Македонец стана селектор на женскиот светски шампион

twitter/U.S. Soccer WNT

Македонскиот фудбалски стратег Влатко Андоновски и официјално е назначен за селектор на светскиот фудбалски првак во женска конкуренција, репрезентацијата на САД наследувајќи ја Џил Елис која триумфира на последните две Светски првенства. Со ова се потврдија најавите од неодамна дека тој ќе биде наследникот на Елис и ќе се обиде да ја продолжи доминацијата на Американките во светскиот фудбал.


– Воодушевени сме што го пречекавме Влатко во американското фудбалско семејство. Тој е еден од најуспешните тренери во историјата на NWSL и докажа дека може да им помогне на играчите од светска класа да го достигнат својот максимум. Тој е почитуван од фудбалерките, има добра работна етика и победнички менталитет да ја води најголемата женска фудбалска селекција во историјата во следната ера на успеси – изјави Карлос Кордеиро, претседателот на фудбалска федерација на САД.

Андоновски дебито на селекторската функција ќе го има наредниот месец кога САД ќе игра пријателски натпревари со Шведска и со Коста Рика.

Македонецот во изминативе седум сезони работи во Женската фудбалска лига на САД и веќе во своето резиме има две шампионски титули со тимот на Канзас сити, а во последните две сезони е тренер на Реин ФЦ чиј член е и најдобрата американска фудбалерка Меган Рапино, која неодамна од страна на ФИФА беше прогласена за најдобра.

– Сакам искрено да им се заблагодарам на претседателот на федерацијата, Карлос Кордеиро, на генералната директорка на женската репрезентација, Кејт Маркграф и на директорот на фудбалот на САД, Ерни Стјуарт, за оваа неверојатна можност. Тоа е огромна чест и сум многу возбуден што ќе почнам да работам со оваа вонсериска група на играчи. Горд сум што ќе бидам наследник на сите талентирани тренери и играчи што во минатото ја имаат градено традицијата на извонредни резултати и посветен сум да работам напорно за да продолжам по патетките на нивните успеси – изјави Влатко Андоновски за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на САД.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот