Македонија на смртна постела

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Јазк на другарот Тито што некаде пред осумдесетина години решил „да ни ја даде“. За ние да ја упропастиме и да си играме играчки со неа. Наместо да ја чуваме како најсвето нешто, како зеница во окото и да не дозволиме раска да падне, ние сами „очите си ги ископавме“. За денес да сме слепи, како Самоиловите војници.

Понекогаш имам чувство дека живеам во некоја друга димензија. Просто е неверојатно, невозможно, како ние цел век и половина ги правиме истите тешки геостратешки грешки (култната реченица кажана од страна на поранешниот премиер З. Заев, која се однесуваше на односот на ЕУ кон нас) и не учиме од нив, ама буквално ништо.

Пред некаде приближно сто и педесет години, кога народите на сите соседи околу нас се кренале на востанија за да ја изборат својата политичка и национална слобода и ги уредиле своите национални држави во тој деветнаесетти век во редот на европските нации, ние се уште пијани, неотрезнети, сме оделе на шимшир портите на бабата на Пирин Планина, да ја „питаме“ кои и биле у нив на вечера, дали Гоце Делчев или Даме Груев со нивните чети!

И што можеме да очекуваме од нашата трагикомична историја и целата последователна историска разврска, на еден изграден карикатурален наратив, кога во моментите на создавање на бугарското кнежество, на создадено независно грчко кралство и српска монархија, ние се уште сме ги броеле чавките. И сме ределе тутун в монопол. Го немало тогаш ниту Гоце Делчев, ниту Даме Груев, најмалку пак Тодор Александров со неговата чета, а и кога понатаму во историјата се појавиле, не завршиле некоја голема работа. На пример, создавање автономно кнежество во рамките на етногеографските граници на Македонија, со главен град Солун.

Цел живот ние за се нешто доцниме!

Денеска, по век и половина, пак историски доцниме зад нашите соседи. Дали е тоа некоја причинско-последична закономерност од настаните во минатото, па сега одново ги береме „отровните плодови“ од историските грешки и несреќи навистина не знам, но едно знам: ниту во минатото ниту денеска не знаеме кој пат да го фатиме. Неверојатно е вие постојано да велите, како сведоци со своите очи, демек современици на денешницата, дека пред три-четири децении сте биле „Американци за Бугарите“, а богами и во седумдесеттите, кога сте биле дел од СФР Југославија да велите дека сме биле исти такви „Американци“ и за нашите јужни соседи, Грците.

Јас навистина не верувам во ова, дека доколку било стварно така, но бидејќи не сум жив генерациски таков сведок, не можам да кажам од „прва рака“. Повеќе верувам дека и во Грција и во Бугарија се живеело многу поскромно отколку денеска, а Југославија имала некои привилегии како држава, предводена со „умешно“ балансирање помеѓу западните кредити и источниот систем на „самоуправување“, воден лично и персонално од другарот и маршал Ј. Б. Тито. Како и да е, каде се денеска нашиот источен сосед Бугарија и нашиот јужен Грција во однос на нас, пред сѐ во животниот стандард, во квалитетот на живот и во изградената инфраструктура?

Ако некогаш сте мислеле дека Бугарите кај нас продавале преку граница „чорапогашти, д’вки и д’нки“, да не ги навредам, но и дека Бугарките „се продавале кај нас за две червени“, денес во главниот град на Бугарија, Софија, има најразвиено модерно метро на Балканот, додека ние имаме распаднат јавен ЈСП превоз во Скопје. Додека Бугарија е поврзана автопатски со своите најважни соседи (Турција, Грција и Србија) и постојано гради нови и нови автопатски делници, ние цел еден век градиме педесетина километри автопат од Кичево до Охрид и дури сега, по три децении независност, со „Бехтел и Енка“ ќе почнеме голем инфраструктурен проект на изградба на автопатски делници.

Од друга страна, Бугарите според сите животостандардни параметри за мерење на економската моќ, перформанси и бруто-домашен производ по глава на жител, буквално се двојно побогати од нас, и покрај тоа што просечниот, прост, исфрустриран и искомплексиран Македонец и ден-денес мисли дека тие за нас се „Цигани“ (без навреда за сограѓаните Роми, кои исклучително ги почитувам и премногу посакувам да се интегрираат во нашата општествена заедница како целосно рамноправни граѓани со права и обврски – асоцијацијата беше кажана во „изворна форма“). За јужниот сосед, Грција, нема потреба да говорам за квалитет на животен стандард, инфраструктура, патишта, куќи… Секоја година стотици илјади како полудени одите „надолу“ и гледате со свои очи. И сега, зарем толку не ви пали прегорената сијалица, зошто денес тоа е така? Од небо ли им паднало сето тоа на Грците, а потоа и на Бугарите? Сте слушнале за неповратни еврофондови, грантови во милиони, а во случајот на Грција и на Бугарија милијарди евра за рамномерен регионален развој, земјоделство, инфраструктура и за погранични региони? Или сте неписмени до тој степен, па ни тоа не го знаете? Е па, тие милијарди евра низ децениите, дадени од ЕУ-фондовите, ги овозможија овие работи во двете наши соседни земји, кои триесет години неслучајно го кочат нашиот пат кон организацијата која тоа ним им го овозможи. Не се будали, знаат каде е убавото и доброто и, нели, како наши најголеми душмани, нормално, не нѐ пуштаат таму.

Ако беше ЕУ толку лоша и „само што не се распаднала“, тие не вета, туку со две раце ќе нѐ буткаа насила таму. Ние ѝ веруваме на нашата домашна внатрешна организација, која нѐ плаши дека со внесот на Бугарите во Уставот ќе сме се бугаризирале, одмакедончеле, ќе нѐ асимилирале и слични ми ти глупости, на кои тешко се верува.

Прост народ, упропастена држава!

Кога сето ова ви го цртам, како на мали деца, за да сфатите што ние изгубивме овие три децении со застојот на патот кон нашето полноправно членство во ЕУ и уште колку ќе изгубиме само ако поради една болва (Бугари во Устав), го запалиме целото ќебе (членството во ЕУ и сите придобивки што ги носи тоа), што да ви кажам бе повеќе?! Дека ве жалам што се жалите од вашиот живот во Македонија во овие три децении? Не, воопшто. Дури некогаш и ќеф на душава ми паѓа. Зашто, вие сте си виновни за тоа. Не ЕУ, не нашите „душмани“ Грција, Бугарите или домашните Албанци. Вие си ги гласате и перпетиурате истите политички елити триесет години и потоа истите вие негодувате дека „од ова држава не бидува“. Така е. Не бидува, не бидувала, ниту ќе бидне, некогаш, барем не со овој и ваков памет.

А дека ќе ни дојде друг, чисто се сомневам. Јазк на другарот Тито што некаде пред осумдесетина години решил „да ни ја даде“. За ние да ја упропастиме и да си играме играчки со неа. Наместо да ја чуваме како најсвето нешто, како зеница во окото и да не дозволиме раска да падне, ние сами „очите си ги ископавме“. За денес да сме слепи, како Самоиловите војници. Немаме ни на секои сто еден едноок за да нѐ води.

Затоа, селете се масовно во Хрватска како келнери, готвачи и шанкери, во Германија како градежни работници и во „Мекдоналдс“ како продавач(к)и, што значи во земји на ЕУ, и од таму плукајте по ЕУ, и навивајте од таму за Путин и за Русија во неговата „војна против НАТО“ во Украина. И умрете, ако сакате, на бојните полиња во Украина, секако како припадници на руските одреди, во борбата против „Западот“ во кој или сте веќе иселени или вадите бугарски пасоши за да се иселите. Хаха.

Белким мајка Македонија ќе роди подобри „чеда и синови“, кои ќе ја направат пристојно и достојно место за живеење, за разлика од вас кои ја упропастивте во секој нејзин можен аспект од општественото живеење, дури и како метастазиран канцер иселен/раширен низ земјите во Унијата, која толку многу ја мразите.

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот