Маалските продавници не смеат да работат ни на празници

Фото: ЕПА/ЕФЕ

Според Општиот колективен договор за приватниот сектор, работа во празник се плаќа дополнителни 150 проценти, според измените во Законот за трговија, пак, додатокот е 100 проценти

Додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100 проценти, за секој час поминат на работа. Ова го предвидуваат измените на Законот за трговија, но од Сојузот на синдикати предупредуваат дека според Општиот колективен договор за приватниот сектор, работа во празник се плаќа дополнителни 150 проценти.

– Колективниот договор уредува поповолно право за работниците, законот уредува минимум под кој не може. Со колективниот договор веќе е уреден повисок износ, така што работниците треба да добијат повеќе пари за недела и за празник – објаснуваат за „Слободен печат“ од Сојузот на синдикати.

Во Прирачникот за вработените, објавен од Центарот за истражување и правење политики, се објаснува дека додатоците се пресметуваат така што основната плата се дели со бројот на работните часови во месецот, па тој износ (плата по час) се зголемува со определениот процент за часовите поминати во прекувремена или ноќна работа. Така се утврдува и дневницата за работа на празник и за недела, затоа што кај нас нема плата по час.

„За работа на ден на празник или неработен ден според Законот, се добива надомест на плата за тој ден, плус плата за извршената работа зголемена за 50 проценти, или сѐ вкупно 2,5 дневници“, пишува во Прирачникот.

Практично, ова значи дека оние што не одат на работа на празник, тоа им е платен ден и си добиваат дневница, а оние што одат, покрај таа дневница добиваат уште една ипол дневница.

– Покрај ограничувањето за работа во недела во трговијата на големо и мало, го ограничивме и работењето на празник. Ниту еден работодавач, освен во наведените исклучоци, покрај тоа што нема да смее да работи во недела, нема да смее да работи ни во празник – велат од ССМ.

Исклучоци во трговијата кога може да се работи и во недела и на празник се: специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност; продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун; продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 квадратни метри; штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела; продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и зелените пазари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот