Македонија на една година до Олимписките игри 2024: Најголеми очекувања од теквондистите и од борачите

EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Теквондистот Дејан Георгиевски речиси сто отсто е сигурно дека ќе дојде до олимписка норма, смета спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски. Покрај Георгиевски, Богоевски спомена уште неколкумина кои се најверојатни кандидати за да изборат олимписки норми

На крајот на минатите Олимписки игри во Токио, спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски, изјави дека е презадоволен од настапот на нашите спортисти. Најмногу радост предизвика теквондистот Дејан Георгиевски со освојувањето на олимпиското сребро.

Вчера, на една година до стартот на ЛОИ Париз 2024, Богоевски ни изјави дека е прерано да се предвидува дали ќе се повтори успешниот настап на Македонија од Токио.

Квалификациските процеси за настап на ЛОИ 2024 се во тек, па рано е да се прогнозира дури и со колкумина и со кои спортисти ќе настапи Македонија во Париз, но Богоевски издвои неколкумина кои се најверојатни кандидати да дојдат до таа посакувана норма за настап на Игрите.

– Сметам дека Дејан Георгиевски речиси сто отсто е сигурно оти ќе дојде до норма за учество на ЛОИ 2024. Покрај него, квалитетна е и теквондистката Мила Рељиќ, која би можела да дојде до норма. Борачите Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров, како и уште еден или двајца нивни колеги, се реални кандидати за освојување норма. Во оваа група би го споменал и кајакарот Ангел Петрушев, талентиран млад спортист. Секако, имаме и други спортисти од поединечните спортови кои ќе имаат реална шанса во претстојниот период пред ЛОИ 2024 да израдуваат со олимписка норма – вели Богоевски, според кого Македонија треба да има претставници и од атлетиката и од пливањето, кои веројатно би учествувале со вајлд-карти.

Според него не е веројатен настап на Македонија во екипните спортови на ЛОИ 2024.

– За жал не можам да видам дека нашиот олимписки тим ќе има претставници и од екипните спортови во Париз. Шансите за тоа се речиси само теориски – вели Богоевски.

Тој по неодамнешната посета на олимписките борилишта во Париз, е восхитен од напредокот на организаторот.

– Домаќинот напредува одлично и Париз на една година од стартот речиси е подготвен за почеток на Игрите – вели спортскиот директор на МОК.

Инаку, олимписки стипендисти на МОК за ЛОИ 2024 се Георгиевски, Нуров, Егоров, потоа теквондистите Анамарија Георгиевска, Филип Додевски, атлетичарот Дарио Ивановски и стрелецот Борјан Бранковски.

На ЛОИ Токио 2020 Макеоднија имаше двајца спортисти со А олимписка норма, Георгиевски и Нуров. Среброто на Георгиевски беше 14. медал за нашиот спорт од ОИ и највисоко спортско остварување за Македонија од осамостојувањето.

На ЛОИ 2020 во македонскиот тим беа и Јован Стојоски (атлетика), Пулексенија Јованоска (карате), Борјан Бранковски (стрелаштво), Арбреша Реџепи (џудо), Миа Блажевска-Еминова и Филип Деркоски (пливање), кои имаа просечни резултати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот