокади за да се спречи изградбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот